РАЗЛИКА ПОМЕЃУ КАРГО ОСИГУРУВАЊЕ И ЦМР ОСИГУРУВАЊЕТО
Поради проблемите во однос на интерпретацијата на осигурување на стоката (Карго осигурување) и осигурување од одговорност на превозникот (ЦМР), доаѓа до различно разбирање на овие два вида осигурувања.
Голем број од вклучените страни во функционирањето на надворешно – трговската размена како на пример: организаторите на превозот, застапниците на товарот, увозници, извозници, не се доволно информирани или воопшто не се запознаени со ризиците кои постојат како на пример оштетување или губење на пратката во патниот сообраќај.
Основа за осигурање на стоката (КАРГО) во патниот транспорт се одредува со помош на паритетот на испораката (Incoterms), преку разграничување на точката и моментот на преоѓање на ризикот од продавачот кон купецот на стоката, врз основна на купо – продажниот паритет.
Осигурувањето од одговорност на превозникот покрива исклучиво штети, за докажана субјективна одговорност на превозникот, по меѓународната Конвенција ЦМР за патниот превоз и не претставува никаков автоматизам за признавање на штетата направена на стоката.
Во случај на оштетување или губење на пратката во патниот превоз постои обрвска за докажување евентуалната одговорност на превозникот и таа обрвска паѓа на терет на сопственикот на стоката, што во крајна смисла резултира со долготраен и неизвесен процес.
Осигурување на стоката (Карго осигурување) има јасно дефинирани ризици кои се осигуруваат, по принципот „Numerus Clausus“, додека при осигурувањето од одговорност на превозникот по ЦМР Конвенцијата, осигурувачите во предвид ги земаат сите чинители и околности врзани за штетните случувања при одлучување за правото за надомест.
„Судската пракса во делот за водењето на вакви спорови во нашата држава е на стојалиште дека во случај на кражба на цело возило со стоката или со делот од стоката која што ја транспортира, доколку е паркиран на обележан паркинг и прописно е обезбеден, превозникот нема никаква одговорност за штетата“.
Од ова произлегува дека ако превозникот се придржува до одредбите на ЦМР Конвенцијата, потоа до Договорот за превоз и јавно – правните прописи, во случај на штета на стоката или губење на пратката, не постои никаква основа да се бара одговорност за настаната штета од страна на превозникот.
Осигурување од одговорност на превозникот (ЦМР), на месечно или годишно ниво е десет пати поефтино отколку Карго осигурувањето, па така по ниедна економска логика, не може да претставува заштита на интересот на сопствениците на стоката чиј што превоз се врши.
Постои суштинска разлика помеѓу осигурување на стока и осигурување од одговорност, како две потполно различни осигурувања, но сепак доаѓа до голем број на недоразбирања , спорови и штети кои најчесто се на грбот на сопствениците на стоката која што се транспортира.
Предметната ситуација е причина за настанување на спорови или раскинување на односи на организаторите на превозот/превозниците со осигурителните компании, при што превозниците ја осигурале дејноста по ЦМР, но во случаи кога настанува губење или оштетување на пратката согласно претходно опишаните услови, осигурителните компании рестриктивно одбиваат исплата на штетата или влегуваат во спорови свесни дека сопственикот на стоката нема да може да ја докаже кривичната одговорност на превозникот.
Врз основа на осигурувачката пракса, сите наведени информации не се однесуваат само на моменталаната ситуација на земјите во балканскиот регионот туку ја опишува целокупната ситуација во рамки на Европска Унија. Па заклучокот е дека во зависност од договорениот паритет по Incoterms, осигурување на стоката со помош на Карго полисата е единствен начин да се заштитат интересите на сопственикот на стоката.