ИЧМЕЛЕР ИЛИ МАРМАРИС ВО ТУРЦИЈА И КАКО ДО ТАМУ?
Мармарис е многу поголемо место, пристаништето е прекрасно со одлични ресторанти за ручек. Многу клубови и многу настани кои задоволуваат сечиј вкус. Град каде ноќниот живот е доста активен. Лично, не би останал во Мармарис, но би одвоил неколку денови или ноќи за посета на градот.
Ичмелер е помал, но не е премногу мал, но со поубава плажа од таа во Мармарис.

Мармарис има едно од најголемите природни пристаништа во светот, простран залив кој ги има привлечено сите од Марк Антони до крстоносците и огромните меѓународни јахтинг клубови. Покрај пристаништето, градот отсекогаш постоел како место за одмор и трговија, жив град со бучна чаршија и динамичен ноќен живот, ставен во сендвич меѓу морето и планините со високите борови. Многу од поголемите хотели всушност се наоѓаат во Ичмелер, неколку километри од Мармарис во наредниот залив или во близина на Турунч.
Поврзаност помеѓу Мармарис и Ичмелер
Ичмелер е поврзан со Мармарис со 15-минутно возење на живописниот асфалтен пат опкружен со борови. Некои можат да преферираат и превоз со такси-брод. Општо земено, превозот е обезбеден со минибус, државен автобус или такси-брод со брз пристап до Мармарис и Турунч.
Минибусите од Ичмелер сообраќаат до центарот на Мармарис. Цената на едно возење минатата година изнесуваше 2,50 TL по лице. Минибусите се препознатливи по портокалова лента на бела основа. Повеќето минибуси возат од 07.15 до 01.30 часот наутро.
Такси-брод
Линиите на такси-бродот го поврзуваат Мармарис со Ичмелер во летната сезона од мај до октомври. Тие заминуваат од пристаништето во Ичмелер и централното пристаниште во Мармарис кога имаат доволно патници. Може понекогаш и подолго да чекате на тргнувањето, особено ако сте меѓу првите пристигнати патници во такси-бродот. Надоместокот минатата година изнесуваше 10 TL по лице. Овој транспорт е многу удобен и пријатен, особено во жешките летни денови.
Мармарис е поврзан со грчкиот остров Родос по морски пат, а во туристичката сезона од мај до октомври, брз катамаран, кој вози еден час, заминува двапати дневно од пристаништето во Мармарис. Цените во сезона на повратниот билет изнесуваат 40 € за повратното патување да се изврши во ист ден и 75 € во различни денови. За подетални информации посетете ја веб страната http://rhodes.marmarisinfo.com
Како до Мармарис или Ичмелер?
Од Северна Македонија до Мармарис можете да заминете со авион, сопствено возило, автобус или да комбинирате авион/брод или сопствено возило/брод.
Авион
Со авион можете да заминете со Туркиш Ерлајнс или Пегасус од Скопје со прелет преку еден од Истанбулските аеродроми.
[table id=6 /]
Автобус
Бидејки нема линии за Измир, моменталните врски се преку Истанбул и патувањето трае, Скопје -Истанбул 13 часа, а цената на повратниот билет е околу 4.000 МКД, додека патувањето од Истанбул до Мармарис трае околу 11 часа и цената на билетите се движат околу 50 €, односно 160 ТЛ во еден правец. Еден од подобрите автобуски оператори во Турција е Камил Коч.
Сопствено возило
Доколку се решите да патувате со сопствено возило ќе треба да поминете 1284 километри ( транзит преку Грција), односно во возилото да поминете околу 17 часа, а доколку користете дизел гориво патувањето во еден правец ќе ве чини околу 140€.
