ВИЕНА – ВИСТИНСКА ЕВРОПСКА КУЛТУРНА ПРЕСТОЛНИНА
Седиштето на некогаш моќната Хабсбуршка империја, сè уште ја покажува целата своја убавина, која, „оградена“ со Рингот (Ringstraße) е највеќе „сконцентрирана“ во центарот на градот.
Врз основа на богатото наследство од времето на Хабсбург, Виена денес е вистински европски културен главен град.
Историски податоци и занимливости
Историјата на Виена, една од најважните метрополи во Европа е долга и интересна.
Приказната започнува со римската населба Виндобона, основана во 1 век п.н.е. со цел да се заштити римската граница. Со распадот на Римската империја во 5. век, доаѓа период на бројни конфликти, кога Виндобона честопати минувал во рацете на спротивставените страни.
Со јакнењето на семејството Бабенберг, Виена се стекнува со важност и во средината на 12. век станува центар на нивната маркгрофовија Остаричи, од која подоцна ќе се развие Австрија. Во тоа време започна развојот на винарството во таа област, а интересно е што лозјата во Виена се опстанати до ден-денес. Винските гостилници, т.н. хојригери (Heuriger), денес се многу популарни меѓу туристите, а најдобро место за нивно испробување е округот Гринцинг (Grinzing).
Средината на 14. век била обележана со основањето на Универзитетот во Виена, еден од дваесетте најстари во Европа. Денес, Виена има повеќе од десет универзитети, државни и приватни, но „матичниот универзитет“ е сè уште најголем. Да споменеме и дека Универзитетот во Виена е заслужен за девет Нобелови награди, со дури седум од нив освоени за само 22 години – од 1914 до 1936 година.
Османлиите во мисија да ја освојат Виена
Продорот на Османлиите кон Централна Европа била голема опасност за Виена и Хабсбург, при што се започнало со изградба на силни sидини. Првата опсада се случила во 1529 година, за време на владеењето на Сулејман Величествениот и била неуспешна за Османлиите.
Следните сто години биле обележани со натамошно утврдување на одбранбените ѕидини, а главниот тест бил во 1683 година, кога Виена било местото на нова голема битка со Османлиите. Армијата на Хабсбург тешко се спротивставила, сè додека на помош не пристигнала полската војска предводена од кралот Јан Собиески. Конечната победа на „христијанската коалиција“ го означила крајот на проширувањето на Османлиската Империја во Централна Европа.
Конечното ослободување од османлиската закана го означила почетокот на најдинамичниот период во историјата на Виена. Неколку години по битката, почнале да се отвораат првите кафеани, за кои никој не претпоставувал дека на крајот ќе станат вистинска виенска „институција“.
Во текот на следните двесте години биле изградени голем број на згради, поради што денес Виена се смета за еден од најубавите градови во Европа. Особено плодна била втората половина на 19 век, кога императорот Франц Јозеф конечно решил да ги сруши одбранбените sидини, кои веќе биле целосно неефикасни за одбраната на градот и да го изгради познатиот Ринг (Ringstraße).
Виена се развива со неверојатна брзина
Развојот на градот бил проследен со неверојатно зголемување на популацијата. Уште во 1754 година, Виена била населена со околу 175.000 жители, а до 1910 година бројот на жители надминал два милиони! Значи, за нешто повеќе од 150 години, населението во Виена се зголемило за повеќе од 11 пати! На почетокот на 20. век, во однос на населението, само Лондон, Париз и Берлин биле поголеми од Виена.
Таков голем град бил достоен за огромното царство од каде се управувало со него, но наскоро следи Првата светска војна, по што Виена станува главен град на помалата Австрија. Времето до Втората светска војна е обележано со разни реформи насочени кон подобрување на животот на граѓаните, но и со внатрешно-политички конфликти.
После големото уништување, претрпено за време на најголемата војна во историјата, Виена некое време била поделена во интересни зони од страна на четирите сили – САД, СССР, Велика Британија и Франција. Странските трупи останале во Виена до 1955 година, кога Австрија конечно станува слободна земја и започнува со враќање на позицијата на една од најразвиените европски и светски земји.
