РЕКОРДНИ ЦЕНИ НА ПАТНИОТ ТРАНСПОРТ ВО ЕВРОПА
Третиот квартал од 2021 година е петти по ред во кој има пораст на цените на транспортот во Европа, се вели во најновиот извештај на Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ). Споредено со вториот квартал од 2020 година, растот е околу 4%.
Индексот на европскиот патен товарен бенчмарк достигна 107,6 во третиот квартал од 2021 година, што е за 3,0 поени повеќе од истиот период минатата година. За прв пат во изготвувањето на бенчмарк извештајот заедно со IRU учествуваа аналитичарите од Transport Intelligence (TI) и Upply.
Низ Европа, цените достигнаа историски највисоки нивоа, под влијание на различни фактори: силен економски раст, тесни грла во глобалниот синџир на снабдување, зголемени оперативни трошоци и оскуден капацитет.
Бидејќи малопродажниот и производствениот сектор доживеаја нагло зголемување на побарувачката, недостигот на капацитет се повеќе станува карактеристика на европскиот пазар за патен транспорт. Ова е особено изразено во Велика Британија, каде недостигот на квалификувани возачи на камиони доведе, меѓу другото, да се испразнат полиците на супермаркетите и голема гужва на пристаништето Феликстоу.
Недостигот од работна сила во оваа област, се разбира, не е ограничен само на УК – според анализите на IRU, недостигот на возачи на камиони во Шпанија би можел да достигне 10,2% во 2021 година, во споредба со 7% во 2020 година. Се проценува дека сегашниот недостиг во Франција изнесува меѓу 40.000-50.000 возачи и расте, а 65.000 бозачи во Германија.
Дополнително, до крајот на третиот квартал имаше значително зголемување на трошоците во Европа. Според Ti и IRU, цените на дизелот во Германија се за 38,5% повисоки од третиот квартал во 2020 година, додека во Велика Британија (+ 26,6%), Шпанија (+ 25,2%), Франција (+ 23,5%) и Италија (+ 20,6%), исто така, забележаа значително зголемување.
Според ИРУ, цените на превозот се очекува да продолжат да растат дополнително во четвртиот квартал од 2021 година, бидејќи побарувачката се зголемува, а капацитетот останува ограничен.