ОСНОВНИ ПРОИЗВОДИ ЗА ШИРОКА ПОТРОШУВАЧКА СЕ БЛОКИРАНИ ПО ГРАНИЦИТЕ ВО ЕВРОПА
Некоординираното затворање на границите во Европа ја става во опасност доставата на основните производи. Ова го предупредуваат повеќе транспортни компании.
Во моментов, има неколку километарски редици од камиони долж границите, заради зголемените мерки поради коронавирусот, а нивното поминување може да трае со денови.
Ситуацијата динамично се менува од час во час, а недостатокот од единствена европска он лајн платформа преку која ќе се обезбедуваат ажурирани информации за тоа што се случува во реално време го комплицира транспортот.
Затоа, на предлог на Бугарија, следната недела треба да се одржи вонреден совет на министрите за транспорт на ЕУ. Едно од прашањата што ќе се дискутира е обезбедување на транзитни коридори без да чекаат возилата кои превезуваат основни производи се со цел да нема празни полици во продавниците.
Од ЕК за транспорт ја потврдија информацијата и изјавија дека таков состанок треба да се одржи во среда преку видео конференција.
Затворени граници
Ширењето на коронавирусот во Европа доведе до зголемена контрола на границите и формирање на километарски редици од камиони. Бидејќи повеќе земји воведуваат карантини, гранични контроли и здравствени проверки, товарниот транспорт е под поголем притисок за успешно исполнување на достава на пратките.
Во моментот, единствената затворена граница е помеѓу Словенија и Италија и преку нејзе не поминуваат никакви возила.
Тешко е да се премине словенечко-хрватската граница, каде камионите чекаат во просек од 18 – 20 часа.
Според информациите кои пристигнуваат, најголемата опашка е на границата помеѓу Италија и Австрија на преминот Бернер во правец кон Австрија. Пред неколку дена, редот на камионите бил околу 70 км, а сега се спуштил на 30 км. Причините за застојот се засилените мерки на обработка на камионите при влез во Австрија. Потребни се документи за видот и потеклото на стоката и за тоа како биле натоварени на камионот. Возачите, пак, поминуваат низ задолжителен термички скрининг.
За поголем проток, Австрија ја прекина саботната забрана за сообраќај преку Бренер. Станува збор за ограничување што важи само во зима за тешки товарни возила, од 7:00 до 15:00 часот секоја сабота. Според шефот на тиролската влада, Гинтер Платер, имало огромен сообраќаен метеж на границата со Италија. Платер потенцира дека суспендирањето на забраната е да се одржи стабилно снабдување со производи. Утрешната утринска забрана за сообраќај за камиони требаше да биде последна во оваа зимска сезона.
Сепак, ве потсетуваме дека забраната за сообраќај од 15:00 часот во сабота до недела во 22:00 часот е сè уште во сила.
Ограничувањето се однесува на трактори со приколки со GVW на тракторот или приколка над 3,5 тони, камиони, возила со GVW кои надминуваат 7,5 тони.
Бидејќи повеќе земји воведуваат карантини, гранични контроли и здравствени проверки, товарниот транспорт е под поголем притисок за успешно исполнување на пратките. До денес Унгарија, Шлезвиг-Холштајн и Саксонија ја прекинаа забраната за сообраќај за време на викендот за камиони да им помогнат на превозниците и на целиот ланец на снабдување.
Унгарското Министерство за иновации и технологија во четвртокот вечерта објави дека е запрена забраната за сообраќај за тешки товарни возила во Унгарија. Суспензијата е на сила се додека не биде отповикана.
Пристап до информации
Ако одлучите да патувате со автомобил, потребно е однапред да се информирате, бидејки не се гарантира непреченото патување поради ситуацијата која динамично и брзо се менува, предупредуваат превозниците.
Најкомплетните информации за кои граници се отворени ги дава сајтот trans.info. Сепак, податоците таму не се во реално време, но се ажурираат во текот на еден временски период.
Алтернативно, можете да ги следите информациите на веб-страницата на Макам Транс, или на фб страната на меѓународниот сојуз на возачи од Бугарија каде возачите самоорганизирано ги доставуваат и ажурираат податоците.
За состојбата на патиштата и граничните премини во Словенија можете да се информирате преку www.promet.si

