ДБ ШЕНКЕР ГО ПРЕТСТАВИ ЦЕЛОСНО АВТОНОМНИОТ T-ПОД
ДБ Шенкер го претстави целосно автономниот и електричен камион Т-Под. Тој е создаден при заеднички развој со шведската стартап компанија Ејнрид и е првиот автономен товарен автомобил кој има лиценца за комерцијална експлоатација.
Кај Т-Под не е предвидена кабина за возачот, бидејќи возилото се самоуправува – има автономно ниво 4 и може да се управува од далечина.
„Автономните камиони ќе станат многу важни во логистичкиот сектор. Заедно со Ејнриде, воведовме и други автономни, целосно електрични камиони во нашата деловна мрежа. Тоа е важен момент во трансформацијата кон утрешниот транспортен систем“, изјави Јохан Туј, Извршен директор на ДБ Шенкер.
Во ноември 2018 година, шведската стартап компанија Ејнрид и водечката логистичка компанија ДБ Шенкер започнаа со воведување автономни, целосно електрични камиони Т-под во базата на ДБ Шенкер во Јонкопинг, Шведска. Ова е прва комерцијална операција од ваков вид во светот.
Пред три месеци, шведската транспортна агенција заклучи дека Т-под може да работи во согласност со шведските патни сообраќајни правила.
Т-под има должина од 7 метри и има три оски. Камионот нуди простор за петнаесет евро палети. Според производителот, автономниот електричен камион може да извршува транспорт на релација до 200 километри.