ЗАПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА НАЈДОЛГИОТ ЖЕЛЕЗНИЧКИ ДВОЦЕВЕН ТУНЕЛ НА БАЛКАНОТ
Во Бугарија започна изградбата на најдолгиот железнички двоцевен тунел изграден досега на Балканот.
Почетокот на градежните активности е во рамките на проектот за модернизација на железничката делница Елин Пелин-Вакарел кој е одобрен на 15 јули 2021 година. Локалитетот е дел од главната железница во правец Исток – Запад и е една од најважните за Бугарија и соседни земји на Европски коридор број 8 и на транзитната ТЕН-Т мрежа во Бугарија.
Трасата е долга 20 км и е дел од проектот „Модернизација на железничката делница Елин Пелин – Костенец“. Во реконструкција на делницата од 20 километри ќе бидат инвестирани 498 милиони лева во рамките на две оперативни програми „Транспорт и транспортна инфраструктура“ 2014 – 2020 година и „Транспортна поврзаност“.
Активностите вклучуваат изградба на 6,8 километарски тунел со две цевки. Дизајнираните брзини за превоз на патници се 160 км на час и за товарен превоз 120 км на час.
Модернизацијата на железничката линија Елин Пелин – Вакарел вклучува и изградба на нова станица Елин Пелин и станицата Побит Камак, ќе има повеќе тунели, надвозник и подвозник, мостови и надвозници. Изградбата требаше да започне пред две години, но се одложи поради тендерските жалби.
„Главниот објект во оваа делница е тунелот“, рече генералниот директор на НРИЦ, Красимир Папукчииски. Ова е огромна локација, затворена од двете страни со надвозници, приодите за работа се многу тешки и затоа во средината на објектот ќе се најде јама за да може истовремено да се работи на четири фронта. За сите 20 километри од овој проект, ќе работат преку 230 специјалисти за тунели во две смени, па дури и деноноќно според новиот австриски метод. На оваа траса ќе се надоврзе со трасата до Република Северна Македонија, додаде Папукчииски.