БУДИМПЕШТА – „КРАЛИЦАТА НА ДУНАВ“
Будимпешта, „кралицата на Дунав“, град на бројни бањи и поранешна престолнина на Унгарското kралство. Убава во сите периоди од годината, украсена за Божиќ, разиграна за Нова Година или расцветана во пролет, е задолжителна.
Буда и Пешта, два града споени во една целина. Едниот на ридот, а другиот во низината на Дунав. До будимската страна најлесен начин да стигнете е со запчаната железница (Budavári Sikló), која ве носи во Варѓеј, дел од градот заштитен од УНЕСКО, познат како ридот Будаи Вар т.е. Кралската палата. Од видиковецот на палатата, ќе имате и вистински кралски поглед на Пешта, Дунав и бројни градски мостови, од кои најстариот е воедно и најубав, Сечењиев ланчен мост (Széchenyi Lánchíd).
Во близина на Будимскиот замок се наоѓа црквата Матијаш (Mátyás-templom), која е позната како црква каде е крунисана царицата Сиси за унгарската кралица, а тука е и Рибарската тврдина (Halászbástya), прекрасен комплекс со седум бели кули што ги симболизираат седумте племиња што ги основале унгарската нација и држава. Од ова место можеби го имате најдобриот поглед на градот и зградата на Унгарскиот парламент.
Страничните улици и парковите неодоливо потсетуваат на Виена, што не е толку чудно, со оглед на долгогодишната заедничка историја, како и на архитектите што граделе низ Хабсбуршката империја. Бројните кафулиња и ресторани ќе ве намамат да се опуштите на нивните тераси. И направете го тоа, затоа што навистина се исплати, особено за време на ручек кога имате можност да ја пробате познатата унгарска кујна и да ја заокружите со чаша одличен токај.
Најбрзиот начин да стигнете на левата страна од Дунав е со некои од туристичките минибуси или со метрото до плоштадот Лајош Косут (Kossuth tér), каде што кога ќе излезете од тунелот ќе застанете пред најубавиот нео-готски скапоцен камен,Парламентот (Országház), третата по големина зграда во светот и главниот градски симбол. За разлика од некои други европски парламенти, Унгарскиот парламент можно е да се посети, но треба да бидете доволно брзи рано наутро да купите билет.
Карактеристика на овој град е жолтиот трамвај, особено линијата број 2, која ќе ве однесе од Парламентот до центарот на Пешта долж брегот на Дунав и неговите мостови и ќе можете да уживате во убавината на Будим, што досега сте ги виделе само на десната страна, како и ридовите Гелерт (Gellérthegy), во кој се сместени Споменикот на слободата и познатата бања Gellért.
Во Пешта има бројни верски храмови, како и културни институции, како што се музеи или опери. Таму е катедралата, или базиликата Св. Стефан (Szent István), во која се чува мумифицираната десна рака на првиот унгарски крал, кој населението го преобратил во христијанство. Неколку улици подалеку ќе имате можност да ја посетите најголемата синагога во Европа (Dohány utcai Zsinagóga), како и Плоштадот на хероите (Hősök tere), место изградено во чест на 1000-годишнината од постоењето на унгарската држава.
Откако ги видовте повеќето градски знаменитости, време е за уште една релаксација. Без разлика дали тоа е шопинг на улицата Вааци (Váci utca), вечера на брод, чардаш или излегување во бројните клубови по кои е широко позната Будимпешта, одлучете сами. Можеби дури и комбинацијата од сето ова што е предложено, изгледа како најдобро решение.
Превоз до Будимпешта
Аеродромот во Будимпешта е еден од најважните сообраќајни центри во Централна Европа и е особено добро познат по нискобуџетните летови, што го прави многу популарен кај патниците од нашата земја.
Можете да најдете евтини летови во организација на Виз Ер во вторник и сабота навечер на релација Скопје – Будимпешта и обратно.
Останати варијанти Ви се превоз со сопствено возило при што во еден правец треба да поминетете околу 7,5 часа возење и трошокот на патување би изнесувал околу 80 евра ( во зависност од цената на горивото и моделот на возилото).
Во Унгарија системот на патарини е организиран со вињети која ја набавувате при влез во државата. Најевтината варијанта ви е вињета за 10 дена.
Автобускиот превоз е возможен со преседнување во Белград при што цената на билетот е поскапа во однос на авионскиот превоз, изнесува околу 2.500 денари во еден правец. Патувањето трае околу 14 часа.
Превоз од аеродромот до градот
Најблиската железничка станица до аеродромот е Ферихеги (Ferihegy), а до градот Западната станица – Nyugati paudlyaudvar). Околу 100 пара возови дневно сообраќаат на оваа релација.
Цена на билетите за воз за ЗС Будимпешта – град Будимпешта изнесуваат: 370-520 HUF
Исто така, постои автобуска линија 200Е што ги поврзува градот и аеродромот од 04:00 до 23:00 часот секој ден и оди до метро станицата Кобања-Кишпешт (Köbánya-Kispest) -линија М3. Возењето трае 20-25 минути. Од станицата Köbánya-Kispest до центарот на градот исто така вози метрото М 3 и треба да се симнете на станицата Újpest Központ.
Цена на билет за автобус за ЗЛ Будимпешта – град Будимпешта: 350 HUF (купени надвор од возилото)
Цена на билетот за автобус за ЗЛ Будимпешта – град Будимпешта: 450 HUF (купено од возачот)
Таксињата се претежно зависни од сообраќајниот метеж, но просечната цена до центарот на градот треба да биде околу Ft 6500 (околу 22 – 25 евра), а поминатиот километар е 280 Ft (приближно 0,95 евра).
Јавен превоз во Будимпешта
Јавниот превоз е одговорност на претпријатието БКВ. Може да се возите во метро, автобус, трамвај и тролејбус.
Билетите (www.bkv.hu) може да се купат на автомати за продажба на билети, во уредите на метро станиците, киосци и поштите. Исто така, постојат дополнителни места, како што се оние на поголемите автобуски станици. На некои линии, билетите може да се купат и од возачот.
Во текот на ноќта има автобуси со повеќе од 35 линии и во овој случај е можно да се купи билет во возилото.
Инаку имате еднократен билет, „краток“ билет ( возење до 3 станици во рок од 30 минути), дневен билет, 72 часовен билет, седмичен билет и најповолната варијанта е карнетот со 10 билети со кој едно возење може да трае 60 минути, а преседнување е дозволено доколку менувате метро во една насока.
Гастрономија во Будимпешта
Унгарија е позната по својата храна, а се почесто и по вината.
Традиционалните места за пробување на локални гастрономски понуди се чардите (унгарски csárda), од кои некои имаат долга историја од неколку векови. Во нив може да пробате гулаш, гускин црн дроб, паприкаш или речна риба подготвена по специјални рецепти, по што можете да уживате во десерти како што се Somlói galuska и Kürtőskalács и да уживате во тоа со чаша Tokaј (Tokaji aszú), „бикова крв од Егер“(Egri bikavér) или шопронскиот екфранкош (Soproni kékfrankos).
Исто така, постојат одлични ресторани кои нудат традиционална унгарска кујна со врвна ромска музика, како што е Нидор (www.nadorboretterem.hu), сместена помеѓу базиликата Св. Стефан и Парламентот.
Исто како што Виена го има својот Sacher, така Будимпешта ја има својата слаткара Гербауд (www.gerbeaud.hu) каде што можете да го пробате веројатно најпознатиот унгарски десерт, Добош торта.
Будимпешта е често на списокот на евтини европски дестинации, иако многу жители на градот не би се сложиле со тоа. Сепак, факт е дека Будимпешта е поевтина од многу други европски престолнини.