ПОЛЕСНА РАЗМЕНА НА Е-ЦАРИНАТА ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН – ШТО НОСИ НОВАТА ВЕРЗИЈА НА SEED?
Според тематскиот состанок одржан во Будва минатата недела, електронската размена на податоци (SEED), која постои од 2010 година, го подобри управувањето со границите во Западен Балкан, а надградената верзија на SEED + дополнително ќе ја зголеми ефикасноста и ќе ги поедностави процедурите.
Како што беше истакнато на состанокот, новата верзија на SEED+ ќе го поедностави процесот на инспекција и ќе ги намали формалностите во размената на податоци помеѓу различните управи при транспорт на стоки, што дополнително ќе го намали времето на чекање на премините и ќе овозможи помали трошоци.
Директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА Емир Џикиќ оцени дека овој вид размена е еден од најважните приоритети во ЦЕФТА и дека покрај размената на податоци меѓу царинските управи, ќе ги вклучи сите агенции кои се занимаваат со царинење и на крајот ќе се прошири и во областа на трговските услуги – како што е предвидено со Планот за заеднички регионален пазар.
Предвидено е и SEED + да овозможи воведување на е-сертификација, што ќе доведе до трговија без хартија во ЦЕФТА, што до неодамна изгледаше како далечна иднина.
Системот е од клучно значење и за управите задолжени за фитосанитарните работи.
Преку системот SEED + однапред ќе добиеме податоци за пратките и со тоа ќе добиеме можност поефикасно да располагаме со ресурсите, а системот за размена на податоци дополнително ќе се подобрува, што е во согласност со нашите напори за усогласување со барањата на ЕУ во оваа област – истакнавуаат стручните лица за безбедност на храна, ветеринарни и фитосанитарни работи.
Како ќе изгледа SEED + во пракса
Системот SEED + се фокусира на развојот на две клучни категории – CEFTA TRACES, дигитална платформа која ќе овозможи електронска размена на сертификати и ќе го надгради сегашното SEED за царина; како и CEFTA TRACES NT – што ќе овозможи развој и размена на фитосанитарни, ветеринарни и фармацевтски сертификати и документи за влез на членките на ЦЕФТА во согласност со acquis communautaire и практиките на земјите-членки на ЕУ.
Понапредната верзија на системот за електронска размена на податоци вклучува побрза размена на информации за неусогласените пратки поврзани со безбедноста на храната и стоките, како и полесно управување со ризикот од одбиените пратки.
Крајни корисници на SEED + ќе бидат министерствата за трговија, царина, ветеринарство, фитосанитарни служби и Јавно здравствени институти на членките на ЦЕФТА.
Корисниците од сите членки на ЦЕФТА ќе бидат обучени за користење на новиот систем SEED + и ќе имаат пристап до соодветна техничка помош и корисничка документација.