ВЕЛОСИПЕДИЗМОТ ВО БОГОТА: ПРЕДИЗВИЦИ ВО ИНФРАСТРУКТУРАТА, БЕЗБЕДНОСТА И РАЗВОЈОТ НА ВЕЛО-КУЛТУРАТА

Дејвид Униман верува во возењето велосипед. Верува и во градот Богота. Инспириран од вело-културата во Амстердам и Копенхаген, самиот учествува во имплементацијата на развојот на велосипедската култура и нејзината инфраструктура во Богота.

Тој е менаџер во  Одделот за мобилност (the Gerente de la Secretaría Distrital de Movilidad) при градската управа на Богота. Воедно ги ангажира лидерите од велосипедските групи за понатамошен социјален развој. Истовремено вложува напори на едукација за соодвето возење на велосипед.

Покрај овие активности, тој планира и други кои се дел од Plan bici (амбициозен четиригодишен план) на градоначалникот Енрике Пењалоса. Имено целта е да се дуплира бројот на патувањата со велосипед (од 5 % на 10%) до крајот на 2020 година.

Ангажираност на  Одделот за мобилност

„Нашата основна дејност е да ја подобриме градската велосипедска инфраструктура и тоа го правиме на два основни начини. Првиот е изградба на велосипедски патеки, во моментов Богота има 480 километри велосипедска мрежа. А планот е до крајот на 2020 година, тие да се надополнат со уште 200 километри, притоа нашата велосипедска мрежа би била една од најголемите во Америка.“ – истакнува Униман. Потоа додава: „Вториот начин е да го зголемиме бројот на паркинг места за велосипеди, досега го дуплиравме бројот. Се трудиме да создадеме паркинг места за велосипеди по улиците и работиме во новата метро станица да обезбедиме подземни паркинг места.“

Велопаркинг, Богота

Од страна на Одделот за Мобилност се обидуваат да добијат што е можно повеќе јавни паркинг места за велосипеди и тоа го прават во соработка со локалните власти. Иако според Законот на јавни површини мора да постојат вакви паркинзи, многу мал дел од нив навистина постојат.

Следен проект кој што сакаат да го реализираат е во насока на поставување на реконструирани контејнери во кои би можело да се паркираат и по 50 велосипеди. Овие контејнери би требало да се постават на јавни места како што се Parque el Virrey и  Parque 93.

Вело-паркинг контејнер

Одделот за мобилност работи и на координација на останатите иницијативи за подобрување на велосипедизмот во градот. Една од нив е иницијативата за промоција на велосипедизмот во Богота како туристичка атракција.

Поред промоциите, економскиот отсек на Одделот за мобилност води преквалификациска програма која оспособува дел од населението да станат сервисери за велосипеди.

Преку образовниот дел се спроведува програма „Деца во училиште“, каде водич на велосипед ги придружува учениците кои со велосипед одат на училиште.

Сите активности на Одделот за мобилност упатуваат на велосипедизмот како дел од модерниот и интегриран начин на транспорт во градот Богота. Бидејќи го земаат градот Копенхаген како пример, велат дека треба да ја развиваат инфраструктурата од повеќе агли.

Градоначалникот на Богота  ја истакнува важноста на возењето велосипед

Градоначалникот Пењалоса има јасна визија за возењето на велосипед низ градот и воедно сака да овозможи безбедно патување со велосипед, а особено на децата кои на тој начин патуваат до своето училиште.

„На 11. Авенија создадовме  велосипедски патеки на кои децата заедно со своите родители ќе може да патуваат со велосипед сосем безбедно.“ – изјавува Пењелоса.

Уште при првиот негов мандат пред 20 години, велосипедизмот е инкорпориран во неговата визија за Богота. Инспириран е од Холандија и Данска, земји со долга култура на возење велосипед.

На почетокот ова било сосема непопуларна политика кој тој сакал да ја спроведе. Но веќе по 20 години видливи се ефектите, па така денес низ Богота има 700 000 патувања со велосипед на дневна основа. Исто толку колку што има патувања со автомобил.

Енрике Пењелоса, Градоначалник на Богота

Подобрена инфраструктура за велосипедизам и развивање на велo-културата во Богота

Во последниве години е евидентен растот на независни групи кои го застапуваат велосипедизмот. Тие функционираат на различна основа, дел од нив работат со млади лица кои имаат проблем со насилство и агресија и им помагаат на тој начин што младите може да се дружат и спортуваaт со возење велосипед.

Во некои групи членови се жртви на насилство, потоа постојат женски клубови, постојат групи на велосипедисти усогласени со некоја политичка партија итн. Во крајна линија сите се страсни љубители на велосипедизмот и велосипедот го користат како начин на транспорт или како начин на рекреација.

Одржан е конкурс за идеи за подобрување на безбедноста при возење велосипед на ниво на градот Богота. Па така две здруженија добиле финансиски средства од страна на градот за да ги спроведат своите проекти во насока да ја подобрат културата на возење велосипед и притоа да спасат многу животи. Во рамки на овие проекти се едуцираат граѓаните како да користат заштитни шлемови, како да користат рачни сигнали и како правилно да возат велосипед.

Просекот на  жртви – велосипедистикои се возат во една година изнесувал околу 60-мина, но после спроведените обуки оваа бројка е намалена.

Предизвиците на оваа грандиозна идеја за велосипедизам

Предизвиците се огромни, најпрвин треба да се ажурира правната рамка, што би значело да се ревидираат законите во однос на користењето велосипед. Но тоа од друга страна бара планирање, дизајнирање, студии, финансирање итн.

Од практична гледна страна покрај градењето на велосипедски патеки треба да се мисли и на поставување на семафори за велосипеди. Пресеците се најголемата закана во однос на безбедноста на велосипедистите, потоа додавање на ленти на велосипеди покрај коловозите, значи нужно поставување на семафори за велосипеди. Богота планира сосема нов, паметен и модерен систем на семафори, но ќе треба подолг период истиот да се имплементира.

Реализирањето на проектите врзани за велосипедизмот треба да се координираат со големите стратешки проекти во градот, четирите коридори на Трансмиленио, 68th, 7th, Boyacá и  Cali.

 Како велосипедизмот ќе го подобри секојдневието на луѓето?

Користењето на велосипедот како превозно средство на луѓето им заштедува време при патување. Секој човек не го сака возењето на велосипед, но секој човек го сака своето време.

„Јас работам во индустриска зона покрај аеродромот, за да стигнам на работа со автомобил патувам еден и пол час, а со велосипед ми требаат околу 45 минути“ – изјавува жител на Богота.

Да не се заборави фактот дека со возењето на велосипед не се загадува околината.

Дали користењето на велосипед бележи раст во Богота?

Реалноста вели дека има позитивен пораст на користење на велосипед. Помеѓу две истражувања спроведени од страна  на Одделот на мобилност, бројките укажуваат на дефинитивно зголемување на бројот на велосипедисти во градот. Во 2015 година, уделот на велосипедисти во сообраќајот бил 6%, а очекувањата се дека во 2020 година овој процент би пораснал на 10%, односно 1 000 000 патувања со велосипед во тек на денот.

Анкетите сакаат да кажат дека водедувањето на велосипедизмот преставува еден вид на „улична борба“. Претставува предизвик за редистрибуирање на јавниот простор и негово подобрување во насока да стане покорисен и побезбеден за велосипедистите.

Јавниот простор е драгоцен ресурс на секој голем град. Од друга страна сите сакаат широки тротоари за пешаците, рестораните сакаат убави и широки летните тераси, автобусите сакаат сопствени ленти, а возачите сакаат повеќе паркинг места.

Прашањето е како да се одговори на сите потреби, но во меѓувреме урбанизмот еволуира. Па така според Џејн Џејкобс треба да се направи „балет на тротоарите“ со интеракција на пешаци, велосипедисти и сопственици на продавници и кафулиња.

Вистинското прашање гласи: „За што е дизајнирана градската улица? Која е нејзината цел?

Велосипедистите се дел од овој балет како најконтроверзни играчи бидејќи завземаат место од делот каде што се возат автомобилите. Корисниците на автомобили полека стануваат малцинство во Богота, а нивните автомобили завземаат најмногу простор, но тие не сакаат да се откажат од истиот.

Следен предизвик е безбедноста, иако велосипедот само по себе не е опасен. Може да станат опасни велосипедските патеки имајќи на ум дека Богота е град во кој живеат многу богати и многу сиромашни жители.  Опасноста од овој вид на социјална динамика ја потврдува и зголемената бројка на кражби на велосипеди. Ова се организирани групи кои крадат велосипеди, ги менуваат нивните сериски броеви и ги испорачуват во трети земји за продажба.

За овој проблем градските власти соработуваат со полицијата и разузнувачките служби со цел да се намалат кражбите. Па во оваа насока, пуштени се 200 полицајци на велосипеди, постојано да патролираат долж велосипедските патеки.

„Граѓанин со велосипед кој чини 30 $ е подеднакво важен и со граѓанинот кој има автомобил кој чини 30 000 $.“

„Овој период соработуваме и со Светска Банка, за да научиме околу безбедноста на велосипедите. Работиме во таа насока да го минимизираме и крајно да го елиминираме овој проблем.“ – изјави градоначалникот на Богота, Енрике Пењелоса.

На проблемот со безбедноста на велосипедизмот треба и понатаму да се работи макотрпно. Со јасна стратегија и цел ќе се постигне зголемена безбедност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *