ЕВРОПА СЕ ЗАГРЕВА ЗА ЛЕТНИТЕ ОДМОРИ, НО ЌЕ ТРЕБА ДА ПОНЕСЕМЕ КОВИД СЕРТИФИКАТ
Австрија и уште дванаесет други земји на ЕУ се согласија за седум критериуми за создавање на пасош што треба да ги олесни патувањата на туристите ова лето, јавува австриската национална телевизија ОРФ.
Клучни факти
- Комесарот за правда на ЕУ, Дидие Рејндерс, во вторникот пред пратениците изјави дека патничкиот сертификат на ЕУ ќе овозможи безбедно патување и ќе важи се додека Светската здравствена организација не ја прогласи за завршена пандемијата од Ковид 19.
- За разлика од таканаречените „Ковид пасоши“, предложениот дигитален зелен сертификат на ЕУ кој ќе се чита преку уникатен QR-код, ќе содржи доказ дека лицето е целосно вакцинирано против оваа болест или ќе покаже дека лицето поседува неодамнешен негативен резултат од тестирање или прележал Ковид-19.
- Рејндерс пред парламентарниот комитет на ЕУ изјави дека авиокомпаниите ќе можат брзо да ја проверуваат валидноста на сертификатот за време на пријавувањето и да се избегнат било какви долго проверки при бордингот.
Европскиот парламент, кој исто така мора да се согласи со предлогот пред да стапи на сила, треба да се усогласи до крајот на овој месец, а завршните разговори меѓу пратениците, националните пратеници и извршната власт на ЕУ се очекува да започнат во мај.
Земјите на ЕУ работат паралелно за да обезбедат „дека се потребни неопходни технолошки решенија“, се вели во одлуката на ЕУ27, така што новите дигитални или хартиени сертификати ќе можат да се стават во употреба откако ќе бидат одобрени.
Договорот на земјите-членки вклучува одредби против дискриминација кон оние кои не можат или не сакаат да се вакцинираат и дозволува преку тестови да се докаже закрепнувањето.
Додека земјите-членки ќе бидат обврзани да ги признаваат вакцините одобрени од ЕУ, одредени ЕУ земји исто така ќе може да издадат сертификати кои ќе ги покриваат руските Спутник или кинеските вакцини Синовак кои се одобрени само на нивна територија.
Другите земји на ЕУ сами ќе одлучат дали да го прифатат сертификатот што се однесува на вакцина која не е одобрена од регулаторите на ЕУ.
На покана на Австриската министерка за туризам Елизабет Кестингер, Бугарија, Хрватска, Кипар, Данска, Франција, Германија, Грција, Италија, Малта, Португалија, Словенија, Шпанија и Австрија најпрво разговараа за воведување на ковид сертификатот на 29 март. Две недели подоцна, 13 членки на ЕУ се согласија дека треба да се воведе сертификат за корона најдоцна до јуни, со што ќе се олесни патувањето пред крајот на пандемијата.
Податоците за здравјето на индивидуалните граѓани нема да бидат испратени до централизирана база на податоци на ниво на ЕУ, туку ќе се чуваат само во земјата-членка. Покрај олеснувањето за време на туристичката сезона, целта е да се постигнат прекугранични договори меѓу соседните земји, пренесува ОРФ.