РЕКОРДЕН РАСТ НА КОМБИНИРАНИОТ ТРАНСПОРТ ВО 2021 ГОДИНА

Во текот на вториот квартал од 2021 година, европскиот сектор за комбиниран транспорт порасна за 23,43%, во споредба со истиот период во 2020 година, кога се случија првите блокади и ограничувања поврзани со пандемијата, пишува транспортниот магазин railfreight.com.

Иако се чини дека високите цени на нафтата одиграа улога во зачувувањето на корисничката база на секторот стекната за време на пандемијата, јасно е дека комбинираниот транспорт е генерално на нагорна траекторија: во првиот квартал од 2021 година, оствари раст на прометот од 3,17%, додека во целата 2020 година беше постигнат раст од 6,77% во споредба со претходната година.

Копнениот европски интермодален транспорт е составен дел од комбинираниот транспортен сектор и колку е поголем неговиот раст, толку се подобри севкупните резултати. Иако регионалниот транспорт е важна ставка, во овој сегмент може да се направи најзначајната разлика – интерконтиненталниот комбиниран товарен транспорт.

На пример, интерконтиненталниот интермодален транспорт помеѓу Европа и Кина порасна за 31% во текот на 2020 година. Овој раст носи инвестиции и нови интермодални терминали во Европа, го зајакнува комбинираниот транспортен сектор и остава долгорочна трага која е веќе видлива и ќе биде уште поинтензивна во наредниот период.

Како што истакна Меѓународната унија за патен и железнички комбиниран транспорт (UIRR), останува клучно за Европа да создаде оптимална регулаторна средина за поголем раст во комбинираниот транспорт. Пакетот Fit for 55 е смел чекор во оваа насока, а комбинираниот транспорт веќе нуди докажано решение за овие потреби, смета Унијата.

Учесниците на пазарот веќе постигнуваат 65-70% намалување на емисиите на СО2, менувајќи ги сопствените ланци на снабдување од исклучиво патен кон комбиниран транспорт. Транспортот со електрифицирана железница и употребата на електрична механизација за претовар, во комбинација со употреба на електрични камиони кај услугите во првата и последната милја, може да гарантира дека комбинираниот транспорт без јаглерод ќе може да стане секојдневие во рок од една деценија – наведува UIRR, пишува railfreight.com.

Пакет Fit for 55

Климатскиот план на ЕУ подразбира намалување на емисиите на штетни гасови за најмалку 55% ​​до 2030 година. Пакетот Fit for 55 е збир на предлози за ревизија и ажурирање на законодавството на ЕУ и започнување нови иницијативи за да се осигура дека европските политики се во согласност со климатските цели договорени од Советот и Европскиот парламент.

Комбинираниот превоз кај нас

За жал сеуште сме надвор од случувањата. Законот за комбиниран превоз и поред неколкугодишните забелешки во годишнитe извештаи на ЕУ, не е донесен. Моментално во UIRR од РС Македонија регистрирана е само компанијата Каргобокс Логистикс од Тетово која располага со околу 10 интермодални единици и не може да „излезе“ на крај со конкуренцијата поради нерапноправниот однос.

Имено, сите останати регионални играчи на овој транспортен пазар добиваат субвенции од националните влади, додека нашиот превозник останува без поддршка иако претходната недела организираше извоз со железнички интерконтинентален комбиниран товарен транспорт помеѓу РС Македонија и Кина.

Климатските промени почнуваме секојдневно да ги чувствуваме и прилагодувањето на обновливите извори на енергија, како и зголемувањето на обемот кај интермодалниот транспорт е тренд кој што ќе треба да го пратиме во иднина.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *