ПОШТА СЛОВЕНИЈА КУПИ 72 ОТСТО ОД АКЦИИТЕ НА ИНТЕРЕУРОПА
Словенечката пошта објави во петокот дека склучила договор за купување на 72,13 отсто од акциите на логистичкото претпријатие Интереуропа од Копар и по завршувањето на таа трансакција ќе стане најголемата логистичка компанија во Словенија.
Според соопштението, трансакцијата да биде конечна се очекува во втората половина на оваа година, со оглед на тоа што треба да се добие и одобрение на регулаторот, односно од Агенцијата за заштита на конкуренција.
Од Пошта Словенија најавуваат по купувањето на мнозински удел, во законски рок ќе објави понуда за преземање на останатите акции на Интереуропа кои котираат на Љубљанската берза.
Пошта Словенија, во случај на успешно завршување на купувањето на Интереуропа, ќе стане најголемата логистичка компанија во Словенија, со цел да стане водечки логистички оператор во Југоисточна Европа, каде што постои силна конкуренција од давателите на услуги, истакнуваат од компанијата.
Словенечките медиуми објавија дека Пошта Словенија за конкуренција во купувањето на коперската логистичка компанија „ја победи“ британската логистичка компанија Xpedator.
Според пишувањето на словенечкиот бизнис весник „Финанце“, Пошта Словенија за нешто повеќе од 72 проценти од акциите на Интереуропа, според неофицијални информации, понудила 100 милиони евра од кои 60 милиони евра ќе се користат за исплата на побарувањата на доверителите.
Минатата година групацијата Пошта Словенија од продажба остварила приход од 250,7 милиони евра, а нејзината добивка изнесувала 10,4 милиони евра (една година претходно 8,9 милиони евра), се вели во соопштението на словенечката компанија.
Според податоците на веб-страницата на Интереуропа, компанијата има 12 компании во девет земји, а работи и во Северна Македонија.
Минатата година, групацијата Интереуропа имала приходи од продажба од 160,4 милиони евра, што претставува раст од 7 проценти во споредба со претходната година, и со нето добивка од 4,7 милиони евра, додека во 2017 година имала загуба од речиси два милиони евра, податоци од финансискиот извештај објавен од компанијата во март годинава.
Извор: www.tportal.hr