НАДВОЗНИЦИ НА АВТОПАТИТЕ ЗА ДИВИТЕ ЖИВОТНИ
Сечата на шумите и градбата во речиси недопрена природа доведе многу патишта, пруги и електрични далноводи да навлезат длабоко во живеалиштата на дивиот свет.
Неприлагодени на новото опкружување, со сообраќајници кои ги пресекоа некогаш безбедните пространства, животните често страдаат.
Алтернативните премини направени во такви средини имаат за цел што е можно помалку да го нарушат нивниот начин на живот и да го спречат истребувањето на животните.
Премини за животински свет се градат во форма на тунели и надвозници (за крупниот дивеч), амфибиски тунели и скалила за риби, канали за мали цицачи како што се ежевите и видрите и зелени покриви за пеперутките.
Во принцип, основната задача на овие премини, изградена на места каде што има драстична фрагментација на живеалиштата, е да се спречи судир меѓу животните и возилата. Покрај заштитата на животните, тие се од големо економско значење.
Во САД, истражувањето покажало дека судирите на автомобили со елените, Флоридските пантери и кафеавите мечки предизвикуваат материјална штета на автомобилите од дури 1,1 милијарди долари годишно.
Првиот премин за дивите животни е направен во 1950-тите години во Франција. Оттогаш, голем број на европски земји, како Холандија, Швајцарија и Германија, ја усвоија практиката на градење на овие структури. Денес само во Холандија има над 600 од нив. Истите станаа вообичаени во Канада и во САД.
Денес, најпознатиот премин за диви животни се наоѓа во Алберта, Канада, преку четири ленти од автопатот Транс-Канада, во Националниот парк Банф. Голем број мечки, елени, волци, лосови и други животни минуваат преку него секој ден.
Најважната карактеристика на овие тунели и надвозници е што се посветува големо внимание на дизајнот, што подразбира богато затревнување и пошумување на премините, така што животните да ги препознаваат како свое природно опкружување и да се навикнат да ги користат.
Еден од најинтересните премини во дивината е мостот за верверици кој се наоѓа во американскиот град Лонгвју.




