МИЛШПЕД ЗАПОЧНУВА СО ГРАДБА НА ТЕРМИНАЛ ЗА КОМБИНИРАН ТРАНСПОРТ ВО БЛИЗИНА НА НИШ

Групацијата Милшпед, која преку своето дваесет и седумгодишно работење се покажа како една од водечките логистички компании на Балканот, започна со изградба на интермодален терминал во Поповац во близина на Ниш.

Планирано е работите да завршат до крајот на годината, а терминалот да биде оперативен на почетокот на следната година, изјавија од Милшпед.

Со постојано подобрување на услугите и инвестирање во нашиот бизнис, одиме во чекор со водечките светски логистички компании. Фокусот на логистичарите е да најдат ефикасно, економично и еколошки одржливо решение за транспорт на стоки. Ова може да се постигне со комбинирање на разни видови на транспорт што можат да се организираат на интермодалниот терминал – велат во групацијата Милшпед.

Од таа причина, групацијата Милшпед започна со изградба на интермодален терминал на југот на Србија, во Поповац, сакајќи да обезбеди целосна интегрирана услуга.

Со оглед на локацијата, терминалот е исклучително добро поврзан со сите меѓународни патишта, како и со логистичките и индустриските центри во Србија. Од компанијата наведуваат дека планот е преку овој терминал да се сработуваат и пратки кон Косово, источна Бугарија, С. Македонија иправецот од Ниш кон Грција и Турција.

Како што изјавуваат од групацијата, терминалот ќе се реализира во три фази. Првата фаза ќе опфати изградба на терминал за контејнери, со паркинг и административна зграда, на вкупна површина од 4 ха.

Овој терминал ќе има функција на сув терминал, сличен на сите европски терминали. Втората фаза ќе биде изградба на простор за складирање од 15.000 м2 со внатрешна патека и сите магацини ќе бидат високорегални.

Во третата фаза е предвидена изградба на магацин од 18.000 м2. Терминалот Поповац ќе има три железнички колосеци со вкупно 1000 метри. За атрактивноста на позицијата на терминалот сведочи фактот дека тој се наоѓа на 2 км од автопатот што води кон Белград, Софија и Скопје.

Новитетите што ќе бидат обезбедени во интермодалниот терминал Поповац се: ракување, утовар и истовар на контејнери, ракување со полуприколки и приколки, ракување со опасни материи ADR/RID / IMO, ракување со контејнери со RF и услуги за PTI. Планираниот капацитет на овој терминал е 50 000 ТЕУ.

Отворањето на интермодалниот терминал Ниш и неговото поврзување преку пристаништата во регионот како Бар, Солун и Драч со сите светски пристаништа, ќе придонесе за намалување на надворешните трошоци за транспорт, што ќе ги направи стоките од регионот поконкурентни на пазарите низ целиот свет. Ова дополнително ќе влијае на забрзаното ниво на развој и приливот на странски инвестиции во сите делови на Србија.

Со изградбата на овој терминал, позицијата на Скопје како „Суво“ пристаниште (Инланд терминал) на солунското пристаниште може лесно да биде изгубена, односно сеуште неизграден да стекне голема конкуренција.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *