ДСВ Е ЗАИНТЕРЕСИРАН ЗА КУПУВАЊЕ НА ШЕНКЕР?

Данскиот логистички оператор ДСВ Паналпина преговара за купување на уште еден гигант – ДБ Шенкер, пренесува trans.info, повикувајќи се на извори на ТСЛ.

Исто така, Менаџер магазин минатата недела објави дека Дојче Бан размислува да го продаде својот логистички сектор во септември, по општите избори во Германија. Според овој магазин, вредноста на трансакцијата може да биде помеѓу 8-10 милијарди евра. Аналитичарите велат дека таквата состојба е исклучително ретка и дека другите играчи нема да имаат друг избор освен да влезат во преговори за аквизиција.

– Ако ДБ Шенкер навистина се продава, дали ДСВ би гледал на сето тоа од страна? Ова е можност еднаш во животот. Значи, дури и ако постои голем ризик, Јенс Бјерн Андерсен не може да си дозволи да го пропушти тоа. Сепак, ситуацијата воопшто не е лесна – изјави за Shipping Watch Мортен Холм Енггард, аналитичар од Јиске банка.

Кога станува збор за аквизиции, ДСВ е многу активен во последните неколку години. Оваа година, Групацијата потпиша договор за купување на Глобална интегрирана логистика од кувајтската логистичка група „Агилитет“, а договорот се проценува на 4,2 милијарди долари. Пред две години ДСВ се спои со Паналпина од Швајцарија, а спојувањето вредеше 4,6 милијарди долари. Претходно, во 2015 година, ДСВ  ја купи американската компанија Uti Worldwide, пишува trans.info.

Германски dvz.de наведува дека проценетата цена од 8-10 милијарди евра би одговарала на 50 до 60% од годишниот обрт на Шенкер и од 11,3 до 14,1 пати од оперативна добивка (EBIT).

Сметаме дека истражувањето за преземање на Шенкер е позитивно и кохерентно со стратегијата за раст на компанијата ДСВ-Паналпина – коментира Ситибанк во писмото до своите клиенти. Со овој договор ДСВ ќе стане како еден од двајцата водечки лидери на пазарот во шпедицијата во авио и поморскиот сектор. Но, сè уште е неизвесно дали Шенкер воопшто ќе биде на продажба (и во колкава мерка). Досега немаше изјави за тоа, напротив, раководството на компанијата потенцираше дека ДБ сака да го задржи овој сектор.

„Шенкер придонесува за железницата во Германија и затоа не треба да се продава“, потврди извршниот директор на ДБ, Ричард Луц, пред само неколку дена, пишува dvz.de.

Извор: trans.info

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *