ЕК ГО ОБЈАВИ ГОДИШНИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА НАПРЕДОКОТ НА НАШАТА ЗЕМЈА, ВО ТРАНСПОРТОТ НИШТО НОВО

Изборната година се рефлектираше во извештајот, односно во повеќето делови од сообраќајните гранки е статус кво, ништо не е помрднато од претходниот извештај, па затоа одлучив текстот кој беше објавен за претходниот извештај само да го променам таму каде што има потреба.

Земјата е умерено подготвена во областа на транспортот.

Постигнат е ограничен напредок во изминатата година. Потребна е зголемена политичка посветеност за да се постигнат неопходните секторски реформи. Исто така, треба да се зајакнат административните и оперативните капацитети за сите видови транспорт.

Земјата, особено треба:

  • да го зајакне оперативниот и административниот капацитет на инспекциските тела и да ги развие капацитетите за спроведување заради намалување на жртвите во патната и железничката инфраструктура;
  • да ги спроведе реформските мерки за поврзување на реформите во железничкиот сообраќај и за отворање на пазарот за железнички превоз барем за домашните и регионалните претпријатија, како и да воспостави национален систем за континуирано собирање податоци за патен сообраќај;
  • да донесе законодавство за интелигентни транспортни системи и комбиниран транспорт и да вложи дополнителни напори да создаде стратешка рамка за спроведување на системите и основните мрежи;
  • Посебно загриженоста од страна на Европската комисија се однесува во железничкиот сектор каде нема ефикасни мерки за реформи во железницата за да се намали зависноста од патниот сообраќај и сè уште не е формирано независното истражно тело.

ПАТЕН СООБРАЌАЈ

Во патниот сообраќај неколку години наназад не е целосно усогласено законодавството за социјална заштита и безбедност, како и посветеноста во подобрувањето на образованието и обуката.

Потребни се дополнителни напори во подобрување на образованието и обуката, како и зголемување и зајакнување на капацитетите, особено на административните и техничките капацитети на Државниот инспекторат за транспорт. Законодавството за чиста енергија и енергетско-ефикасни возила во патниот сообраќај и за интелигентни транспортни системи сè уште е потребно да се усогласи со европското законодавство.

Исто така ЕК побара понатамошно усогласување за казните за непочитување на Европскиот договор за работата на екипажот на возила кои се занимаваат со меѓународен патен транспорт (AETR).

ЖЕЛЕЗНИЧКИ СООБРАЌАЈ

Во железничкиот сообраќај не сè уште одвоени сметките на националниот оператор за патнички и товарни активности и нема усогласување на примената на многу од одредбите на Единствената европска железничка област.

Целосното отворање на железничкиот пазар уште еднаш е нотирано во забелешките, како и договорите за прекугранична железничка соработка со Грција и Косово кои сè уште треба да бидат целосно спроведени.

Во ноември 2019 година, железничките власти ја потпишаа Декларацијата за европска култура на безбедност во железницата, која има за цел да ја подигне свеста и да промовира позитивна култура на безбедноста во целата индустрија.

ВОЗДУШЕН СООБРАЌАЈ

Во воздушниот сообраќај, земјата одржа добро ниво на усогласеност, но сè уште не е постигнат напредок во исполнување на барањата од првата преодна фаза од Спогодбата за европски заеднички воздухопловен орган. Европската агенција за воздухопловна безбедност треба да провери дали земјата е целосно усогласена со и спроведувањето на Единственото европско небо.

КОМБИНИРАН СООБРАЌАЈ

Во однос на комбинираниот сообраќај, не е направен напредок во однос на претходните извештаи, а кои се однесуваат на донесување соодветна законска регулатива која веќе почнува да се чувствува како недостаток во понудата на транспорт во нашата земја.

Останува надежта дека наредните години ќе бидат моментот кога ќе се преклучиме на реформите на ЕУ во копнениот транспорт и наредниот Извештај ќе се разликува од претходните извештаи.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *