НАЈГОЛЕМИОТ ПАРКИНГ ЗА КАМИОНИ ВО ЕВРОПА ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ
Објектот во Велика Британија е опремен со теретана и соба за игри, а во петок започнува со работа.
Новиот паркинг за камиони Ашфорд се наоѓа на 13 милји од влезот на Евротунел. Ќе нуди 650 паркинг места за камиони, но и многу други погодности – теретана, игротека и ресторан кој нуди храна подготвена на лице место. Објектот ќе биде отворен од петок.
Ashford International Truckstop не само што ќе биде најголемиот паркинг за тешки товарни возила во Европа, туку и ќе биде и обезбедуван. Има безбедносна бариера, над 2-метарска безбедносна ограда со настрешница од бодликава жица, ЛЕД рефлектори чувствителни на движење, како и осветлен паркинг простор со инфрацрвен видео надзор чувствителен на движење и безбедносни патроли.
Паркингот за камиони и сите негови капацитети ќе бидат отворени 24/7. Покрај тушеви и тоалети, комплексот има и машини за перење и сушење, ресторан, теретана, соба за игри и простор за ТВ, а наскоро ќе понуди и сместување.
Тој требаше да биде отворен на 1 ноември, но поради проблеми со синџирот на снабдување со набавка на материјали, датумот на отворање беше одложен. Возачите на камиони може да почнат да го користат објектот овој петок, 3 декември.