ПОТОНАТ ТУРИСТИЧКИ БРОД ВО СРЦЕТО НА БУДИМПЕШТА, НАЈМАЛКУ СЕДУМ МРТВИ. ПОВЕЌЕ ЛУЃЕ СЕ ВОДАТ ИСЧЕЗНАТИ
Седум патници починаа, а повеќе се водат како исчезнати, кога вчеравечер туристички речен брод се превртел и потонал во главниот град на Унгарија.
Трагедијата се случила во срцето на Будимпешта, во близина на зградата на унгарскиот парламент. Националната новинска агенција МТИ вели дека бродот превезувал 34 лица, од кои 32 јужнокорејски туристи и двајца членови на екипажот. Првичните информации говореа за најмалку тројца мртви, но бројот во меѓувреме, како што потврди портпаролот на итната помош, се искачи на најмалку седум загинати. До 00.30 часот седум луѓе се хоспитализирани.
Полицијата и службите за итни случаи се на местото на настанот и во текот на ноќта се вршеа спасувачки операции. Во потрагата, како што јавуваат унгарските медиуми, учествуваат десетици бродови. Целиот речен сообраќај е сопрен, а на спасувачите, силните речни струи и ниската температура на водата им ја попречуваат спасувачката мисија.
Како што јавуваат унгарски портали, едно повредено лице е пронајдено на повеќе од три километри од местото на настанот. Телевизијата М1, повикувајќи се на Министерството за внатрешни работи, објави дека причината за потонување на бродот е контакт помеѓу двата брода од кои едниот потонал.
Портпаролот на компанијата Панорама Дек, чиј туристички брод се превртел и потонал, изјавил дека бродот пред 22 часот бил превртен од непознати причини и брзо потонал во Дунав кај зградата на Парламентот. Исто така потврдил дека во бродот имало 32 патника од Јужна Кореја.
Бродот бил закотвен и, наводно го удрил друг туристички брод, а потоа се превртел во реката која е преплавена со јаки струи по бурата во Будимпешта.