Железничкиот контејнерски превоз меѓу Азија и Европа се враќа во нормала, помагајќи да се спречат тесните грла во снабдувањето на европските пазари предизвикани од коронавирусот, објави ОТЛК ЕРА (UTLC ERA). Бидејќи состојбата со ширењето на COVID-19 во Кина се стабилизира и економијата постепено се враќа во нормала, товарниот транспорт меѓу Кина и Европа исто така повторно започна да се одвива нормално.
Операторот, исто така изјави дека во исто време бележи зголемување на резервациите за своите контејнерски капацитети.
Патувајќи 1.100 км на ден, контејнерските возови транзитираат од кинеската до европската граница за помалку од 5 дена, при што ОТЛК ЕРА е одговорна да понуди комплетна услуга за транспорт од врата до врата долж „Новиот пат на свилата“.
„Железничкиот транспорт продолжува да обезбедува безбедна и сигурна врска помеѓу економиите, државите и компаниите. Контејнерските возови на ОТЛК ЕРА се во функција. Транспортот на стоки со железница се обавува непречено, иако COVID-19 нè принудува да го намалиме нивото на директен контакт помеѓу луѓето“, изјави Алексеј Гром, извршен директор на ОТЛК ЕРА.
Во текот на јануари – февруари, ОТЛК ЕРА забележа раст од 12% во обемот на транспорт во однос на истиот период од 2019 година.
Обемот на отпремени товарни контејнери кон Европа порасна за 22% на 27.400 TEU, а обемот на превоз на товарни контејнери од Европа кон Кина се зголеми дури за 12.300 TEU, што претставува зголемување за 63%. Ова значи дека ниту еден празен контејнер не е вратен назад во Кина.
Од почетокот на 2020 година, повеќе од 550 контејнерски возови со кои управува ОТЛК ЕРА сообраќаа на релација меѓу Европа и Кина. Од крајот на февруари, односно почетокот на март, бројот на резервации повторно се зголемува.
Просечното времетраење на превозот по море од Кина до Европа изнесува 42 дена. Со железничките контејнерски возови по „Новиот пат на свилата“ трае само 11 дена.
Акционерско друштво „Обединета транспортно-логистичка компанија – Евроазиска железничка алијанса“, скратено ОТЛК ЕРА, обезбедува услуги во областа на организација на транзитниот контејнерски транспорт како дел од редовните возови за контејнери на релација Кина-Европа преку териториите на Република Казахстан, Руската Федерација и Република Белорусија.
Акционери во компанијата, со еднаков удел, се железниците на Русија, Казахстан и Белорусија.