„ОД 31 ОКТОМВРИ ЖЕЛЕЗНИЧКИТЕ СТАНДАРДИ ЌЕ БИДАТ УНИФИЦИРАНИ НИЗ ЦЕЛА ЕВРОПА“

Комесарот за транспорт на ЕУ, Адина Валеан, најавува во „Винер цајтунг“ имплементација на железнички пакет ширум Европа.

Европејците повторно се во возот. И не само тоа, тие гласно повикуваат да се прошират врските меѓу земјите-членки. Но, има проблем. Железницата порано била суштинско воено транспортно средство.

Со цел да се спречи противникот лесно да превезува опрема, секоја земја развила свои технички стандарди. Сопствени сигнали, сопствени одобренија за локомотиви, сопствени регулативи за работа. Но, сега тоа треба да заврши, објави комесарот за транспорт на ЕУ, Адина Валеан, за „Винер цајтунг“.

Европската унија сега воспоставува заеднички технички стандарди за железничкиот систем ширум Европа кои се однесуваат на сите нови возови, вели Комесарот.

„Со четвртиот железнички пакет, кој ќе стапи на сила низ цела Европа од 31 октомври, одобрувањето за превоз на прекуграничните возови од страна на еден оператор ќе го дава само Агенцијата на Европската унија за железници за да се обезбеди доследна примена на овие стандарди“. Со овие измени, надлежностите од земјите-членки преминуваат на европско ниво.

Валеан потенцираше дека ќе треба уште време пред целата железичка инфраструктура да ги исполни заедничките стандарди.

„Но, ние работиме на отстранување на застарените национални правила што создаваат само бариери во работењето на возовите низ цела Европа. Комисијата има законска сила да го спроведе ова доколку е потребно“.

Модернизација на железничката мрежа до 2030 година

Исто така, со земјите-членки е договорено најдоцна до 2030 година основната европска мрежа да биде опремена согласно ЕУ стандардот за европскиот систем за управување со железничкиот сообраќај (ЕРТМС). „Тоа ќе ја отстрани една од најголемите пречки“, вели Валеан.

Комесарот за транспорт на ЕУ исто така сака да ја направи 2021 година, Европска година на железницата.

„Ние ќе го искористиме ова за да ги потенцираме придобивките од железницата, но исто така да ја подигнеме свеста за предизвиците што остануваат за прекуграничните услуги, како и модерната и пристапна железница“. Целокупниот потенцијал на железниците треба да се искористи.

Ова е особено важно во однос на европскиот зелен договор: „Железницата игра клучна улога тука и ќе ни помогне да ја постигнеме нашата цел на климатска неутралност до 2050 година. Тоа е еден од најпознатите еколошки и енергетски ефикасни начини на транспорт. Затоа е клучно. Тоа значи дека возовите можат да сообраќаат непречено меѓу земјите членки, а заедничките стандарди ширум ЕУ можат да ги направат модерните возови поекономични“.

Суштински дел за проширување на европските железници е завршувањето на транс-европската транспортна мрежа (ТЕН-Т).

„Оваа европска мрежа ќе ги поврзе националните транспортни мрежи и ќе ги направи повеќе интероперабилни“. Основната мрежа треба да се спроведе до 2030 година. Во насока на државите членки, таа вели: „Сè уште има важни тесни грла и важни врски што недостасуваат што треба да се отстранат, особено ако не постојат прекугранични врски“.

ЕУ ја поддржува транспортната инфраструктура преку фондот „Поврзувачка Европа“ (ЦЕФ), кој поддржува 794 проекти со вкупна сума од 21,1 милијарди евра во периодот од 2014-2020 година.

Скоро 70% од овие средства одат во проекти за железнички сообраќај. Тука спаѓаат тунелот Бренер помеѓу Инсбрук и Фортеза (Италија), кој ги поврзува Австрија, Италија и Германија со воз преку Алпите. Проектот во моментов е во фаза на изградба и веројатно по завршувањето, околу 50 проценти од тешкиот сообраќај долж оската Бренер ќе се префли од пат на железница, објаснува Валеан.

Извор: www.wienerzeitung.at

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *