КИНА ЈА ЗАБРЗУВА ГРАДБАТА НА МЕТРОАТА И ЖЕЛЕЗНИЧКИТЕ БРЗИ ПРУГИ
Кина ќе продолжи да ги поместува границите на она што е можно во 2020 година со нови бранови на експанзија на метрото и развојот на железничките брзи пруги. Во оваа статија го сумираме она што претстои.
Визијата на Кина за интегриран и одржлив транспортен систем е концентрирана на мрежата на градските линии и железничка меѓусебна поврзаност помеѓу сите поголеми градови. Во текот на изминатата декада земјата инвестираше многу во големобрзинските железнички и метро проекти, за да се оствари понатамошниот значаен напредок што се очекува во наредните 12 месеци.
На Форумот за развој на интеграцијата на железничкиот транспорт во ноември 2019 година, беше објавено дека во 2020 година железничката мрежа на Кина ќе достигне 150.000 километри пруга.
Тековната железничка мрежа опфаќа над 30.000 км брзи пруги и опслужува 75% од градовите со население од 500,000 жители или повеќе. Кина планира дополнително да ја прошири мрежата на 200.000 км во текот на следната деценија, од кои над 45.000 км ќе бидат пруги со голема брзина.
Метроа
Од објавувањето на „Мислења за натамошно зајакнување на управувањето со планирањето и изградбата на градскиот железнички превоз“ од страна на Генералниот Уред на Државниот совет на Кина во јули 2018 година, условите што се потребни за развој на метро-проектите се заострени.
Пред започнување на проектите потребно е да се проценат различни социоекономски фактори како што се густината на населението и регионалниот. Објавувањето на мислењата е спроведено за да се избегнат прекумерните долгови и финансиските ризици.
Апликациите на многу градови за изградба на метро оттогаш се повлечени назад. Како и да е, седумте големи мега градови во Кина – дефинирани како оние со население над 10 милиони луѓе не се многу погодени од промената, за разлика од нив, помалите регионални градови ги почуствуваат заострените мерки.
Според тринаесеттиот петгодишен план, до 2020 година Кина ќе ја зголеми својата градска железничка мрежа за 3000 км и ќе има 13 градови со над 200 км оперативна железничка мрежа. Уште шест градови ќе имаат над 400 км оперативна железничка мрежа.
Се очекува Нанџинг, Шенжен и Ченгду да им се придружат на Пекинг и Шангај со 500 км оперативно метро во 2020 година, додека Чонгкинг и Вухан исто така не заостануваат многу. Неодамнешното одобрување на дополнителни фази доведе до нов бран во изградбата на метрото во овие градови.
Во Нанџинг се очекува да се изградат 157,2 км пруга до крајот на 2020 година, со што вкупната должина на системот ќе достигне 540 км. Во новата деценија градот ќе влезе во последната фаза на изградба, што се очекува да заврши до 2030 година, со што метро мрежата ќе има вкупна должина од 617 км со 17 метро линии.
Шенжен во 2019 година имаше 292 километри метро мрежа и достигна над 300 километри до почетокот на оваа година. Со 14 метро-проекти во фаза на изградба, најголем број во еден град во земјата и најголем број во историјата на Кина за изградба на метро-проекти, мрежата драстично ќе се прошири до повеќе од 500 км оваа година. Долгорочниот план на Шенжен е да има мрежа од 720 км со 20 линии.
Во моментов Ченгду има над 350 километри во изградба нови метро линии и се очекува мрежата да достигне 508 км до крајот на 2020 година преку девет проекти. Метро линијата во градот сега изнесува 226 км, што ја рангира на осмото место во земјата. Во 2020 година се очекува дека ќе скокне на четвртото место на табелата.
Ченгду планира да ја отвори првата фазата на меѓународниот аеродром „Тјанфу“ оваа година што ќе има капацитет да транзитираат 90 милиони патници годишно. Аеродромот ќе има врски со метро и брза пруга.
Петогодишниот план за изградба на градската железница во Вухан, фаза 4 (2019-2024) беше официјално одобрена во јануари 2019 година. Во рамките на фазата 4. треба да бидат изградени вкупно четири метро-проекти, во должина од 81,7 км, како дел од 4. фаза. Планот опфаќа и четири урбани експресни линии со вкупна должина од 116,7км.
Вухан во моментов има поголема мрежа од Шенжен со 339 км, но тоа ќе порасне на 400 км во 2020 година и на 606 км со 14 линии до 2024 година.
Се очекува карактеристичниот систем на Чонгкинг кој поминува низ згради и планини да достигне 450 км во 2020 година. Линијата 9 ќе биде отворена за сообраќај во 2020 година, со што ќе се додадат нови 40,5 км на мрежата.
Гуангжу ја одобри изградбата на 10 нови метро линии во фаза 3 од Планот за градба на градската железница (2017-2023). Новата фаза ќе додаде 258,1 км на мрежата и се проценува дека ќе чини 219,6 милијарди јуани (31,28 милијарди американски долари). Планот исто така ја интегрира меѓуградската железничка мрежа од остатокот од регионот на реката Перл. До 2023 година, се проценува дека мрежата на Гуангжу ќе се протега на 800 км со 18 линии.
Планот за изградба на градската железница на Ксјан (2019-2024) беше исто така одобрен во јули 2019 година. Фазата 3 вклучува продолжување на метро линијата 1, која ќе се поврзе со градот Ксијанг и изградба на пет нови линии и две екстензии, со вкупна должина од 150 км. Се проценува проектите дека чинат околу 96,9 милијарди јуани.
Брзи пруги
Мрежата на брзи пруги во Кина не е само најголема и најбрза во светот, таа останува најамбициозна со повеќе линии и врски кои постојано се доградуваат, а во тек е тестирањето на новите побрзи прототипови на возови.
Земјата ги продолжува своите смели планови за проширување со над 11.000 км пруга што се во фаза на изградба според IRJ Project Monitor и дополнителни 15 проекти за кои се очекува да бидат завршени тендерите до крајот на 2020 година. Резултатите достигнаа висока цена, при што Кина инвестира во просек 100 милијарди американски долари годишно во развојот на брзи пруги.
Според Меѓународната унија на железници (UIC), заклучно со октомври 2019 година, Кина имала 31.043 км пруги со голема брзина мрежа. UIC предвидува дека кинеските брзи пруги до 2030-2035 година би можеле да надминат 80.000 км, што ќе претставува голем предизвик за операторите , индустријата и властите.
Железницата со голема брзина станува поволен начин на превоз за кинезите заради неговата достапност, удобност и брзина. Направени се вкупно 3,13 милијарди патнички патувања на брзите пруги помеѓу почетокот на 2019 година и октомври истата година, што претставува годишно зголемување од 8,9% според Министерството за транспорт. Министерството предвидува дека до крајот на 2019 година ќе бидат направени 3,6 милијарди патувања, што е неверојатен пораст од 92% во споредба со 2012 година.
Кина не се фокусира само на проширување на нови линии, туку и на автоматизацијата на веќе постоечките. Автоматизирањето на брзата пруга Пекинг – Жангжаку во должина од 190 км, се очекуваше да започне пред крајот на 2019 година. Линијата, која има 10 станици, се гради во пресрет на Зимските олимписки игри во 2022 година и ќе биде со максимална брзина од 350 км/ч, со што се намалува времето за патување меѓу градовите од три часа на само 50 минути.
Кина исто така ги интензивира истражувањата за маглев технологијата. Кина го изгради првиот комерцијален маглев систем во светот на делница од 30 километри помеѓу центарот на градот Шангај и аеродромот Пудонг – во 2002 година. Линијата беше развиена со помош на германска технологија и со поддршка на германски конзорциум и сеуште е најбрзиот железнички комерцијален систем во светот, на што се движат возови со брзина од 431 км/ч.
Кина сега работи на развој на уште побрза маглев технологија. Во мај 2019 година, ЦРРЦ го претстави прототипот маглев воз за кој инженерите тврдат дека може да вози со комерцијална брзина до 600 км/ч. Се очекува работниот прототип да биде комплетиран оваа година пред почетокот на тестовите во 2021 година.
Кина, исто така, планира „супер брза железничка пруга“ што ќе поддржува возови со брзина од 800 км на час, со што директно ќе конкурира на авио сообраќајот. Предложената пруга со должина од 308 км ќе ги поврзува Ченгду со Чонгкинг и ќе го намали времето на патување помеѓу двата града на помалку од половина час, со што ќе бидат оддржливи плановите Кина да формира „супер град“.
Во тек се истражувања и за „супер маглев“ технологија која би можела да работи со брзини од 1000 км на час или повеќе. Кинеските истражувачи гледаат на создавање на она што е наречено „летечки воз“ што ќе работи на маглев технологија и ќе патува низ вакуумска цевка со суперсонична брзина од 4000 км на час, околу три пати побрзо од хиперлопот. Иведувачите на работата „Касик“ во моментов имаат над 200 патенти за проектот.