ОД УТРОВО ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СООБРАЌАЈ НА КОРИДОР 10 ВО ЗАСТОЈ
Утринава околу два часот во правец од Куманово кон Скопје, после патниот премин кај месноста Черкези во Куманово, излизга од пругата меѓународен товарен воз кој во еден дел од вагоните превезувал котури со лим. При излизгувањето, откачени се околу 10 вагони и причинета е материјална штета на 200 метри од железничката инфраструктура, како и врз вагоните и стоката.
Во недостаток од независно истражно тело за кое веќе неколку години не опоменува ЕУ преку извештаите за напредокот на земјата, интерната иследна комисија е на лице место и највероватно во текот на утрешниот ден ќе излезат со соопштение за првичните причини и висината на настаната штета, како и за потребното време да се нормализира железничкиот сообраќај на овој потег.
Од денес меѓународниот патнички воз од Белград за Солун и обратно веќе на две делници ќе ги превезува патниците со автобус. Покрај делот Гевгелија-Солун и обратно, исто така на потегот Скопје-Табановци-Скопје додека не се нормализира сообраќајот, трансферот на патниците ќе се врши со автобус.
Застојот ќе се почувствува во меѓународниот транзитен товарен превоз, како и во увозно-извозниот превоз на стока кон север кој ќе треба да побара алтернативни патишта или камионски превозни средства.
Многу коментари деновите ќе слушнеме, но секако, овие несреќи за среќа без човечки жртви, ќе не потикнуваат да размислуваме што е тоа што железничкиот сообраќај, последните години е доведен на маргините во неговото функционирање.
Железничка инфраструктура
Но фактите за жал говорат многу, последна пруга изградена во РС Македонија во должина од 16 километри е меѓу Градско и Шивец во 80-тите години од минатиот век. Електрификација на пругите во овој век е направена на потегот од Маџари до Скопје Југ во должина од 8 км. Да, секако надлежните ќе посочат на моменталните реновирања кои се вршат на железничката пруга, но за жал како и за се друго кај нас, тоа понатаму не се одржува плански и за крако време се доведува во состојба за повторен ремонт.
Возен парк
Возниот парк во патничкиот и товарниот сообраќај се сведе на тоа колку е државата подготвена да финансира. Со укината либерализација, немање можност на слободна пазарна економија во овој сектор, нашата земја е веќе меѓу ретките европски земји каде единствениот железнички оператор е во 100% државна сопственост.
Возниот парк е во лоша состојба, немањето јасна стратегија и солидно одржување, голем број од влечените средства се надвор од функција. Во светски рамки, со години трендот на модернизација на стари локомотиви кои се употребуваат во товарниот сообраќај е во подем, но кај нас се случува обратен процес, локомотивите се касираат или инвестиционо не се одржуваат. Влечните средства кои се во експлоатација во последните години од две раце се намалија на два до три прста. Излишна е секаква компарација со некој железнички оператор.
Има уште многу да се пишува за состојбите во железничкиот сектор, но тоа ќе биде во наредната анализа за овој сектор.