ДЕСЕТТЕ НАЈВИСОКО РАНГИРАНИ ВЕЛО-ГРАДОВИ

Како што се менуваат трендовите, велосипедот како превозно средство одолева на промените и останува да го држи приматот на наједноставно превозно средство. Велосипедот зрачи со неговата едноставна употреба, ефикасност при превоз, практичен и најсигурен превоз низ урбаната џунгла.

Многу градови при нивната градба ги имплементираат велосипедските патеки како дел од нивниот патен крвоток. Преку секојдневно поддржување на велосипедот како превозно средство се подобрува урбаната живост.

Во прилог ќе ги преставиме напорите, предизвиците и проблемите на десетте највисоко рангирани градови каде велосипедот како превозно средство го има приматот кој му припаѓа.

Рангирањето е извршено според  Copenhagenize Index во 2019, кој ги рангира светските урбани центри во однос на тоа колкав е степенот на промоција на велосипедот како превозно средство. Истражувањето е холистичко и сеопфатно, при кое се опфатени 115 града и се користени 14 параметри  кои се фокусираат врз амбицијата, културата и дизајнот на улиците.

Копенхаген

Бројките најлесно ја преставуваат вистинската слика на градот, па така 62%  од луѓето се движат со велосипед за да стигнат до своите крајни дестинации (на работа или на училиште). Вкупните километри кои се поминуваат со помош на велосипед изнесуваат 1.438 735 километри на дневно ниво. Инвестициите кои го овозможуваат движењето со помош на велосипед низ градот изнесуваат 45 американски долари по глава на жител.

Копенхаген – København

Изградени се четири моста исклучиво за велосипедисти, потоа постојат околу 225 километри велосипедски патеки. Но градските власти не застануваат тука туку продолжуваат да работат на подобрување на инфраструктурата за велосипедизам.

Евидентно е дека победуваат политички субјекти кои излегуваат на избори поддржувајќи го велосипедизмот како опција за превоз, а додека губат оние кои се насочени кон употреба на автомобили.

Амстердам

Холандската престолнина постојано се обидува да го одржи велосипедизмот како традиција, па така градот објави нов  амбициозен план до 2022 година, каде фокусот е насочен кон подобрување на паркингот за велосипеди и подобрување на постојната инфраструктура за велосипеди.

Амстердам – Amsterdam

За да се намали сообраќајниот метеж, во градот постојано се зголемува бројот на велосипедските патеки, се проектираат улици со мала брзина на движење на автомобилите и се редизајнираат раскрсници за да се обезбеди поголема сигурност за велосипедистите.

Крајната цел е градот да го врати приматот на најдобар велосипедски град и да го заземе првото место до 2050 година.

Утрехт

Како и останатите холандски градови, Утрехт има модерни велосипедски патеки со повеќе ленти и велосипедисти со високо ниво на вело-култура.

Градот навистина импресионира со многубројни иницијативи и политичка волја во насока на постојано подобрување на велосипедизмот како опција за превоз. Властите во овој град го наметнуваат велосипедот како примарно превозно средство на сметка на автомобилите, со крајна цел за двојно зголемување на велосипедистите до 2030 година.

Утрехт – Utrecht

Истотака постои тенденција на прилагодување на велосипедските патеки и за туристите и за мештаните. Но сепак мора да се поработи и на зголемување на бројот на паркинзи за велосипедите, иако постои огромен паркинг простор кај централната станица, во крајна линија тој не може да ги задоволи се поголемите потреби за паркинг на велосипеди во центарот на градот.

Антверпен

Преку визионерски пристап, стручна експертиза и помош од страна на локалните власти, градот Антверпен се фокусира на подобрување и проширување на својата велосипедска мрежа. Целта е да се подобри истата со подобри пресеци, постоење на велосипедски семафори и ограничување на брзината на автомобилите до 30 км/ч на 95% од улиците низ градот.

Во градот се проширија паркинзите кои постојат на сите железнички станици, но се работи и на инфраструктура за велосипедски автопати за да се поврзе пошироката околина околу Антверпен.