Современа Виена
Втората половина на 20. век е обележана со континуиран развој на градот. Во 1978 година била отворена првата метро линија, денешниот ‘рбет на јавниот транспорт во Виена, инаку познат како град со најдобар европски систем на јавен превоз.
Една година подоцна, во Виена е отворено седиштето на ООН, едно од трите во светот – другите две се наоѓаат во Њујорк и Женева. Оваа градба е „круна“ на обновениот кеј на Дунав, на која се работело во текот на 1970-тите. Во тоа време, започнала изградбата на вештачкиот остров на Дунав – Донауинзел (Donauinsel). Островот е завршен во 1988 година, давајќи му место за рекреација на Виена – од сончање, пливање до спортски активности – навистина има многу што да се прави на островот. Донауинзел е исто така дом на Донауинселфест (Donauinselfest), најголемиот европски бесплатен фестивал на отворено. Се одржува кон крајот на јуни и привлекува околу три милиони посетители.
Знаменитостите во Виена
Повеќето знаменитости на Виена можете да ги видите околу Рингот. Поаѓајќи од Националната Опера (Staatsoper), па сè до Градската куќа (Rathaus), што неодоливо потсетува на истата во Брисел.
Плоштадот пред Градската куќа е најпознат по традиционалниот Божиќен базар (Christkindlmarkt), кој привлекува неколку милиони посетители секоја година. Таму можете да уживате во одлични деликатеси, колачи или рачно направени украси за елка, па уште ако ладниот виенски ветер продре до вашите коски, немате друг избор освен да се вратите назад на штандот по чаша варено вино или пунч!
Од другата страна на улицата се наоѓа Дворскиот театар, подоцна наречен Царски театар (Burgtheater), а малку подоле е Универзитетот во Виена (Universität Wien).
Двете најимпресивни згради долж Рингот се Парламентот, чија архитектура е инспирирана од старогрчките храмови, како и царската палата Хофбург (Hofburg). Таа се карактеризира со бројни раскошни одаи и дворови во кои се кријат вредни историски љубопитства, од кои најинтересни за посетителите се оние што се поврзани со царицата Сиси, најпопуларната станарка на оваа палата.
Главниот градски симбол е прекрасната готска катедрала Св. Стефан (Stephansdom), чија историја датира од 12. век.
Ако ги сакате познатите снежни топки како сувенир, многу од нив ќе го имаат Штефансдом како мотив што ги краси. Спроти катедралата се наоѓа контроверзниот Хас Хаус (Haas Haus), кој предизвика многу полемики со неговиот модерен изглед. Имено, зградата е доста висока и го заткрива погледот на црквата, што практично е видливо само кога ќе пристигнете пред неа. Сепак, зградата е добро вклопена во околината, а многумина дури и не ја забележуваат.
На страна од плоштадот, Штефансплац (Stephansplatz), има бројни кочии што можат да ве однесат до едната од другите градски цркви како што се Вотифкирхе (Votivkirche), Петерскирхе (Peterskirche) или Карлскирхе (Karlskirche), која е изградена како завет за заштита од чума и чии карактеристични икони се два столба покрај една убава барокна купола.
Како вистински царски град, Виена исто така има бројни дворци, од кои најпознати се Белведере со своите градини, како и Шенбрун (Schönbrunn), кој е под заштита на УНЕСКО и каде се наоѓа Тиргартен (Tiergarten), најстарата зоолошка градина во светот.
Музејскиот кварт (Museumsquartier) е името на најпознатиот културен дел од градот, кој воедно е е осма по големина музејска област во светот. Ако тоа не е доволно за вас, тогаш знајте дека Музејот за историја на уметноста (Kunsthistorisches Museum, KHM), Природно-научниот музеј (Naturhistorisches Museum, NHM) и Албертина се во близина.
Уметноста навистина го краси овој град и тоа подеднакво, современата уметност која ја симболизира популарната куќа Хундертвасер (Hundertwasserhaus), чии шарени бои и облици изгледаат како да лебдат, и таа од минатото, што може да се види по бројните споменици на великаните како Моцарт, Бетовен, Шуберт или Штраус.