Комбиниран превоз
Доколку сакате да комбинирате превоз, во тој случај можете до Мармарис да пристигнете преку Солунскиот аеродром до каде ќе се упатите со сопствено возило и ќе го паркирате возилото во еден од блиските паркинзи до аеродромот каде цената се движи од 3-5€/ден. Од Солун до Родос имате секој дневни летови со Еџијан Ерлајнс во 14:00 (локално време) и пристигање на Родос во 15:05. Секој ден од Родос во 17:00 часот заминува фери брод катамаран за Мармарис и патувањето трае 1 час. Во повраток наутро во 9.00 часот има фери-брод од Мармарис за Родос, а летот за Солун поаѓа во 15:40 и во Солун слетувате во 16:50 локално време. Цената на повратните билети изнесуваат 169€ за авион и 146€ за фери-брод
Плажа
Плажата во Мармарис е популарна повеќе отколку што можеби заслужува. Погледот е прекрасен, но песочната плажа е прилично мала и со многу гужва, додека самиот песок е валкан и сив. Ретко каде можете да најдете место за лежење, а да не сте на лежалка која дополнително се наплаќа но не повеќе од 4 евра. Бројни кафулиња на плажа се обврзуваат да ви дадат бесплатна лежалка ако нарачате пијалок.
Плажата во Ичмелер е мешавина од песок и шиндра, но е далеку подолга, жолта и со помалку гужва. Во Ичмелер исто така можете да одберете и некој спорт како нуркање, возење чамци и парасејлинг.
За навистина убава локална плажа, можете да одите на островот на Клеопатра. Според легендите, островот на Клеопатра како свадбен подарок и го подарил Марк Антониj. Плажата на островот е преубава, надалеку позната по песокот од Египет која е во бисерен облик (мора да се напомене дека изнесувањето на истиот е строго забрането). Но незаборавајте на овој излет да си понесете вода и „грицки“ со вас бидејки цените на островот се високи.
Што треба да се посети во Мармарис?
Мармарис нуди многу на туристите, почнувајќи од плажите на кои врви од луѓе и добри забави, преку шопинг до ноќниот живот. Всушност, постои цела една улица посветена на ноќната забава, каде што еден по друг се редат клубови.
За оние кои бараат малку акција и егзотика на одмор, постојат џип сафари, турски бањи, т.н. турски ноќи – забави кои се изведуваат со традиционални турски пијалаци, храна, стомачни танчерки.
Исто така можете да уживате во ноќните и дневните крстарења и да стигнете до некои од најубавите плажи до кои се стига само со брод. Бидејќи Мармарис е на Егејското Море, можете да патувате до Медитеранот и да имате можност во еден ден да се искапете во две мориња.
Шопинг
Постојат стандардни турски производи, како што се килимите и облеката. Облеката всушност не е брендирана, и покрај етикетите и натписите со звучни имиња, но може да биде со изненадувачки добар квалитет. Можете исто така да најдете за евтини пари кожна гардероба доколку сте подготвени да се ценкате.
Што се однесува до храната, големите супермаркети на Танас и Кип се опремени со сè што може да посакате. Кој има време и нерви, токму во овие маркети може да пазарува.
Повеќето туристи уживаат во посета на пазарите во Мармарис и Ичмелер. На пазарите, можете да најдете производи што ги има и во маркетите, а можете да ги набавите поевтино. Пазарот во Мармарис е отворен секој четврток, а во Ичмелер секоја среда.
Ценкањето по чаршиите е задолжително. Турците се родени трговци и ретко кој ќе ве остави да заминете со празни раце, па макар ви продаде и обични хартиени марамчиња.
Менување на пари, најсигурно ви е во банките, бидејќи приватните менувачници понекогаш имаат голема разлика во курсот.
Ноќен живот
Во Мармарис, на Бар сокакот се нуди врвна забава. Се наоѓа во Стариот град и брои повеќе од 100 клубови, а истите работат до 4 часот наутро. Секогаш можете да се загреете во некои од кафулињата на плажа, бидејќи цените на пијалоците во клубовите се многу повисоки.
Ичмелер, очигледно, го добива мојот глас!