СЛОВЕНЦИТЕ СО ПРАВО СЕ ГОРДИ НА БЛЕД

Леденичко езеро на 508 метри надморска висина, опкружено со моќни планини, во средина лежи островче со црква, а над него илјадагодишен замок стои на карпата како чувар, слика што останува за паметење. Словенците со право се горди на Блед, а интересно е што споменатиот остров е исто така единствениот вистински словенечки остров!

Блед е омилена словенечка дестинација, препознатлив по погледот на островот со црквата среде езерото, околу кое е настанато ова прекрасно местенце, кое внимателно го „надгледува“ стариот Бледски дворец.

Поради својата планинска клима, езерото Блед некогаш се сметало за здравствен центар, а на езерото имало пријатни места за капење. Езерото нема поголеми природни притоки, се снабдува само со неколку извори. Исто така, постојат и термални извори во североисточниот дел на езерото, кои ги снабдуваат базените на хотелите во Блед.

Блед е атрактивно туристичко место, како во летниот така и во зимскиот период. Езерото е сместено во прекрасна живописна околина, опкружена со планини и шуми. Нуди идеални услови за велосипедизам и планинарење. Патеките се опкружени со прекрасна дабова, борова и брезова шума.

Импресивниот замок на карпата над езерото се наоѓа од почетокот на 11. век, што го прави најстар словенечки замок. Денес, тоа е интересен комплекс каде посетителите можат да дознаат повеќе за историјата на Блед и околината, но и да ја посетат Печатницата, во која е сместена реконструираната машина Гутенберг ( истата како во националната работилница “Свети Наум Охридски” во Охрид) и покажува како се отпечатени книгите во 16. век.

Друго важно обележје на Блед е секако црквата Успение на Марија, сместена среде езерото, на единствениот вистински словенечки остров. Со нејзе е поврзана интересна легенда за Ѕвоното на желбите и Поликсена, како и нејзината вечна љубов кон изгубениот маж.

Гастрономијата на Блед

Во Блед и околината има многу ресторани и селски домаќинства кои имаат разнолика гастономска понуда. Со оглед на живописната природа на самото езеро, особено се привлечни објектите со поглед на езерото.

Така се издвојува Дворскиот ресторан (Грајска реставрација), сместен на највисоко ниво на Бледскиот дворец, кој нуди непобедлив поглед на езерото и околината. Интересно е што со ресторанот управува Високото стручно училиште за угостителство и туризам во Блед, чии студенти таму стекнуваат драгоцено искуство.

                                                                                                                    Бледскиот дворец

Друга одлична локација е Вила Прешерен. Можете исто така да вечерате таму, но повеќето едноставно седат на терасата, веднаш до езерото. Нарачајте го Вашиот омилен пијалок и уживајте во погледот на езерото.

                                                                                                       Вила Прешерен

Се разбира, ниту една посета на Блед не е целосна без да се вкуси нивниот главен специјалитет – бледски кремшнит, односно кремпита или „блејске кремне разине“, како што велат Словенците. Оригиналниот рецепт датира од 1953 година, кога Иштван Лукачевич, главниот мајстор во слаткарата на хотел Парк ја откри добитната комбинација. Сè друго е историја, а до денес, повеќе од 10 милиони кремпити се послужени само во кафаната на хотел „Парк“!

                                        Кремпита на терасата од хотел „Парк“

Тие велат дека тајната лежи исклучиво во природните состојки. На пример, не постои маргарин во бледската кремпита, туку се користи само путер, а освен него се користат брашно, јајца, слатка павлака и шеќер. Секое парче е со димензии 7х7 сантиметри.

Кафаната на хотел „Парк“ се наоѓа на североисточниот дел од езерото, во близина на Туристичкиот информативен центар (ТИЦ). Кремпитите се многу поскапи во споредба кај нас, чинат нешто помалку од три евра, но би било штета да се напушти Блед, а да не ги пробате.

Јавниот превоз на Блед

Возовите кон Блед најчесто не запираат во самиот Блед, туку во соседната Лесце. Станицата се вика Лесце-Блед, а од таму може да земете такси и автобус.

Автобусите на „Алпетур“ возат од железничката станица Лесце до центарот на Блед. Заминувањата се навистина чести, неколку пати на час, а цената е само 1,3 евра за билет од еден правец.

Доколку сте со сопствено возило, а не сте сместени во некои од сместувачките капацитети кои имаат сопствен паркинг, градот Блед нуди неколку градски паркинг зони кои во летниот период знаат да бидат преполни. Цените се движат од 2 евра за час во првата зона за максимално 2 часа паркирање, а во останатите зони цените се поевтини и се движат од 1 евро за час до 5 евра за цел ден.

Како до Блед?

До Блед имате на неколку начини да дојдете, со авион, автобуски или сопствен превоз.

Авионскиот превоз е секојдневен и го оперира Адриа ервејс на релација Скопје – Љубљана и обратно. Од аеродромот во Брник до Блед можете да ја користете редовната автобуска линија во организација на Арива и цената на билитетот чини 27 евра. Друг аеродром кој може да се користи е аеродромот во Венеција до каде од Скопје оперира нискобуџетната компанија Виз Ер. Од таму имате редовен автобуски линии за Блед при што патувањето трае 7,5 часа, односно  3,5 часа до Љубљана. Цените на билетите се околу 20 евра во еден правец.

Од Скопје преку Љубљана можете да патувате до Блед со автобуски превоз кој трае околу 17 часа, а цената на билетот во еден правец чини околу 50 евра.

За на крај ја оставивме варијантата со сопствено возило при што треба да поминете 1016 километри и во зависност од автомобилот, патувањето би ве чинело околу 120 евра во еден правец.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *