КИНЕСКАТА СТРАТЕГИЈА „НУЛТА-КОВИД“: НОВ УДАР ЗА СВЕТСКАТА ТРГОВИЈА
Кинеското раководство е решено да го потисне секое жариште на короната – масовни тестирања, строг карантин, остри мерки. Со овие мерки, Пекинг продолжува да ја спроведува стратегијата позната како „нулта-КОВИД“, која досега, барем според официјалните наводи, беше доста успешна. Сепак, последиците од оваа стратегија за домашната економија и меѓународните трговски партнери се огромни, пишува Дојче веле.
Во изминатата година и половина, во неколку наврати, имаше значителни ограничувања во меѓународната трговија со стоки кога Кина прогласуваше локдаун за некои од нејзините провинции поради пандемијата. Главните пристаништа преку кои се извезува во светот исто така беа редовно погодени, а последниот пример е Јантијан, пристаништето на метрополата Шенжен. Еден месец, главното кинеско пристаниште за извоз на високотехнолошки производи беше затворено. Како резултат на тоа, многу компании во Европа и САД останаа без чипови и други дигитални компоненти.
Сега заклучувањето го погоди Нингбо -Жушан – тоа е второто по големина кинеско пристаниште за контејнери, кое беше направено пред неколку години од спојување на пристаништата Нингбо и Жушан, во непосредна близина на најголемото светско пристаниште за контејнери во Шангај. Во меѓувреме, капацитетите на пристаништето се проширија до тој степен што трите мега-пристаништа практично се соседи.
Според неколкуте пишувања на медиумите, досега само еден терминал е погоден во Нингбо – еден пристанишен работник бил тестиран позитивно. Затоа, проблемот е од локална природа, но последиците од таа инфекција се огромни, не само за Нингбо, туку и за соседното пристаниште во Шангај.
Затворањето на терминалот брзо се почувствува надвор од регионот. Кога пристаништето Јантијан беше затворено, почна да се создава гужва од контејнерски бродови во Нингбо, кој е оддалечен повеќе од 1.000 километри. Може да се очекува дека затворањето на терминалот во Нингбо ќе има сличен ефект врз другите кинески пристаништа, односно дека ќе го наруши времето на испорака – изјави за ДВ Винсент Стамер, трговски експерт во Институтот за светска економија во Кил, Германија.
Моменталната ситуација во Кина ги потврдува неговите зборови. Според информативниот сервис Refinitiv, во пристаништето Нингбо Жушан, повеќе од педесет големи бродови чекаат да бидат отпремени.
Борба против делтата
Загриженоста расте во остатокот од Кина поради развојот на ситуацијата во Нингбо, бидејќи построгите ограничувања, по неодамнешните позитивни случаи, влијаат на повеќе сектори на кинеската економија. Делта варијантата е поагресивна во ширењето, бидејќи од крајот на јуни е откриена во дванаесет кинески градови. И никој засега не знае колку всушност се ефикасни кинеските вакцини за заштита од таа вирусна варијанта.
Се повеќе германски компании се жалат на проблеми во испораката, односно доцнењата што настануваат поради турбуленции во мрежата на превоз на контејнери. Ново затворање може дополнително да ја комплицира ситуацијата. Но, можеби построгите мерки би можеле да спречат затворање на некои други терминали, додаде Штамер.
Пред неколку месеци, логистичката индустрија се надеваше дека работите околу короната ќе се смират. Ако се покаже дека кинеските вакцини не обезбедуваат доволна заштита од опасниот вид на корона, експертите очекуваат нови нарушувања на светскиот пазар.
Кина не извезува само производи како што се текстил, електроника или мебел. Кина, исто така, извезува важни полупроизводи што се користат во преработката и финализацијата на производите во Германија. На пример, германската автомобилска индустрија увезува електронски делови од Кина. А Кина е се поважна како дестинација за германскиот извоз. Затоа локдаунот во Кина двојно би ја погодило Германија и глобалната трговија – нагласува Винсент Штамер.
Остри мерки
Кинеските власти се обидуваат да ја контролираат ситуацијата. Пристаништето Нингбо се обидува да ги пренасочи бродовите и да го продолжи работното време на терминалите кои работат. Властите на лице место се сепак многу нервозни, а тоа се потврдува со ограничувањата за патување. Иако градот Нингбо се уште област со низок ризик, според локалната канцеларија за јавно здравје, сите летови до Пекинг се суспендирани.
Раководството на Комунистичката партија е во дилема – како истовремено да се заштити Кина од ширењето на вирусот и да се задржи позицијата на главниот центар на светот за меѓународна трговија?
Baltic Dry Index, главниот светски индекс за движење на цените во бродскиот карго превоз, продолжува да расте. Во последниот месец порасна за повеќе од 10%. Причината е брзото ширење на делта-варијантата на коронавирусот, односно ограничувањата поврзани со овој процес.
Цените на контејнерите исто така растат. Превозот на еден контејнер од Шангај до Лос Анџелес поскапе за повеќе од 220% во изминатава година. Сега трошоците за превоз по контејнер на таа рута изнесува 10,322 американски долари.
Извор: Deutsche Welle