СО БЕРНИНА ЖЕЛЕЗНИЦАТА ОД ШВАЈЦАРИЈА ДО ИТАЛИЈА

Раетинската пруга (Rhätische Bahn) во 1904 година завршува со изградбата на железницата Албула, но отворањето на целосната траса кон Тирано во Ломбардија траело дури до 1910 година, бидејќи требало да се изгради најтешкиот дел од трасата Бернинскиот премин. Првично оваа траса била наменета да се употребува само во летниот период, но веќе во сезоната 1913/1914 година започнала да сообраќа во зимскиот период.

БЕРНИНА
                                                     Вијадукт

Патувањето со Бернина Експрес, најспектакуларниот алпски воз е пријатно искуство, вагоните од прва и втора класа имаат панорамски прозорци кои се високи до покривот, возот е климатизиран, воедно има и можност за купување на храна и пијалоци, а и слободен Wi Fi пристап. Бернина Експрес нуди единствено искуство на патување низ Алпите.

 

Бернина Екпрес е директен воз од Хур до Тирано Италија и обратно. Го поминува прекрасниот кантон Граубинден од север кон југ. Патот од Хур до Тирано е класичен железнички пат, но во летниот период постојат повеќе опции, како на пример Бернина Експрес од Давос и Сент Мориц. Сите возови имаат нешто заедничко, а тоа е преминот Бернина и крајната дестинација Тирано.

Сент Мориц

Патувањето од Хур трае 4 часа, од Давос трае 3 часа и 45 минути, додека трасата од Сент Мориц е најкратка и трае околу 2 часа и 30 минути, но не го вклчува северниот дел на кантонот Граудинден.

Главните станици на оваа железничка пруга се: Хур, Давос, Сент Мориц, преминот Бернина, Поскијаво и Тирано.

Раетинската железница

Железничката пруга на Бернина Експрес, односно Раетинската железница е импресивно дело на железничкото инжинерство, возот се искачува на надморска висина од 2253 метри, а за да го постигне ова изградени се спирални јамки, 55 тунели и 196 моста.

На највисоката точка т.н. Оспицио Бернина, патниците може да го набљудуваат природното опкружување и да се воодушевуваат на Алпите. Делот од железничката линија Тусис – Валпосијаво – Тирано  е прогласен како светско наследство и е заштитен од УНЕСКО.

                                          Оспицио Бернина

Оваа железничка пруга е рангирана како највисока на континетот, со искачување од 7%. Висинската разлика меѓу преминот Бернина и Тирано е 1 824 метри која воедно на патниците им нуди можност во една прошетка да видат глечери и палми. Пејсажот на ова патување е многу променлив, па се простира на високите алпинистички делови кај преминот Бернина до медитеранската глетка на долината Поскијаво кај Тирано.

                                  Долината и езерото Поскијаво

Најдобар период за патување е секој период од годината, зимскиот период дава слика на зимска идила бидејќи пределот е покриен со дебел слој на снег, а летниот период е прекрасен особено во долината Поскијаво која е прекриена со цвеќиња. Но во секој случај пролетниот период може да ве остави без здив, бидејќи како на најубава слика се вклопени снежните врвови на планините и раззеленетите долини.

                       Панорамски вагон во возот

Највисоката железничка пруга на Алпите, не ги поврзува само двете земји Швајцарија и Италија, туку нуди директна конекција на северна и јужна Европа, но и допир на две различни култури и јазици.

Бернина Експрес кој тргнува од Сент Мориц се движи кон исток и ја поминува реката Ин на вијадукт со должина од 64 метри. Потоа поминува низ тунел Чарнадура Тунел 2 – кој е најдолгиот тунел на трасата и изнесува 682 метри. Следната станица е Селерина Штац, која е на најниска надморска висина во однос на Бернинскиот премин. Од оваа станица, па се до највисоката точка на оваа траса, Оспицио Бернина, возот е во постојано искачување.

Потоа доаѓа следната станица Пунт Мурагал Штац па станицата Понтресина и преку станицата Суровас се стигнува до станицата Мортераш од каде се гледа познатиот глечер Мортераш. Следниот дел на патувањето станува интересен, се почнува со мостот Бернибан, на видик доаѓаат малите езера Леј Пикен и Леј Нар и веќе претстои искачувањето до највисоката точка на оваа железничка траса.

                                        Во позадина Леј пиц

Откако ќе се стигне станицата Алп Грум, следната станица е веќе во гранците на Италија и возот започнува да се спушта надолу се до својата следна дестинација во долината Поскиаво, но пред да стигне таму уште еднаш поминува низ Бернинскиот премин. Станицата во Поскиаво е поставена блиску селото на барање на жителите.

Како последно обележје на оваа железница е вијадуктот на Брусио кој е со спирален изглед и служи за израмнување на надморската висина. После граничната станица Кампоколоно возот конечно влегува во Италија и се движи кон главниот плоштад на градот Тирано како негова крајна дестинација.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *