СВЕТСКА БАНКА ОДОБРИ 62.5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА ИНФРАСТРУКТУРА ВО СРБИЈА

Светска банка одобри 62,5 милиони долари за развој на железничката инфраструктура во Србија. Оваа кредитна поддршка ја претставува првата фаза на Проектот за модернизација на железничкиот сектор, вреден вкупно 400 милиони американски долари, што предвидува модернизација на 3.735 километри пруги.

Светска банка и Француската агенција за развој заеднички кофинансираат 50% од првата фаза на проектот, така што вкупната инвестиција на тој дел од проектот ќе изнесува 125 милиони долари.

Железничката мрежа на Србија е значаен ресурс на оваа земја и има потенцијал да има стратешка улога во развојот на целата земја и создавањето нови работни места – изјави шефот на канцеларијата на Светска банка во Србија, Стивен Ндегва.

Тој додаде дека програмата за реконструкција на железницата во Србија, финансирана од Светска банка, ќе го подобри квалитетот на инфраструктурата, ќе ја зголеми безбедноста, ќе ја зајакне домашната и регионалната интеграција, ќе го забрза економскиот развој и ќе го подобри деловното опкружување во регионот.

Обновената и модернизирана железничка мрежа ќе стане клучен дел од трансформацијата на мултимодалниот транспорт во оваа земја, а целата програма е целосно во согласност со планот за пристапување на Србија во Европската унија, вклучително и заложбата на земјата за усогласување со Европскиот зелен договор и стандардите за климатска неутралност со кој се планира намалување на штетните емисии од транспортниот сектор за 90% – изјави Ндегва.

Светска банка проценува дека „додадената еколошка придобивка“ од модернизацијата на пругата во Србија ќе вреди 111,28 милиони долари.

Исто така, се очекува искористеноста на железничката мрежа да биде поголема за 5%, бројот на смртни случаи на железничката мрежа да се намали за 23% и учеството на железницата на домашниот товарен пазар да се зголеми за 10 % во следните десет години.

Вкупно 3,3 милијарди евра се планираат да се инвестираат во железничката мрежа во Србија во текот на следната деценија, што вклучува целосна електрификација на пругите, укинување на ограничувањата на брзината заради состојбата на пругите, зголемување на инфраструктурните капацитети за транспорт на стоки, како и подобрување на управувањето со имотот на железницата.

Оваа очекувана трансформација е клучна за стимулирање на инвестициите и економскиот раст во Србија, намалување на влијанието на климата поврзана со трговските и транспортните активности, како и подобра поврзаност во превозот на патници и стоки – се вели во соопштението на Светска банка.

До каде сме ние?

За жал во нашата држава никако да тргнат работите од мртва точка. Со кревки сили се врши одржувањето на постоечката инфраструктура, новите пруги кон Бугарија и Албанија почнувајќи од 1942 година, па изградбата на пругата до Бељаковце 1952 година, како и стратешкиот проект за поврзување на нашата земја преку Коридорот 8 во 1994 година никако да завршат.

За жал овој тренд продолжува и понатаму и сведоци сме на распаѓање на еден систем кој постои од 1873 година. Оваа година, ЕУ ја прогласи за година на железницата, железничкиот превоз со право го зазеде првото место на еколошки одржлив транспорт, но кај нас се движи во надолна линија.

Да се надеваме дека набрзо ќе започнат пристапните разговори со ЕУ и ќе тргнат позитивни работи да се случуваат со железницата, зошто имаме капацитет, но немаме политичка волја.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *