Прекрасно, волшебно, неверојатно, бидејќи возот на Pikes Peak Cog Railway ве носи повисоко и повисоко. Пејзажот се менува, погледите се менуваат.
Полека се искачувате високо на небото, земајќи ја целата убавина и чудо од природата. На самиот врв, иако е многу ладно, прекрасните погледи ќе ви го одземат здивот. Ако се „разболите“ од воздухот, внимавајте да преземете нешто што ќе помогне во тоа.
Апсолутно нема да зажалите за возењето до врвот на оваа планина, едноставно само може да ве инспирира.
Малку историја
Pikes Peak е запчана железничка пруга која е наменета за планински предели, каде имаме остри угорници. Оваа пруга е највисоко поставена железничка пруга во рамки на Северна Америка. Истата е изградена и ставена во фукнкција 1891 година, наменета за туристички посети од каде можете во исто време да видите дури пет американски држави.
Откако првата парна локомотива за запчана железница го освоила врвот Pikes Peak, ваков вид на локомотиви оперирале долж железницата се до 1938 година кога се заменети со локомотиви кои се движат на дизел гориво.
Треба да се напомене дека оваа туристичка рута со воз не функционира во зимски услови. После 128 години на функционирање на оваа железница, истата во моментот е затворена поради ремонт на инфраструктурата. Ремонтот на пругата е започнат во 2019 година, а се очекува да биде завршен во мај 2021 година, кога оваа железница повторно ќе проработи.
Рутата на возот
Првата станица на оваа железница е во Маниту Спрингс, Колорадо во близина на Колорадо Спрингс. За време на патувањето низ оваа железничка пруга се поминуваат четири различни видови на природни убавини и предели, од високи и стрмни борови шуми, низ планински текови со стрмни кањони, кревка алпска тундра и бујни рамнини разиграни на голема надморска висина. Во текот на патувањето со возот, туристите имаат голема шанса да забележат разни видови на животински свет кој живее во овие предели.
Возејќи се со брзина од 14,3 км/ч, искуството со возот кој се искачува до самиот врв на планината, а се наоѓа на 4.300 метри надморска висина е неверојатен. Траењето на целото туристичко патување со возот изнесува 3 часа и 10 минути.
Првата третина на патувањето се одвива покрај речното корито на Рукстон во кањонот Енглеман, потоа на видик доаѓа каскаден поток, истовремено може да се забележи сината смрека типична за Колорадо и боровите дрвја на Пондероса. Потоа возот поминува низ т.н. „Ѓаволја порта“ од каде длабоко навлегува во шумскиот предел и се стигнува до Паркот на елените, каде патниците може да ја имаат таа среќа и во живо да видат елен.
Веќе на половина од движењето со возот во рамки на шумскиот предел, посетителите може да ги видат нискорастечките борови карактеристични за Роки планините во Колорадо, кои се сметаат за едни од најстарите растенија во светот (со старост околу 2000 години).
Откако возот ќе се искачи повисоко и во позадина ќе ги остави дрвјата, погледот станува се попростран и може да се забележат мрмути со жолти стомаци и Бигорн овци. Овие мрмути се карактеристични за овие предели и се најраспространети.
За време на преостанатиот дел од патувањето остануваат уште пет километри, туристите можат да го видат источниот дел со распространетите високорамнини, кои се толку големи што се простираат надвор од границите на Канзас и Колорадо. Јужно, Sangre de Cristo (Крвта на Христос) се протега дури до Ново Мексико. На западниот хоризонт лежи Collegiate Range.
На самиот врв на Pikes Peak Cog се наоѓа Националното историско обележје (National Historic Landmark – NHL), кое зазема специјално место во америчката историја. Самиот врв нуди поглед на четири држави, на градовите Денвер, Маниту Спрингс и Колорадо Спрингс, планинските врвови на Continental Divide и историските кампови Cripple Creek и Victor.
Овој предел ја инспирирал Kетрин Ли Бејтс да ги напише познатите стихови на “America the Beautiful“, после нејзиното патување во 1893 година.
На самите посетители им е дозволено да останат на врвот на Pikes Peak, 30 – 40 минути и во сето тоа време да ја апсорбираат целата убавина која е присутна во овој предел. Затоа на туристите им се советува правилно да ја искористат предвидената временската рамка,за да можат да ги фотографираат најубавите предели, да уживаат во погледот или да прошетаат по околните продавнички.