Антверпен – хол. Antwerpen – фр. Anvers

Од 2014 – 2018 година, бројот на велосипедисти пораснал од 29% на 33%, со мало мнозинство на поголем број на учество на жени во овој вид на превоз.

Градските власти треба да поработат на приоритизирањето на велосипедизмот како начин на превоз во однос автомобилот во кој само едно лице патува. Воедно треба да се поработи и на безбедноста на велосипедистите имајќи ги во предвид бројот на смртни случаи на велосипедисти кои се случени со автомобили или камиони.

Стразбург

Стразбург одамна го има признанието на град на велосипедисти во однос на останатите француски градови.

Новата стратегија за велосипедисти во градот се фокусира врз напорите за поттикнување на појава на нови велосипедисти, модернизирање на постојната велосипедска мрежа, проширување на велосипедските автопати кои го поврзуваат градот на регионално ниво и искористување на потенцијалот на товарните велосипеди.

Стразбург – Strasbourg

Треба да се истакне дека властите треба да ја поддржат стратегијата за велосипедизам и подобро да ја финансираат.

Бордо

Како град се обидува да го поддржува велосипедизмот како превозна опција. Во таа насока е забрането движење на историскиот мост  Pont de Pierre bridge со автомобили, па така превозот со велосипед е зголемен за 20%.

Бордо – Bordeaux

Во градот има силна политичка волја да се одбере велосипедизмот како одржлива опција за превоз за сметка на возењето на автомобили. Таквата визија лоаклните власти сакаат да ја одржат и подобрат  во иднина.

Проблемот во градот Бордо е што нема унифицирана инфраструктура за велосипеди, што може да ги збуни корисниците. Во градот постојат 32 километри вистинска велосипедска патека и 100 километри обоена велосипедска патека.

Осло

Главниот град на Норвешка дава пример за сите градови кои за себе сметаат дека се премногу стрмни и со ридови опколени градови за да станат велосипедски градови.

Во 2017 година, локалните власти направиле храбар потег со поставување на забрана за движење со автомобили низ центарот на градот, Потоа вложуваат значителни финансиски средства за смирување на сообраќајот во градот, отстрануваат над 1 000 паркинг места за автомобили и овозможуваат патеки за пешачење и возење на велосипед.

Осло – Oslo

Иако градот постојано додава црвено обоени велосипедски патеки, остануваат премногу незаштитени коридори со многу намалена безбедност и сигурност за корисниците на велосипед.

Сепак градот треба да продолжи во насока се повеќе да станува пријателски настроен град кон велосипедите.

Париз

После долги години каде автобусите и велосипедите ја користеа истата коловозна патека, направен е чекор напред така што во Париз конечно се градат специјални велосипедски патеки.

Соочени со ривалски настроената опозиција, локалните власти забележуваат импресивни резултати во однос на употребата на велосипеди, па така во градот скоро 30%  од мештаните го користат како превозно средство. Но мора да се акцентира и фактот дека се повеќе деца и млади лица го користат велосипедот како превозно средство.

Париз – Paris

Иако се градат нови велосипедски патеки, треба истовремено да се обрне внимание и на премините преку раскрсниците и да се допрецизираат двонасочните велосипедски патеки. Потребна е едукација на жителите на Париз во однос на велосипедизмот и поголема поддршка за употреба на велосипедот како превозно средство.

Виена

Виена – Wien

Австриската престолнина се истакнува со мноштвото иновативни и конструктивни напори од страна на локалните власти и покрај скромните инвестиции во однос на велосипедската инфраструктура. Но сепак останува отворено прашањето за користење на иста лента од страна на автобуси, такси возила и велосипедисти.

Хелсинки

Со амбициозна цел да има најдобар одржлив транспорт, финската престолнина е на прав пат да стане лидер на северот за велосипедизам, со над 1.300 километри велосипедска патека и 20 километри велосипедски автопат.Но сепак постојат проблеми особено во делот на финансирањето кои би можело да ги успори поставените цели на градот до 2025 година.

Хелсинки – Helsinki

Употребата на заштитни кациги е на високо ниво, но со доаѓањето на зимата употребата на велосипедот како превозно средство многукратно се намалува иако во крајна линија не исчезнува.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *