ВО ВРЕМЕ НА НЕДОСТИГ НА ТОВАРНИ ВАГОНИ ТАТРАВАГОНКА СЕ ШИРИ НА БАЛКАНОТ
На крајот на март, словачката компанија Татравагонка започна со производство во Фабриката за железнички возила во Хрватска, Гредељ (ТЖВ Гредељ), а пред неколку дена се испорачаа и првите вагони на клиентите во Западна Европа. Според порталот railtarget.eu, 210 товарни вагони треба да бидат произведени во Градељ до крајот на 2021 година.
Татравагонка е- еден од европските лидери во производството на железнички вагони, има фабрика во Србија, како и во Германија, Полска, Чешка и Индија. Вкупно вработува повеќе од 12.000 луѓе, а сега има во план значителна експанзија во Хрватска.
Според пишувањето на хрватски „Јутарњи“, Словаците „ќе произведуваат вагони за цела Западна Европа на Житњак“.
Наша желба е Гредељ што побрзо да излезе од банкрот. Плативме гаранција од милион евра, што гарантира дека нашата понуда е сериозна. На крајот на март изнајмивме погони во Житњак и започнавме со производство на товарни вагони. Првиот вагон веќе ја напушти фабриката и деновиве ќе му биде доставен на купувач од Западна Европа – изјави словачкиот претприемач Иван Петрижек, еден од сосопствениците и член на Надзорниот одбор на Татравагонка.
Словачката компанија се обврза да инвестира 45 милиони евра во ТЖВ Гредељ и да ги задржи сите работници, а во моментов има повеќе од 400. Во тој случај, Татравагонка ќе стане 100% сопственик на хрватската компанија.
Планот на Татравагонка е развој на сите досегашни активности што беа основа на бизнисот на фабриката во Градељ. Така, се планира производство на постоља за товарни вагони и самите вагони, поправка на патнички вагони, како и на електрични и дизел мотори, но и со одржување на локомотиви. Градељ досега беше во мнозинска државна сопственост, а во 2019 година оствари вкупен годишен приход од 97 милиони куни (околу 12,9 милиони евра). Поради бројните финансиски оптоварувања од минатото, стечајната компанија работеше со загуба од година во година, што во 2019 година изнесуваше нешто повеќе од 5,6 милиони куни.
Доколку заврши стечајот, планот на словачкиот инвеститор е да има годишен обрт од над 750 милиони куни (околу 100 милиони евра) од 2022 година.
Сметаме дека оваа фабрика може да биде многу профитабилна на долг рок, бидејќи постои голема побарувачка за вагони на европскиот пазар, посочи Петричек.
Тој додава дека за Гредељ гледа шанса во фактот што железничкиот сообраќај во Европа интензивно ќе се развива во следните децении, особено поради приматот на „зелен“ транспорт, бидејќи целта на Европската унија е да ги намали емисиите на јаглерод диоксид.
Затоа, ќе има голема побарувачка за вагони и возови – заклучи Петрижек, пишува jutarnji.hr.
Претходно, хрватски Док-инг од Загреб исто така бил заинтересиран за ТЖВ Гредељ (но нивната понуда била полоша од Татравагонка), како и Штадлер, кој се повлече затоа што не можел да достави законски обврзувачка понуда.