ПРОТЕСТИ, НАФТА, АКЦИЗИ – КАКО ДО ПАРИ КОГА ГИ НЕМА

Нафтата на превозниците им претставува трошок, на трговците производ од кои имаат профит, а на државата даночна ставка за полнење на буџетот.

Да почнеме со ред, денес на протест излегоа членовите на Асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните трговски друштва МАКАМ–ТРАНС поради зголемување на акцизата на дизел горивото кое на последната промена на цената на енергенсите од страна на РКЕ на ден 27.4.2020 година немаше влијание за зголемување на цената од претходната состојба (од пред 2 недели), напротив, цената на нафтата забележа повторно намалување како тренд на светската цена.

Поводот на протестот беше зголемување на акцизата, но причината е распределбата на даночните средствата од оваа ставка, од која одредена група на превозници немаат никаков повраток.

Со појавата на коронавирусот и донесување на мерките за справување од страна на државите, границите низ Европа целосно се затворија за меѓународниот патнички превоз, а кај нас со воведување на временските и територијалните ограничувања во движењето скоро целосно замре и внатрешниот патнички превоз, односно се сведе на некој оддржлив минимум.

Кој го врши јавниот патнички превоз

Во нашата земја јавниот патнички меѓуградски превоз го вршат:

  • железницата во државна сопственост која го субвенционира патничкиот превоз преку покривање на јавната патничка услуга. Субвенциите за студенти и пензионери привремено се укинати и
  • автобуските превозници во приватна сопственост кои ги одржуваат редовните меѓуградски линии со минимален број на поаѓања и меѓународните линии кои во моментот не функционираат.

За железницата секако се грижи државата -сопственик и во никој случај нема да дозволи да се намали бројот на вработени ниту ќе престане со обврската за покривање на јавната патничка услуга преку која се финансира и железничкото инфраструктурно претпријатие.

За жал автобуските превозници се тие кои во моментот немаат никаква помош и со моментот на зголемување на акцизата ги погодува односот на државата кон нив, како што некои од нив денес изјавија „за едни мајка, за други маќеа“.

Бројот на патници е драстично паднат и бројот на сегашните линии што ги одржуваат се нерентабилни, односно има мал број на патници.

Повеќето земји каде автобускиот превоз е доста застапен, како кај нас, а за тоа говорат податоците од Државниот завод за статистика, во 2019 година со автобускиот превоз се превезени 6,5 милиони патници наспроти  550 илјади со железничкиот, се погрижија директно да ги помогнат овие компании за да го извршуваат јавниот превоз.

За жал кај нас за овие транспортни компании не сме слушнале дека примаат директна помош од државата, а сепак согласно доделените линии должни се да извршуваат минимум превоз со максимална искористеност од 50% на капацитетите, што значи само еден човек на две седишта.

И да не заборавиме дека секогаш ја имаат нелојалната конкуренција од страна на „дивите“ превозници кои секако најлесно се прилагодуваат на настаната состојба.

Во товарниот превоз функционираат комерцијалните цени, но мора да се напомене дека со појавата на пандемијата трговската размена меѓу земјите се сведе на најнеопходната стока за широка потрошувачка и медицински материјали.

Првичните показатели говорат за намалување на товарниот превоз за 30%, а да не заборавиме дека многуте административни и гранични бариери кои не постоеа, го успорија превозот и ги зголемија трошоците.

Нафтените деривати и акцизата

Од друга страна ја имаме и трговијата со нафта за домаќинства што денес станува голема непозната бидејќи во овој век влеговме во борба против климатските промени, субвенционирање на изворите на обновлива енергија, субвенционирање од страна на општините за промена на нашинот на загревање на домаќинствата, исфрлување од употреба на фосилните горива, а ние нафтата за домаќинства ја продаваме со 50% пониска цена од нафтата за возила.

Најголемиот парадокс се случува кога како антикризна мерка се зголемува акцизата за нафтата, а во  исто време не може да се укине продажбата на екстра лесното масло или цената да се изедначи со дизел горивото.

Говориме за „црвената“ нафта која содржи десет пати повеќе ППМ сулфур од дизел горивото, што значи дека е исклучително голем загадувач на животната средина и во скоро сите европски земји е исфрлена од употреба.

Полнење на буџетот

И на крај Владата секако треба да најде начин да ја балансира приходната страна на буџетот што драстично паѓа во второт тромесечје.

Скалестото димензионирање на акцизата секако на долг рок ќе ја одредува неговата висина во зависност од продажната цена на нафтата и претставува некакво решение, но сепак треба да се најдат и други начини на полнење на приходната страна, поготово во време кога имаме дејности што прават големи профити, а други не можат да работат.

Не верувам дека превозниците се финасиски погодени од покачувањето на акцизата кога во исто време цената на нафтата падна, но третманот кој го добија во нашата земја, заедно со логистичкиот и трговскиот ланец го остави отворено прашањето зошто со одредени потези државата не ги „призна“ поред медицинскиот персонал, како наши херои во ова кризно време.

За на крај

Не е лесно и едноставно денес да возиш камион при што не можеш  секаде да застанеш, имаш предвидени релации за возење, конвои, секаде си сомнително лице, преносител на вирус, а многу често и подложен на зараза.

На многу начини и многу примери низ светот поедини влади допринесоа во наградите на овие сектори кои се носители во ланецот на снабдување кој ни е неопходен во ова кризно време.

Кога во Германија сопствениците на превозните компании и трговските ланци решија со бонуси да ги наградат своите работници, Владата веднаш излезе со мерка дека истите пари нема да ги даночи.

Кога автобуските и железничките патнички превозници излегоа со барање кон британската влада за национализација на компаниите, истата утврди спасувачки фонд и овие месеци во целост го покрива минималниот патнички превоз низ државата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *