ЗАПОЧНАА ТЕСТ ВОЗЕЊАТА НА ХИБРИДНИ КАМИОНИ НА Е-АВТОПАТОТ ВО ХЕСЕН СР ГЕРМАНИЈА

На 7 мај, првиот патентиран хибриден камион – Scania R450 – го направи првото тест возење во реално време на краток дел од автопатот А5 помеѓу Дармштат и Франкфурт. Пробната рута е долга 5 километри, а електричната енергија од контактната мрежа се добива од обновливи извори на струја.

Првичниот тест на камиони со пантограф беше направен на затворен аеродром во предградието на Берлин. Проектот е предводен од Универзитетот во Дармштат во соработка на гигантот Сименс, а изградбата на е-автопатот, која изнесува 15 милиони евра, целосно го финансира Министерството за екологија, заштита на природата, изградба и нуклеарна безбедност на СР Германија.

Целта на технологијата е да се намали загадувањето предизвикано од тешките возила. Задачата е да се соберат и анализираат податоци кои би можеле да доведат до распространување на проектот и во други области на СР Германија.

Scania R450
Scania R450, првиот хибриден камион со пантограф

Во средината на 2020 година, пет електрични камиони ќе одржуваат секојдневни возења на  дел од автопатот помеѓу Дармштат и Франкфурт за да ја тестираат нивната соодветност за густ сообраќај. Во камионите вградени се батерии и пантограф кој се поврзува со електричниот контактен вод. Неговиот напон е 670 волти и е дизајниран да се исклучи кога ќе се појави прекин на електричното напојување од било која причина. Постои и систем против замрзнување во зима.

Според Министерство за екологија на СР Германија, на околу 1000 километри од вкупно 13.000 километри автопат во земјата може да биде изградена таква електрична контактна мрежа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *