ЗОШТО ДА ГО ПОСЕТИТЕ БЕРЛИН

Ако некој европски град има интересна приказна, тогаш тоа е Берлин. Пребогата историја, многу пресвртници, издигања и падови, слави и понижувања, како да се појавуваат на секој чекор.

Но, Берлин е многу повеќе од историските остатоци, тоа е град каде во претходниот век архитектите имаат добиено максимална слобода во обнова на градот, а нивното „игралиште“ од урнатини се има претворено во вистински модерен град кој е одлично прилагоден со традицијата.

Што да посетите во Берлин

Рајхстаг – Reichstag

Една од најчестите дилеми кои ги мачат туристите е – што е Рајхстаг, а што Бундестаг? Бундестаг е долниот дом на германскиот парламент и највисоко законодавно тело во Германија, а Рајхстагот е берлинската зграда во која е сместен Бундестагот од 1999 година, односно по спојувањето на источна и западна Германија и враќањето назад на Бундестагот од Бон.

Рајхстагот е изграден 1894 година како дом на истоимениот парламент на Германското царство. Градењето е започнато во 1884 година по нацрт на Пол Валот, кој победил во конкуренција од 200 идејни решенија. Зградата била голем архитектонски успех, пред се благодарејќи на челично-стаклената купола, модерна во тоа време. 

Во 1990 година довршена е обновата за Рајхстагот, под архитектонската палка на славниот Норман Фостер, со главна цел обнова на стаклената купола.

Денес куполата можете бесплатно да ја посетите, но потребно е претходно да се најавите. Од врвот на куполата имате прекрасен поглед на градот, а можете да погледнете  мала изложба. Стаклата се поставени така што во текот на денот во пленарната сала влегува природно светло, а куполата овозможува и природна вентилација.

Регистрација за посета може да се изврши преку интернет на веб страната www.bundestag.de

Бранденбуршка порта

Најпознатиот градски симбол е најдобриот сведок на Германија, па така и на берлинската историја. Портата е градена по нарачка на прускиот крал Фредрих Вилхелм II, а градењето траело 3 години – од 1788 до 1791 година.

По завршувањето на Втората светска војна, портата припаднала на источната страна, одма до границата со западниот дел на Берлин, па така во 1961 година Берлинскиот ѕид е изграден на неколку метри од портата. Симболот на мирот станал симбол на германската поделеност се до падот на ѕидот во 1989 година.

Пред него, од западниот дел на Берлин, во 1987 година американскиот претседател Роналд Реган го одржа својот славен и често цитиран говор во кој на советскиот претседател Горбачов му порача: „Генерален секретаре Горбачов, ако сакате мир, ако сакате напредок на Советскиот сојуз и источна Европа, ако сакате либерализација, дојдете пред оваа порта! Господине Горбачов, отворете ја оваа порта! Господине Горбачов, срушете го овој ѕид!“

Чекпоинт Чарли – Checkpoint Charlie

Летото во 1961 година беше многу драматично за Германците. Охрабрени од заминувањето на голем број жители на запад во потрага по подобар живот, советските власти одлучиле да го поделат Берлин. Во средината на август затворена е границата и започнува градбата на ѕидот.

Оттогаш преминувањето од едниот во другиот дел на градот е можен само со посебна дозвола на неколку одредени премини, од кои најпознат бил контролниот пункт Ц – Checkpoint Charlie. Бидејќи се работи за трет премин кој е изграден, а нивните имиња започнувале со првата буква од американската абецеда ( А-Алфа, Б-Браво), третиот премин е наречен ‘Checkpoint C‘ или популарно Чекпоинт Чарли.

Денес преминот е тргнат, но можете да ја погледнете стражарската куќичка и славната плоча за напуштање на американскиот сектор ‘You are leaving the American sector‘. Одма до контролниот пункт се наоѓа и кафулето Café Adler, најпознатото собиралиште на новинари и шпиони за време на Студената војна. Поради тоа кафулето често можеме да го видиме во многу криминалистички и шпионски филмови, а кај Чекпоинт Чарли сниман е филмот со Џемс Бонд, Октопуси од 1983 година.

Веднаш до преминот се наоѓа и музејот ‘Haus am Checkpoint Charlie‘ (www.mauermuseum.de) посветен на описи и прикажувања на бегства од исток на запад. Многу реквизити користени за бегство, меѓу кои се некои различни возила или мали подморници, сочувани се во музејот, при што можеме да кажеме дека Haus am Checkpoint Charlie е прав споменик на фантазии на жителите на Источна Германија. Цената на влезниците изнесува 14.5 €, а за студенти 9.5 €.

Берлинска катедрала (Berliner Dom)

Берлинската катедрала е најголема градска црква и седиште на протестантската црква во Германија. Таа со нејзините облици со доминантна купола е една од најпризнатите берлински симболи.

Интересно е дека Берлинската катедрала никогаш не била катедрала во вистинска смисла на зборот, бидејќи бискупот никогаш немал свое седиште. Имено, католичкиот бискуп има седиште во Катедралата Св. Хедвиг, додека протестантскиот бискуп има седиште во црквата Св. Марија.

Редовната цена на влезниците изнесува 7.00 €, додека за студенти и ученици 5.00€. Доколку сакате и аудио-водич ќе треба да доплатите 3.00 €.

Јавен превоз во Берлин

Берлинскиот јавен превоз е одлично организиран, сигурен и релативно евтин. На располагање ви се подземната У-Бан (www.bvg.de) и надземна  С-Бан железница (www.s-bahn-berlin.de), како и автобускиот и трамвајскиот превоз. Преку сајтот на ВББ можете да обезбедите интегрирани билети за целокупниот јавен транспорт. Имате можност билетите да ги купувате и преку мобилната апликација на која треба претходно да се регистрирате.

Цената на билетите е доста различна во зависност од должината на важење (едно патување/дневна/3 дена/неделна/месечна) и должината на релацијата ( доколку поминувате до 3 станици можете да земете билет за кратко патување).

Мрежата за јавен превоз е поделена на три зони, а повеќето туристи зоната Ц ја користат само за аеродромот Шенефелд или посета на Потсдам. Една од големите предности на берлинскиот јавен превоз е одличниот ноќен превоз.

Евтини летови за Берлин

Доколку патувате од Скопје, во деновите вторник, четврток и сабота со Виз Ер имате директни летови во двата правца и тоа започнувајќи од 2.07.2019 авионите од Скопје ќе полетуваат во 19.30, а ќе слетуваат во 21.50. Додека полетувањата од Берлин Шенефелд се во 22.25, а во Скопје слетуваат наредниот ден во 00.45 часот.

Сместување во Берлин

Берлин изобилува со бројни сместувачки објекти, а цените би можеле да се карактеризираат како умерени, дури и поволни за град со големо значење и популарност. Најголемиот дел од објектите се наоѓаат во поранешниот западен Берлин, првенствено во и околу Курфурстендам – Kurfürstendamma (Ку’Дам – Ku’Damm), централните улици на тој дел од градот.

За да сте во поволно сместување не мора да бидете во центарот на градот. Евтини хотели можете да најдете и малку подалеку од центарот на градот, а добро организираниот превоз ќе ја надополни разликата.

Берлин е туристичка, но и бизнис метропола, и постојат многу периоди во годината кога е тешко да се најде слободно сместување. Причина се бројните саемски манифестации, фестивали и други големи настани.

Општо земено, повеќето туристи се присутни во топлиот дел од годината, приближно од почетокот на април до крајот на октомври, и особено во текот на летото, кога благодарение на убавото време е многу подобро за посета на Берлин отколку во текот на студениот дел од годината. Сместување може да пребарувате преку сајтовите на Booking и Airbnb.

Шопинг во Берлин

Берлин, за разлика од многу европски метрополи, нема одредена зона во која сите познати модни брендови или дизајнери се концентрирани, туку продавниците, центрите и стоковните куќи се „расфрлени“ низ целиот град.

За шопинг-прошетка најприкладна област е Курфурстендам (Ку’дам), позната берлинска авенија, која мнозина ја сметаат за берлински Елисејски градини. Таа продолжува до Тауенцинштрасе (Tauentzienstraße), и таа област се совпаѓа со центарот на поранешниот западен Берлин, па затоа не е изненадување што таму има многу продавници.

На крајот од Тауенцинштрасе е KaDeWe, легендарната берлинска стоковна куќа, најголема во Германија и втора по големина во Европа, веднаш по лондонскиот Хародс. KaDeWe е кратенка за „Kaufhaus des Westens“ („Стоковна куќа на западот“), отворена во 1907 година.

Освен KaDeWe, во тој дел постојат бројни стоковни куќи, како што е Peek & Cloppenburg. Исто така до стоковната куќа има четири продавници на H&M и две продавници на Zarа. Покрај бројните продавници во самиот Ку’дам, интересни продавници може да се најдат на околните улици, па така можете да најдете нешто интересно во секоја улица.

Ако немате време и сакате повеќе трговски центри на едно место, тогаш одете на Александерплац – Alexanderplatz, каде што има дури три – Алекса, Галерија Кауфоф и Ди Мите. На овој плоштад ќе најдете продавница на C&A и Примарк.

Изборот е разновиден,а локацијата е идеална за одмор по прошетка и разгледување од Бранденбуршката порта до телевизиската кула (Fernsehturm).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *