ЕУ ПОСТИГНА ДОГОВОР ЗА ЕЛЕКТРОНСКИ ДОКУМЕНТИ ЗА ТОВАРЕН ТРАНСПОРТ
Комитетот за транспорт и туризам на Европскиот парламент минатата недела потврди дека министрите за транспорт на ЕУ неодамна постигнале договор за употреба на електронски документи за товарен транспорт (eFTI). Сите земји-членки на ЕУ треба да започнат со примена на новите правила најдоцна до 2025 година.
Со новата регулатива се обврзуваат земјите-членки на ЕУ да прифатат електронски доказ за усогласеност со сет правила што се однесуваат на патниот транспорт во рамките на ЕУ. Оваа регулатива воспоставува усогласена рамка за премин од хартиена во електронска документација, истовремено утврдувајќи правила за интероперабилност за давателите на услуги на електронски платформи.
Новите правила ќе имаат најмногу влијание врз комуникацијата помеѓу компаниите и администрацијата и индиректно ќе влијаат на комуникацијата меѓу самите компании, во кои се користат одредени податоци за да се докаже дека законодавството на ЕУ се почитува. На пример, ова вклучува и податоци од електронските товарни листови што се користат за да се докаже почитувањето на правилата на ЕУ за каботажа.
Дигиталните решенија ќе помогнат во понатамошно намалување на трошоците и времето, но исто така ќе играат клучна улога во обезбедувањето социјално дистанцирање, бидејќи ракувањето со хартиени документи може значително да се намали, известува Меѓународната унија на патните транспортери (ИРУ).
Зошто е ова важно за логистичкиот сектор?
Според анализата на влијанието спроведена од Европската комисија, секторот за транспорт на стоки и логистичкиот сектор треба да заштедат меѓу 20 и 27 милијарди евра до 2040 година. Околу 60% од заштедените пари ќе одат директно во компаниите кои се занимаваат со товарен патен транспорт.
Новите правила беа спроведени непосредно откако Шведска – како најнов кандидат – започна со примена на протоколот eCMR и ќе поддржи поголема примена на eCMR во Европа. Сепак, десет земји од ЕУ допрва треба да го ратификуваат електронскиот протокол на ЦМР Конвенцијата за електронски товарен лист.
Главните предности на овие нови правила на ЕУ вклучуваат:
- Намаленo административнo оптеретување;
- Брза и точна размена на информации помеѓу различни страни во логистичкиот ланец, како и помеѓу компаниите и надлежните органи;
- Поефикасно спроведување на правилата, лесно управување со податоци;
- Пониски трошоци и поголема транспарентност;
- Зголемена хармонизација помеѓу земјите-членки на ЕУ;
Моменталната криза предизвикана од пандемијата „Ковид-19“ покажува колку се важни дигиталните решенија во логистичкиот ланец. Европската комисија силно препорачува земјите-членки на ЕУ да престанат со употреба на хартија и целосно да ја усвојат дигиталната размена на информации со цел да го намалат ризикот од ширење на инфекцијата.
Кои се можните проблеми што можат да се појават при спроведувањето?
Новите правила ги исполнуваат барањата на ИРУ, нејзините членови и партнери за дигитализација на секторот за патен транспорт.
Според соопштението издадено од ИРУ, асоцијацијата ќе продолжи да го следи спроведувањето на новиот закон, за да обезбеди дека е:
- Целосно компатибилен со постојните правила на ЕУ и меѓународните конвенции, вклучително и CMR;
- Компатибилен и дека нуди интероперабилност помеѓу постојните решенија или оние кои се во развој.
ИРУ исто така повикува да се гарантира приватноста на податоците и да се применуваат правила за прашања како што се пристап до податоци, складирање, употреба и агрегација, паралелно со усвојувањето на овој нов закон на ЕУ. Согласно со овие прашања на почетокот на оваа година беше формиран форум на засегнати страни со податоци . Оваа иницијатива ги обединува лидерите во индустријата и има за цел да даде предлози за регулирање на управувањето со податоци, како и предлози за решавање на тековните правни недостатоци.
Извор: IRU