НАЈАВИ ЗА ГРАДБА НА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ КОРИДОР 10
Српската министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ, најави дека следната година, покрај модернизацијата на брзата железница од Белград до Будимпешта, ќе започне и изградбата на брзата железница Белград-Ниш.
– Ова е инвестиција со проценета вредност од две милијарди евра, ќе работиме со кинески партнери кои имаат големо искуство на вакви проекти. Ова не е само поврзување на градовите, туку е регионално поврзување, бидејќи не постои поважен главен коридор од Коридорот 10 – изјави Михајловиќ.
– Со завршувањето на овие проекти, ќе станеме многу поконкурентни од Коридорот четири, кој поминува низ Романија и Бугарија. Мораме да правиме многу работи паралелно, да ги задоволиме основните потреби, но и да останеме во чекор со современите технологии.
Железничката пруга од Белград до Ниш е долга 240 километри, а се планира по завршувањето на проектот, возовите тука да развиваат брзина до 200 километри на час.
Во припрема пругата Ниш-Прешево (граница со РС Македонија)
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека Србија ќе започне преговори со европски и руски партнери за реконструкција на железничката пруга Ниш-Прешево, затоа што, како што потсети, многу е важно „да се има целосна нова железничка пруга до границата со Северна Македонија“.
Ниш-Прешево е една од најстарите железнички линии во Србија во рамките на Пан-европскиот коридор 10, а неодамна беше објавено дека Европската унија ќе ја финансира документацијата за проектот за реконструкција на овој дел.
Од наша страна нема никаква најава, барем за припрема за изградба на нова модерна двоколосечна пруга на Коридорот 10 кој претставува основен транспортен крвоток на нашата држава.
Остануваат тековните одржувања и некои мали модернизации кои нема да влијаат во пропусната моќ и брзината на пругата.
За жал, мора да се потсетиме, во нашата држава во овие триесет години од независноста до денес не се изградени ниту еден километар нова пруга која е пуштена во функција.