ПОСТИГНАТ НАЧЕЛЕН ДОГОВОР ЗА ОТШТЕТА ПОРАДИ БЛОКАДА НА СУЕЦКИОТ КАНАЛ
Претставник на сопственикот и осигурител на гигантскиот товарен брод што го блокираше Суецкиот канал во март денес изјави дека е постигнат принципиелен договор со управата на овој воден пат во спорот околу обештетувањето, пренесува Ројтерс.
Во тек се активности за што е можно поскоро финализирање на договорот за порамнување, а аранжманот за ослободување на бродот Ever Given ќе се реализира откако ќе бидат завршени потребните формалности, изјави Фаз Пермохамед од компанијата Стан Марин, пренесува Ројтерс.
Гигантскиот контејнерски брод „Евер Гивен“ е закотвен во езерото меѓу двата дела на каналот од 29 март, кога беше поместен откако беше заробен во каналот шест дена, блокирајќи го минувањето на стотици бродови и нарушувајќи ја глобалната трговија.
Управата на Суецкиот канал (СЦА) бараше 916 милиони американски долари отштета за да ги покрие трошоците за деблокирање на водниот пат, нарушување на угледот на компанијата и губење на приходите, пред да ја намали потребната сума на 550 милиони долари.
Јапонскиот сопственик на Евер Гивен, компанијата Шои Кисен и нејзините осигурителни компании го оспорија барањето на администрацијата на Суец и задржувањето на бродот, што беше извршено по наредба на египетскиот суд.
Адвокатот на каналот Суец, Халед Абу Бакр, пред неколку дена, на судското рочиште поврзано со притворот на Евер Гивен, рече дека сопствениците на бродот дале нова понуда за обештетување и дека преговорите траеле до саботата.
Стен Марин, кој ги застапува сопствениците и осигурителите, рече дека преговорите биле водени „повеќе од 15 дена во продолжени, долги и мачни, но позитивни работни сесии“.
– За време на преговорите, доставивме предлог за кој веруваме дека ги исполнува сите барања на СЦА – се наведува во соопштението, со додавање дека деталите ќе останат доверливи.
Претседателот на СЦА претходно изјави дека Шои Кисен понудила да плати 150 милиони долари. Пресудата на судот требаше да биде објавена во недела по неколку одложувања, но Стен Марин објави дека побара прекин. Извори од судот изјавија дека случајот е одложен за да се овозможи „мирно решение“.
Извор: Reuters