ЗОШТО МАДРИД Е СОВРШЕН ГРАД ЗА ОДМОР?

Дома постои премолчен договор секоја година да одиме на најмалку две патувања надвор од границите. Со оглед на тоа што бевме на одмор во Шпанија, решивме да го искористиме времето и за прошетка на Мадрид.

Мадрид целосно ме плени при пристигнувањето на железничката станица Мадрид Атоха. Во 9 наутро е невозможно да се видат гужви на улиците и тротоарите, додека  во 9 часот навечер едвај ги поминувате улиците од река луѓе. Кафулињата и рестораните се полни (да најдете слободно место е бинго), сите уживааат, пијат, мезат, јадат и едноставно уживааат во животот.

Главната улица Гран Виа ни беше околу десет минути пешачење од сместувањето, а со својата архитектура нè потсетува на Менхетен. Грандиозните згради, во кои најчесто се наоѓаат брендирани продавници, се права шопинг мека за колони на луѓе. Zara, Pull & Bear и Bershka на секој чекор, но исто така и големиот Primark, како и бројни веледрогерии и продавници како Sephorа, Urban Decay и многу други.

Храната во Мадрид

Сепак, најголемата атракција во Шпанија е храната. Незаменливата паеља во ресторанот Месон Де Дон Карнал. Порцијата за две лица беше сосема доволна за нас. Шпанците ги сакаат специјалитетите од морска храна, и можете лесно да се прилагодите, а доколку сте љубител на истата,  речиси секој ден може да јадете различни вкусни деликатеси.

Не одолеавме ниту на тапасите што не ги добивате во рестораните бесплатно. Затоа една вечер решивме да ја посетиме улицата Calle Cava Baja и ресторанот Ла Чата каде што можете да јадете вкусни јадења кои се поделени во 6 менија за четворица и изнесуваат вкупно од 30 – 45 €. Но, доколку сте навистина гладни едно мени најубаво да го поделат двајца.

Прошетки низ Мадрид

Со цел да ги изгориме калориите што „без пардон“ ги внесовме, секојдневно пешачевме колку што можеме. Прошетките во паркот Buen Retiro е нешто што не треба да го пропуштите, а особено посетете ја Кристалната палата. Исто така, постои можност за изнајмување чамец за веслање, но искрено, водата повеќе делуваше како мочуриште, така да тоа романтичното попладне го прескокнавме.

Една од најдобрите препораки што ги добивме беше посетата на кровот во приватната галерија del Circulo de Bellas Artes. Терасата на покривот има поглед на целиот град, а истовремено одмарајќи на лежалките можете да пиете кафе и да уживате во погледот.

Ако не сакате да плаќате за влезница, прекрасен поглед на градот можете да имате од ресторанот во стоковната куќа Ел Корте Инглес кој се наоѓа на последниот кат. Во стоковната куќа можете да најдете се, од сувенири за едно евро до Шанел чанти и останати брендирани производи.

Две ноќи по ред, поминавме во квартот Маласања, која е полна со уметнички галерии, антикварници и целосно тематски уредени кафулиња и клубови. Овој кварт може да се спореди со Монмартр во Париз, но со повеќе хипстерски стил. Има кафуле што е уредено како плажа, ресторан кој е во индустриски стил со посвета на Black Keyes на ѕидот и многу останати тематики.

Стадионот Сантијаго Бернабеу, на кој игра кралскиот фудбалски клуб Реал е вистински фудбалски храм за 81.000 гледачи. Клубскиот музеј е меѓу најпосетуваните во Шпанија. Инаку сите атракции во Мадрид не може да се видат пешки бидејќи градот е исклучително распространет, со долги авении, а поради густиот сообраќај најдобро е да се движите со изнајмен велосипед по уредените велосипедски патеки.

Цени

Пред да заминеме во Мадрид, многу пријатели не плашеа со цените, но сепак бевме пријатно изненадени. Храната и пијалоците во рестораните и кафулињата се малку поскапи отколку кај нас. За ручек земавме дневно мени (цените се движеа меѓу 10 и максимум 15 евра по лице), во кое ви е вклучено предјадење, главно јадење, десерт или кафе и еден пијалок.

Многу малку шпанци знаат англиски, но тоа не им предизвикува проблем, бидејќи ќе се обидат со раце и нозе да ви објаснат што е во понудата, како келнерот кој трчаше како птица во ресторанот обидувајќи се да објасни дека главно једење на менито е препелица.

Како до Мадрид?

Од Скопје или Охрид не постои директен лет за Мадрид. Ви остануваат опции за лет со едно попатно застанување или да летате од друг аеродром.

Доколку користите нормална авиокомпанија најевтини летови можете да имате со Ер Србија преку Белград но долго транзитно време, околу 9 часа. Со останатите компании цените се поскапи, а и транзитните времиња се движат од 9-11 часа.

Доколку сепак сакате да полетате од Скопје и да користите ниско буџетна компанија, врската можете да ја остварите во петок и понеделник преку аеродромот Рим Чампино. Директен лет можете да остварите преку аеродромот во Софија. Подолу во табелата можете да ги видите врските

[table id=7 /]

Јавен превоз

Најголемиот град во Шпанија е дом на безбеден, чист и ефикасен јавен превоз. Едно патување за јавен превоз во Мадрид нормално ќе ве чини помеѓу 1,50 и 2 евра. Но, доколку почесто ќе гокористите јавниот превоз, размислете да го земете билетот за 10 патувања и може истовремено неколку лица да го користат. Овој билет чини 12,20 евра и може да се користи во сите превозни средства.

Една од најчестите употреби на јавниот превоз во Мадрид меѓу посетителите е да се стигне од центарот на градот до аеродромот и обратно. За среќа, постојат неколку опции за тоа.

Од железничката станица Атоха и Плоштадот Plaza de Cibeles до аеродромот сообраќа Airport Express автобус. Автобусот вози на секои 15-20 минути во текот на денот и на секои 35 минути во текот на ноќта (ноќниот автобус не оди до Аточа, само Cibeles). Во автобусот има многу простор за багаж и седишта. Билетите се 5 евра и можете да го купите во самиот автобус. Застанува и на секој од терминалите на аеродромот. Ако одите од аеродромот во градот, оваа опција исто така е достапна.

Можете исто така да стигнете до аеродромот со метро или градската железница-cercanías. Доколку се превезувате со метро, користете ја линијата број 8 (розовата линија), која започнува од Nuevos Ministerios. За овој правец постои посебна аеродромска цена, така што билетите чинат нешто повеќе од нормално возење. Доколку се возите со воз, користете ја линијата C1, која започнува од станицата Príncipe Pío. За ваша информација, возот застанува само на терминалот 4, па затоа доколку користете некои од другите терминали ќе треба да користете автобус.

Мадрид е апсолутно град за уживање на опуштен шпански начин, но во голем урбан амбиент. За разлика од Барселона, не е толку полн со туристи , но ја има потребната доза на шарм и автентичност која те освојува на прв поглед.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *