ВЕЛОСИПЕДОТ ГЛАВНА АЛАТКА ВО МЕРКИТЕ НА СОЦИЈАЛНОТО ДИСТАНЦИРАЊЕ
Како коронавирусната криза го менува урбаниот транспорт, некои градови градат велосипедски патеки и ги оставаат отворени продавницте за велосипеди. Еве зошто има смисла.
Говорејќи во парламентот во Лондон претходно оваа година, Крис Бордман, поранешен олимписки велосипедист и Комесар за пешачење и велосипедизам на Манчестер, рече: „Изберете криза и ќе приметите дека велосипедизмот е решение“.
Тој говорел за климата, здравјето и загадувањето на воздухот, но можел истите зборови да ги употреби и за коронавирусот.
Велосипедот замена за јавниот превоз
Како што зема замав коронавирусот, скоро половина од светското население е под одредена форма на ограничено движење. Во обид да го забават ширењето на коронавирусот, луѓето мора да останат дома, со исклучок на строго ограничените неопходни патувања до работа, за храна, лекови или дневни прошетки за раздвижување.
Сите ние треба да се придржуваме кон ограничувањата за да го доведеме под контрола овој опасен вирус. Верувам дека најдобриот начин да се задржи безбедно растојание од другите кога се движиме е пешачењето и велосипедизмот.
Многу експерти сметаат дека возењето велосипед е безбеден начин да се избегнат гужвите во јавниот превоз, а се чини дека и граѓаните во повеќето големи градови се согласуваат.
Во Њујорк, возењето велосипед се зголеми за 52% во сообраќајот преку градските мостови откако беа воведени протоколите за социјално дистанцирање. Во Чикаго, употребата на Bikeshare двојно се зголеми на почетокот на март. Во Даблин и Лондон, невладините организации им нудат поддршка на новите градски велосипедисти кои за прв пат се појавуваат на улиците со велосипедите.
Возењето велосипед може да им помогне на заедниците кои немаат во близина поголема трговска мрежа до продавниците што се подалеку за прошетка до нив.
Ја забрзува испораката на храна и лекови за домаќинства без автомобил, или за оние кои се ставени во карантин дома. Им помага на луѓето да избегнуваат патувања со автомобили, да го намалат загадувањето на воздухот и да го ослободат јавниот превоз за оние на кои им е апсолутно потребен.
Велосипедски патеки во кризни случаеви
За да се заштитат луѓето што имаат суштински патувања – вклучително и медицински персонал, кои одат на работа – мрежи на велосипедски патеки за итни случаи би можеле да се изградат брзо и евтино, користејќи привремени пластични огради, лесни за инсталирање, како што некогаш го правел градот Севиља.
Населбите со низок сообраќај можат да се поврзат на тие рути, запирајќи ги возачите на кратко што користат сервисни улици со жардинери или паркинг простор, додека им овозможуваат на жителите со велосипед да се движат. За време на кризата и како што ќе се опоравува општеството, оваа мрежа може да ги задржи жителите активни и здрави, таму каде што дозволуваат локалните ограничувања. Исто така, би било слободна да се користи, повредна од кога и да било, во услови на глобално нарушена економија. Откако ќе се помине кризата, заедниците би можеле да одлучат дали да ја задржат новата инфраструктура или не.
Велосипедизмот во функција на градовите за време на кризи или катастрофи
Ова не е првпат градовите да го користат велосипедизмот како решение во принуден случај. Корисноста на велосипедите во обновувањето од катастрофа беше повторно докажана по силните земјотреси во Мексико Сити во 2017 година и Токио во 2011 година.
Пошироката глобална криза – нафтеното ембарго на ОПЕК во 1973 година – понуди уште една можност за употреба на велосипедите. Тој шок во снабдувањето со бензин предизвика сериозен удар врз секојдневниот живот во САД и многу земји од Западна Европа кои беа зависни од автомобили.
Но, во Холандија, каде авто-бумот се случува во педесетите години од претходниот век низ земјата предизвика големи жртви по патиштата и големи јавни протести што помогнаа да се предизвика транспортна револуција. Холандската влада донесе масовна програма за изградба на велосипедски патеки што трае до ден-денес. Сега, скоро 30% од сите патувања на национално ниво се случуваат на велосипед, а градовите се поврзани дури и со велосипеди „автопати“.
