ПАНДЕМИЈАТА ГИ МЕНУВА МОДЕЛИТЕ НА ГРАДСКИОТ ПРЕВОЗ

Набљудувачите на многу индустрии тврдат дека пандемијата ги забрзала промените во нивните сектори. Но, дали е точно за транспортот? Во текот на изминатата деценија, градските планери го промовираа јавниот превоз за да го олеснат метежот и да го намалат загадувањето. Меѓутоа, од почетокот на пандемијата, луѓето се одлучуваат за повеќе осамени опции како што се автомобили и велосипеди. Но, уличниот простор е во недостиг во густите градови како што се Њујорк и Париз. Како резултат на тоа, големите градови треба да очекуваат големи промени во начинот на кој луѓето се движат во 2021 година.

Додека вакцината не стане широко достапна или не се најдат подобри третмани, пандемијата ќе ги обликува моделите на превоз. За да видиме како може да се развива патувањето, ги анализиравме податоците за мобилност од Apple, Google и TomTom во десет големи градови. Користењето на јавниот превоз во август, кога случаите на ковид-19 паднаа од нивните првични врвови, остана 40% под неговата норма пред пандемија. Тоа сугерира дека и во 2021 година, додека вирусот останува закана, луѓето сепак ќе претпочитаат независно патување, и покрај напорите да се направи јавниот превоз побезбеден со промовирање на носење маски.

Во Берлин патниците во јавниот превоз кои не носат маски се предупредени на казна од 50 евра со слоганот „Заштитете ги другите, себеси и вашиот паричник “. Собраните податоци сугерираат дека многу луѓе ќе избегнат такви казни со возење на автомобил.

Сообраќајниот метеж во Берлин е 8% над нивото пред пандемијата помеѓу август и октомври. Пандемијата ги зголеми регистрациите на возила во Њујорк. Во секој град што е анализиран, употребата на автомобили е порасната побрзо отколку јавниот превоз и пешачењето. Метежот по улиците ја следи оваа траекторија на повеќето места, иако падот на бројот на туристи ги има ослободено патиштата.

Во последниве години, урбаните жители во развиените земји се оддалечуваат од возење и употреба на автомобил, во корист на јавниот превоз и употреба на други алтернативи. Заострувањето на регулативата, во форма на надоместоци за метеж и емисија на штетни гасови, исто така, ја направи сопственоста на автомобилите помалку атрактивна. Јулија Полисканова од Транспорт & Животна средина, тинк-тенк здружение, вели дека иднината на градските центри е најмалку без автомобили, односно барем да сообраќаат електрични возила. Неодамнешното зголемување на употребата на автомобили може да ги поттикне градовите да ги забрзаат своите планови за забрана на неелектричните возила по нивните улици.

Неколку градови, вклучувајќи ги Атина, Будимпешта, Лондон, Милано, Њујорк и Париз, имаат пешачки улици за да помогнат во социјалното дистанцирање и воведоа нови велосипедски патеки. Многумина планираат овие промени да бидат трајни. Комбинацијата од повеќе автомобили и затворени патишта го зголемува метежот, што ќе им помогне на двајца други конкуренти во трката за простор на улиците: велосипедите и е-тротинетите.

За време на заклучувањата во средината на 2020 година, велосипедите доживеаја пораст на популарноста. Недостигаа нови велосипеди, а жителите на градот кои претходно сметаа дека шемите за споделување велосипеди се превоз за туристите, се премислија. Со неколку посетители наоколу, лондонската шема за споделување велосипеди забележа трикратно зголемување на новите корисници помеѓу март и јули. Велосипедскиот градски „цар“, Вил Норман, вели дека Лондон додаде 40 километри привремени велосипедски патеки. На национално ниво, владата вети 2 милијарди фунти за нова велосипедска и пешачка инфраструктура. Во текот на летото, велосипедскиот сообраќај се обнови на ниво пред пандемијата на многу патни правци во центарот на Лондон, иако канцелариите останаа во голема мера празни. Во 2021 година многу повеќе комјутери ќе се одлучат за педалата.

Најновиот кандидат за улична превласт е е-тротинетот, кој може да се изнајми за минута со помош на апликација за паметни телефони. Стартапите започнаа услуги за тротинети во градовите низ целиот свет, а пандемијата го зајакна случајот за нивно прифаќање. Во Берлин, кој има илјадници е-тротинети, употребата се зголеми кога се ублажија мерките во мај оваа година.

Еден аргумент против е-тротинетите е дека тие се користат за кратки патувања и може да обесхрабрат одење и возење велосипед, но не ги заменуваат патувањата со автомобил. Но, анализата на инрикс, истражувачки аутфит, во 2018 година покажа дека една петтина од патувањата со автомобил во големите американски и британски градови се на помалку од два километри. Половина од патувањата со градски автомобили во Америка, и две третини во Британија, беа пократки од пет километри. Некои критичари велат дека е тротинетите се опасни. Но, податоците од Lime, фирма за изнајмување, покажуваат дека една третина од сите несреќи се случуваат во првите пет патувања, што сугерира дека обуката и практиката можат да помогнат. Пилот шемите за одобрување е-тротинети се започнати во Британија и најверојатно ќе продолжат во Њујорк.

Друг начин да се олесни метежот, се разбира, е да работите од дома. Дури и пред да се појави пандемијата, Токио смисли програма за охрабрување на фирмите да им дозволат на вработените да работат од далечина или да се превезуваат надвор од пиковите со цел да се намали гужвата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *