ДХЛ (DHL) ГИ ЗАПРЕ ИСПОРАКИТЕ ЗА АМАЗОН ФРЕШ (AMAZON FRESH) ВО ГЕРМАНИЈА

Дојче Пост ДХЛ повеќе нема да доставува свежа храна во Германија за „Амазон“, бидејќи побарувачката за услугата што е лансирана во 2017 година е разочарувачка, изјави портпаролката во средата.

Продажбата на храна е клучен дел од стратегијата на врвниот светски интернет продавач, особено после купувањето на американскиот ланец Whole Foods во 2017 година, но неговата „фреш“ услуга, започната во 2007 година во Сиетл, растеше многу побавно од остатокот од бизнисот.

Портпаролката го потврди извештајот во германската трговска публикација „Лебеншмител Цајтунг“ дека ДХЛ ја прекинува соработката со „Амазон Фреш“, додавајќи дека остатокот од својата деловна активност со „Амазон“ не е под никакво влијание.

„Пазарот за нарачана свежа храна преку интернет досега е далеку зад очекувањата. Поради оваа причина и сложеноста на целиот процес, значително ги намаливме нашите активности во оваа област“, изјави таа.

Портпаролот на Амазон одби да коментира, нагласувајќи дека „Фреш“ услугата добила позитивни повратни информации во Германија, втор по големина пазар на Амазон надвор од САД.

Интернетската продажбата на храна се зголемува побавно во Германија отколку во многу развиени пазари, делумно заради големата густина на продавниците со ниски цени како „Алди“ и „Лидл“. Во 2018 година, електронската трговија сочинува околу 1,2 проценти од продажбата на храна во Германија, според здружението за малопродажба ХДЕ.

Извор од компанијата изјави дека клиентите на Амазон Фреш нема да бидат засегнати од овој потег на ДХЛ. Амазон гради сопствена мрежа за испорака во Германија, независна од големите играчи на логистика како Дојче Пост ДХЛ.

Претходно овој месец, Федекс Корп (FedEx Corp) соопшти дека ќе го прекине договорот со „Амазон“ за испораки по земја на мали пакети, затоа што интернет продавачот станува поголема закана отколку клиентите, со проширување на сопствената мрежа за испорака со авиони, камиони и комбиња.

Извор: Reuters

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *