ШТО СРЕТНУВАМЕ ВО ИЗБОРНИТЕ ПАРТИСКИ ПРОГРАМИ ВО ДЕЛОТ НА ТРАНСПОРТОТ

Крвотокот на еден жив организам е многу значаен сегмент. Транспортот е крвотокот на едно општество без кој граѓаните и стопанството не можат да функционираат. Тоа најдобро се покажа за време на заштитните мерки од корона вирусот.

Денес ги анализираме изборните програми на двајцата најголеми политички конкуренти во делот на транспортот и инфраструктурата, односно со што се претставуваат пред гласачите во делот на изградбата на транспортната инфраструктура, како и организацијата на јавниот превоз.

Читајќи ги програмите на најголемите политички партии и следејќи ги очекувањата на граѓаните ќе наидете на голема разлика, како да живееме во два различни света.

Имено, цело време граѓаните очекуваат квалитетен транспорт, што подразбира да не е многу брз, но да е точен, а возните средства ( воз или автобус) да бидат безбедни, удобни, климатизирани и чисти. Толку е едноставно, а за сето тоа да се реализира потребно е да се одржува постоечката инфраструктура  и возните средства, редовно и целосно за да бидат во функција на патниците. Нормално е да се стремиме кон подобро, но никако да не се запостави одржувањето на постоечкото.

Партиските програми многу ветуваат, а меѓу граѓаните и медиумите одредени капитални инвестиции во инфраструктурата станаа тема за потсмев. Пругата за Бугарија веќе навлезе во својата 25. сезона на прикажување и ветуваат дека до крајот на наредниот мандат пругата ќе биде завршена, верувале или не.

Тунел од старат пруга кон Бугарија започната со изградба за време на 2. Светска Војна

Инфраструктура

Патна инфраструктура

Двете најголеми политички партии преку поглавјата за инфраструктура најавуваат идентични инфраструктурни проекти:

Автопатишта во должина од 260 километри и доколку ги отстраниме од овој список автопатите кои се во изградба (Кичево-Охрид – 57 км и Скопје – Блаце – 11 км), остануваат 192 километри нови автопатишта.

Се планираат нови експресни патишта во должина од 330 километри и пак ако ги отстраниме патиштата кои се во изградба остануваат нови 164 километри патишта.

Во врска со локалните патишта, и двете партии со програмите имаат опфатено рехабилитација на околу 1000 километри локални патишта.

Во делот со оперативното управување, предвидена е изградба на контролни центри долж Коридорот 10.

Железничка инфраструктура

Пруга Куманово – Бељаковце – Крива Паланка – Деве Баир – Р. Бугарија (изградбата трае од 1994 година)

Продолжување со ремонт на делницата Ногаевци до Неготино (26 км), во вредност од 17,6 милиони евра. (ремонтот на делот Велес- Гевгелија трае од 2010 година)

Набавка и инсталација на опрема за европскиот систем за контрола на сообраќајот – ETCS

Набавка и инсталација на опрема за глобален систем за мобилна комуникација во железницата – GSMR

Едната од двете партии најавува електрификација на пругата Велес – Битола.

Изработка на проектна документација за изградба на пруга кон скопскиот аеродром.

Воздухопловна инфраструктура

Не е предвидена изградба на нова инфраструктура

Водна инфраструктура

Трансформација, реорганизација и правно редефинирање на Капетанијата.

Интермодална инфраструктура

Не е предвидена изградба на нова инфраструктура. Изготвување на проект за изградба на интермодален терминал во близина на Скопје

Велосипедска инфраструктура

За прв пат од едната политичка партија се најавува изградба на регионални велосипедски патеки што е за поздравување.

Транспорт

Во делот на транспортот двете политички партии најавуваат донесување на нов закон за патен сообраќај.

Исто така најавуваат интегриран транспортен систем на јавниот превоз.

Во железничкиот транспорт најавуваат бесплатен интернет во возовите, издавање на електронски билети.

Во воздушниот превоз се најавуваат отварање на нови линии.

Наше видување

Секако ќе забележиме на нереалните предизборни ветувања. Нашата држава во моментот има 242 километри автопати. Истите се градени најмалку 50 години наназад.

Многу е неодговорно да најавите нови 190 километри автопат не сметајќи ги автопатиштата кои во моментот се во изградба како Кичево – Охрид и Скопје – Блаце.

За новите 192 километри автопат кои во просек изнесуваат околу 5,5 мил. $/км ќе треба да се обезбедат околу 1 милијарда американски долари.

Кога ќе ги додадеме и експресните патишта во должина од 164, а нивната просечна цена изнесува околу 3 милиони долари, за нив ќе треба да се издвојат околу 490 мил. долари.

Од горе прикажаното, само за патната мрежа ќе треба да се издвојат околу 1,7 милијарди долари. Ако на оваа сума ја додадеме и потребната сума за железничката инфраструктура за која се обезбедени 70 мил. евра, потребни се дополнителни 300-350 мил. долари за изградба на целосната релација до државната граници со Бугарија.

Грубата пресметка ќе не донесе на 2 милијарди долари потребни за реализација на партиските програми, односно на 500 мил долари годишно.

Ако на ова додадеме дека нашите можности на реализација на капитални инвестиции се движат околу 200 – 230 милиони долари, според досегашните буџетски реализации, можеме да заклучиме дека е утопија 500 милиони долари годишно да се инвестираат во изградба на инфраструктурата.

Во делот на транспортот, приметуваме дека ниту една програма не се занимава со воведување на транспортни мерки во делот на стимулирање на користење на јавниот превоз.

Во делот на патниот сообраќај се најавува новиот закон со кој ќе треба голем дел од потребите на патниците да се решат, започнувајќи од навремените информации, интегрирани билети и слично.

Секако во овој дел ќе треба да се размислува и за легализирање на кар шерингот, како и за воведување на такси превозници по примерот на организација на Убер.

Во железничкиот транспорт и двете програми ја имаат изоставено либерализацијата, што значи понатамошно „тонење“ на овој вид на транспорт. Не се најавува никаква модернизација, ниту проширување на железничката мрежа долж Коридорот 10, освен неговото одржување.

Од возните средства едната програма најавува обновување на возниот парк со 5 нови патнички гарнитури.

Во делот на интермодалниот транспорт ниту една програма не споменува донесување на Закон за комбиниран (интермодален) превоз со кој ќе се разрешат проблемите кои денес можете да ги сретнете во поглед на работењето на терминалите и потребната пропратна превозна документација.

Во воздушниот сообраќај отварањето на нови линии значи и нови субвенции за авио операторот. На последниот тендер на Владата се јави единствениот авио оператор Виз Ер со кого потпиша договор во вредност од 5 милиони евра за периодот од 2019-2022.

Во делот на инфраструктурата добро е што програмите на двете партии се скоро идентични, што значи, ќе има континуитет ва изградбата без разлика која партија ќе биде на власт.

Македонското стопанството ќе почека уште многу години за да добие соодветен транспорт за 21. век. Уште долг период ќе бидеме далеку од европската инфраструктура итранспорт.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.