НА ПРИСТАНИШТЕТО ВО ГЕТЕБОРГ ЌЕ СЕ ПРОИЗВЕДУВА ВОДОРОД
Пристаништето и норвешката енергетска компанија Статкрафт планираат да изградат производствен и складишен капацитет за водород (H2), како и станица за полнење во пристаништето. Објектот треба да започне со работа до средината на 2023 година.
Неговиот почетен капацитет е 4 MВт, што одговара на дневно производство до 2 тони водород. Оваа количина, што е еквивалентна на 2.200 литри дизел гориво, може да помогне да се намалат емисиите на јаглерод за најмалку 4 тони на дневна основа.
Пристаништето Гетеборг, најголемото во Скандинавија, е центар за транспорт по морски, железнички и патен сообраќај и има широк опсег на тешка опрема. „Водородот има потенцијал да го замени дизел горивото во сите овие делови од опремата“, рече Арвид Гутед, потпретседател за развој на пристаништето во Гетеборг. „Веќе има значителна побарувачка во и околу пристаништето за употреба на опрема на водород. Локалното производство на H2 би било чекор напред, бидејќи голем број компании и организации се подготвени и чекаат“.
Водородот, кој се извлекува од нефосилни извори на енергија како што се хидроенергијата или енергијата на ветерот, е „зелен“. Може да се складира и користи за разни видови опрема за ракување со товар, главно тешка транспортна опрема што може да се префрли на работа со горивни ќелии. Кога се користи водород, се ослободува само пареа.
Шведска има за цел да ги намали емисиите во домашниот транспорт за 70% до 2030 година. Шведската стратегија за зелен водород (нефосилен), објавена во јануари 2021 година, предвидува водородните проекти да ги намалат вкупните национални емисии на јаглерод во Шведсказа за повеќе од 30%. Климатската цел на пристаништето во Гетеборг е да ги намали емисиите за 70% не само во пристаништето, туку и од транспортот до и од пристаништето низ регионот на Гетеборг.
Статкрафт е меѓународно водечка хидроенергетска компанија, најголемиот снабдувач со обновлива енергија во Европа и четврти по големина производител на електрична енергија во Шведска. Групацијата е главен снабдувач на хидро, ветерна и сончева енергија, гасна енергија и централно греење. На глобално ниво тргува со енергија и има 4.600 вработени во 18 земји.