Скопје и велосипедизмот
За жал нашата земја во 60-тите и 70-тите години од минатиот век го следеше примерот на Холандија и беше регион каде многу се користеше велосипедот, а изградбата на велосипедската инфраструктура во главниот град, исто така го пратеше тој тренд.
За жал крајот на минатиот век кај нас заврши со докажување на престижот преку автомобилите, тогашната улична инфраструктура можеше да ги прими автомобилите, а властите се ослободија од размислувањето и вложувањето во развојот на велосипедските стази и развој на јавниот превоз.
Последната деценија сме сведоци на рехабилитација на постоечката велосипедска инфраструктура која за жал со годините наназад не се одржуваше, а за проширување на постоечката со нова сигурно ќе почекаме уште една генерација на градоначалници.
Светла точка е зголемената свест кај граѓаните што се препознава преку здружувањето во укажувањата и кампањите на невладиниот сектор како Здружението „На точак“ или неформалните бајкерски здруженија за рекреативно возење како EXPLORE MACEDONIA TOUR .
Како реагираа поголемите градови на пандемијата
За разлика од кај нас, градските челници ширум светот реагираа на различни начини да ги задржат луѓето да се движат во случај на коронавирусот.
Зачудувачки е да се види дека многу влади ја препознаа и ја зголемија вредноста на велосипедот: Богота во Колумбија инсталира десетици километри велосипедски стази за да ги задржи луѓето да се движат додека го подобруваат социјалната дистанца. Градоначалникот, Клаудија Лопез, го опиша велосипедизмот како „една од најхигиенските алтернативи за превенција од вирусот“. Мексико Сити сега размислува за сличен план. Во САД, водачите на Њујорк бараат начини за сместување на нови велосипедисти на улиците и велат дека ќе изградат две велосипедски стази за итни случаи за да ги приклучат сегашните празнини во мрежата.
Дури и ако не градат нова инфраструктура, другите места го штитат правото на велосипедизмот. Минатата недела, федералниот министер за здравство на Германија, Јенс Спан, препорача луѓето да шетаат или да возат велосипед до работа, наместо да користат јавен превоз, бидејќи секаде е тендецијата во оваа состојба да се редуцира или укине јавниот превоз.
Жителите на Амстердам, кои се веќе познати страствени велосипедисти, се охрабруваат да се возат за да останат здрави додека јавните собири се забранети, а постои и наредба за запазување на социјалната раздалеченост за што голем број на велосипедски стази се проширени завземајки по една автомобилска лента.
Во Лондон, градскиот систем за делење на велосипеди е бесплатен за употреба на здравствените работници. Во Њујорк, Сан Франциско, Берлин и дел од САД, на продавниците за велосипеди им е дозволено да останат отворени како давање на основни услуги.
Забрана за рекреативен велосипедизам
За жал, не се сите нации со исто размислување. Франција и Шпанија, двете европски нации погодени од коронавирусот, го забранија рекреативното возење на велосипед во обидите да го задржат ширењето на вирусот. Во Франција, луѓето се ограничени на движење само два километри од сопствениот дом, а не е јасно дали е дозволено возење велосипед за основните патувања. Во Италија е дозволено само возење велосипед за основните патувања, и за физичка активност, сè додека луѓето остануваат на растојание од еден метар. Во Шпанија се казнуваат велосипедисти за рекреативно возење велосипед.
Затоа, пред воведување на мерките во В. Британија, повеќе од 80 експерти за транспорт и јавно здравје потпишаа писмо во кое побараа од Британската влада да дозволи пешачењето и возењето велосипед да продолжат за време на мерките.
Зошто сепак велосипед
Велосипедските и пешачките патеки го прават транспортот поиздржлив и поправеден. Тие се имуни на цените на нафтата и прилично еластични на екстремните временски услови и вируси. Тие не дискриминираат по приход, пол или раса. Тие имаат бесконечно повеќе смисла од улиците што се опфатени со јавно субвенционирано паркирање. Што повеќе, без нив неможеме да се надеваме дека ќе се справиме со другата глобална криза: климатските промени.
Сигурно на крај ќе има нешто позитивно да се извлече од трагедијата на оваа пандемија – средство за промена на начинот на кој патуваме, почист воздух, подобрување на нашето здравје и справување со климатската криза. Тоа е наша можност и треба да ја искористиме.

