COSCO ВЛЕГУВА ВО СОПСТВЕНИЧКИОТ ДЕЛ НА КОНТЕЈНЕРСКИОТ ТЕРМИНАЛ ВО ХАМБУРГ

COSCO станува малцински акционер во контејнерскиот терминал Толерорт во Хамбург. Оваа трансакција ќе го зајакне Хамбург како централноевропски јазол за товарниот превоз со Кина, пишува австрискиот портал verkehr.co.at.

Hamburger Hafen und Logistik AG (HHLA) и COSCO Shipping Ports Limited (CSPL) успешно ги завршија преговорите за стратешкото учество на CSPL во сопственост на HHLA Container Terminal Tollerort (CTT). COSCO Shipping Ports Limited ќе има удел од 35%.

HHLA смета дека ова учество е зајакнување на односите со кинескиот партнер, како и гаранција за одржлив план за развој на контејнерскиот терминал Толерорт.

Во моментов поморскиот транспорт претрпува многу силни промени. Затоа долгорочните, сигурни односи со клиентите, како што се оние што ги негува HHLA во стоковиот промет со Кина веќе 40 години, се особено важни, вели Ангела Тицрат, директорка на HHLA.

Првиот кинески товарен брод беше испратен во Толерорт во 1982 година. Оттогаш, овој терминал се разви во значаен центар за транспортните линии на COSCO. Во овој контекст, HHLA и COSCO подеднакво се стремат кон целта за успешно обезбедување на иднината на овој контејнерски терминал и уште поинтензивен развој на кинеските логистички текови во Хамбург.

Жанг Даиу, извршен директор на CSPL, истакнува дека „контејнерскиот терминал Толерорт во Хамбург е важен столб на логистиката во Европа и има многу добри перспективи за развој во иднина“.

Container Terminal Tollerort е еден од трите контејнерски терминали на HHLA во Пристаништето Хамбург. Објектот има четири вези и 14 контејнерски кранови. Меѓу другото, тука се претовараат најголемите контејнерски бродови на COSCO со капацитет од 20.000 TEU и повеќе. Толерорт има сопствен железнички терминал, со пет колосеци, од каде има одлични врски со заднината за да може стоката брзо да се движи на европските пазари, пишува verkehr.co.at.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *