Директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА Емир Џикиќ истакна дека ЦЕФТА, заедно со своите партнери, вложува големи напори да ја реализира идејата за Заедничкиот регионален пазар, како и да ги спроведе клучните активности од Акцискиот план за заеднички регионален пазар, што е можно побрзо во корист на граѓаните и компаниите.
Кога ги сумиравме резултатите од 2020 година, кои донесоа многу предизвици, би можеле да кажеме дека ЦЕФТА ја олесни трговијата во овие тешки времиња, како и да ветиме дека таа ќе остане наш приоритет во 2021 година – изјави Џикиќ.
Работиме на различни процеси, што би им заштедило на компаниите време и трошоци – додаде тој, споменувајќи го проширувањето на „зелените коридори“ во рамките на ЦЕФТА и со ЕУ, олеснување на е-трговијата и валидација на програмите на АЕО.
Направена е значителна работа на експертско ниво и сега усвојувањето на овие важни одлуки треба да биде приоритет, рече Џикиќ на Самитот за Западен Балкан во Берлин (Самит на Западен Балкан), одржан на 5 јули 2021 година.
„Зелените коридори“ на ЦЕФТА се проширени на сите премини во регионот, вклучително и на железничките премини, а тие коридори ќе бидат проширени и кон Грција, како што најави премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис на Самитот во Берлин.
Статистичките податоци покажуваат дека приближно 80% од камионите користат ЦЕФТА „зелени коридори“, а 20% од оние кои ги користат превезуваат добра од приоритетна потреба и ги остваруваат придобивките од приоритетното поминување.
Извештаите за валидација на АЕО програмите за Северна Македонија, Србија и Молдавија се завршени и подготвени се за усвојување, а станува збор за царинските управи кои се согласиле да ги признаат валидираните АЕО програми издадени на еден пазар на другите шест пазари.
Овој статус овозможува полесно царинење воопшто и е клучен елемент во зајакнувањето на безбедноста на синџирот на снабдување, обезбедувајќи повеќе придобивки за трговијата.
Одлуката за олеснување на е-трговијата, која ги утврдува правилата за е-трговија според ЦЕФТА, е финализирана и со усвојување на заеднички принцип на пазарот и усогласување на клучните правила, на компаниите им се обезбедува збир на правила за седум пазари, се наведува во изјавата на ЦЕФТА.
Преговорите за професионални квалификации на експертско ниво се завршени, а постигнат е значителен напредок во преговорите за решавање на спорови и отстранување на работните дозволи и туристичките услуги, се додава во изјавата.