Братислава е симпатичен град, идеална дестинација за излет, но може да биде интересна и за повеќедневна посета. Многу туристи ја посетуваат за време на нивниот престој во Виена, околу еден час возење или на пат кон други европски престолнини, како Прага.
Сместена на бреговите на моќниот Дунав, на својата источна страна ќе ви ги „покаже“ во стариот дел културно-историските градби, додека на западната страна е поновиот дел од градот, познат како Петржалка, кој најлесно ќе го препознаете по бројни облакодери и станбени блокови.
Низ историјата, честопати го менувала своето име, па затоа била позната под имињата Прешпорок и Истрополис, додека сегашното име е официјално уште од 1919 година. Некои велат дека тоа потекнува од името на чешкиот владетел Бретислав.
Повеќе од 200 години, таа била и главен град на Унгарија, чии 11 кралеви биле крунисани во готската катедрала Св. Мартин (Куќа на Свети Мартин). На нејзиниот врв, сместен на 85 метри висина, се наоѓа огромна круна на Св. Стефан, тешка дури 300 килограми.
Знаменитости
Најпозната знаменитост на Братислава е Братиславскиот град, стар замок кој се наоѓа на нешто помалку од 100 метри над Дунав и чија историја се навраќа на почетокот на 10 век.
Многумина ја нарекуваат „наопаку превртена маса“ поради карактеристичниот облик на кулите на рабовите на замокот. Почна да ја добива сегашната форма за време на владеењето на Сигизмунд од Луксембург во првата половина на 15 век. Тој, всушност, го срушил скоро целиот комплекс во тоа време и изградил нови објекти. До денес, само Коронационата кула, свртена кон југо-запад, преживеала од периодот пред Сигизмунд. Подоцна, за време на ренесансата и барокот, замокот во Братислава има претрпено понатамошни промени и ги има добиено денешните контури.
Во 2008 година започна темелна реконструкција на замокот, во чии рамки беа обновени фасадата и внатрешноста на зградите, но беа додадени некои нови згради, а градината беше реновирана. Посетителите од крајот на 2011 година имаат можност да посетат многу повеќе делови отколку што можеа порано, и можат да уживаат во оригиналната форма на замокот пред големиот пожар, бидејќи е моделиран по „златниот период“, односно по времето на владеењето на Марија Тереза.
Чумил (човек на работа)
Споменик на работник кој работи за одржување и поправка на канализацијата, и кој според тоа е претставен како ѕирка од отворена шахта во центарот на градот.
Споменикот во стариот град Братислава е создаден како благодарност до работниците кои се борат да ги решат најголемите комунални проблеми што ги има центарот на градот заради близината на Дунав и неговата мала височина во однос на нивото на реката. Фигурата на работникот има карактеристична насмевка за која се вели дека е насмевка на уморен работник кој ја завршил својата работа, но и насмевка на човек кој има многу интересен поглед на градот и минувачите.
Чумил е уметничко дело на Виктор Хулик и е во Братислава од 1997 година.
За оваа статуа се вели дека секој што ја фаќа со левата рака за шлемот и си замислува желба, таа желба ќе му ја исполни …, а дали е така, сами треба да проверите.
Сместен е на мала улица и ако не го забележите на прв поглед, нема да го промашите од едноставна причина што секогаш има голем број туристи кои чекаат да се фотографираат. Статуата е на раскрсницата на улицата Лауринска и рибарската брана во Стариот град.
Јавен превоз
Во Братислава највероватно нема да имате потреба од јавен превоз бидејќи градот е мал. Но доколку користите, можете да се возите со трамвај и автобус. Картата за едно возење чини 0,70 € без префрлување и 0,90 € со можност за 60 минутно користење. Дневната карта изнесува 4,50 €.
Евтини летови од / до Братислава
До Братислава можете да летате со Виз Ер преку Скопје во деновите среда, петок и недела во 13:20 часот, односно во вторник, четврток и сабота од Охрид до Виена во 08:20 часот.
Најлесен начин да се стигне од аеродромот во Братислава до центарот на градот е со автобус број 61, кој трае околу половина час до главната железничка станица. До аеродромот во Братислава вози и автобусот број 96, кој го поврзува со Петржалка. Цената на билетот во еден правец изнесува 0.70€.
Доколку патувате преку аеродромот во Виена, превозот ќе ве чини околу 7.70€ плус 1 € за секое парче багаж.