Виена, гастрономски град
Виена е исто така град на одлична кујна. Веројатно сите сте слушнале за виенската шницла (Wiener Schnitzel), како и за Захер (Sacher) тортата . Но, дали знаевте како настанала? Во почетокот на 19. век, г. Метерних, австрискиот министер за надворешни работи, го замолил својот готвач да подготви специјален десерт за еден важен прием за да ги импресионира гостите. За несреќа, таа вечер неговиот готвач се разболел и бил заменет со шеснаесетгодишниот чирак, Франц Захер (Franz Sacher). Иако на сите од почетокот им застанала грутка во грлото, како резултат испаднала … торта!
Малку јајца, путер, чоколада, џем од кајсија и преливот над сè, го направи овој десерт главен специјалитет на целата Монархија.
Денес, во шпиц на сезоната, од хотелот „Захер“, дневно излегуваат повеќе од илјада торти! Вреди да се спомене и слаткарата Демел, кое го добила името по некогашниот главен дворски слаткар на Монархијата и која е уште една што има право да го користи името Захер. Единствената разлика е во тоа што во нивната торта џемот од кајсија се наоѓа веднаш под врвот на чоколадото, за разлика од оригиналот, каде што се става во средината на тортата.
Кафеанската култура тука е вистинска институција, нешто што мора да го пробате ако сакате да ја почувствувате вистинската атмосфера на Виена.
Вистинската кафеана обично се наоѓа во една од историските палати, горниот дел на масата е изработен од мермер, гостите имаат голем избор на весници, а гостите честопати ги забавува пијанист.
Се разбира, изборот на кафе е разновиден, има и разни колачи и десерти и разни други јадења. Покрај кафето и тортите, во виенските кафеани е традиција да се оди на појадок, обично достапни во форма на разни утрински менија.
Она што особено се потенцира во виенските кафеани е отсуството на временска димензија, т.е. комплетно препуштање на задоволството кое трае со часови, при што келнерите никогаш нема да си дозволат да се однесуваат така што би имале чувство дека ве бркаат.
Една од најдобрите градски кафеани е Café Central (www.palaisevents.at/cafecentral.html), кое се наоѓа во прекрасната палата Ферстел, недалеку од Хофбург.
Познататата кафеана Café Landtmann (www.landtmann.at) се наоѓа веднаш до Царскиот театар, спроти Градската куќа.
Ако сакате да ја почувствувате атмосферата на место каде што своите денови ги поминувале или ги посетиле Зигмунд Фројд, Роми Шнајдер, Марлен Дитрих или Пол Мекартни, упатете се на едно од овие две места.
Ако барате малку повеќе боемска атмосфера, можете да ја најдете во Café Hawelki (www.hawelka.at), каде што би можеле да наидете на локалните уметници уживајќи во нешто помалку ексклузивна, но сепак шармантна атмосфера. И ова место е домаќин на многу познати личности, како што е славниот уметник и архитект Фриденсрајх Хундертвасер или Енди Ворхол.
Виена денес
Сега, без разлика дали сакате воглавно културно да се кренете или малку да се опуштите во познатите виенски кафулиња, прошетајте по Пратер и Донауинзел, направете мал шопинг на Маријахилферштрасе (Mariahilferstraße) и Кернтнер штрасе (Kärntner Straße) или пак да одите на вечерна забава околу Рингот и Гертел, одлуката е во целост на вас! Градот во кој најдобро се живее во светот, како што тврди консултантската компанија Мерсер, сигурно има многу да ви понуди!
Јавниот превоз во Виена
За јавниот превоз задолжена е Винер Линиен (Wiener Linien). Мрежата за јавен превоз е многу обемна и со јавниот транспорт можете да дојдете до сите важни локации во градот.
Метрото, автобусите, трамвајот и железницата се добро организирани, со што јавниот превоз во Виена (www.wienerlinien.at) е еден од најдобрите во Европа. Важно е да се напомене дека транспортот на споменатите превозни средства е интегриран, односно купениот билет е валиден во секој од нив, така што на пример можете да комбинирате возење со сите превозни средства.
Цените на јавниот превоз се умерено високи, на пример, 24 часовен билет изнесува 8 €.
Превозот до Виена
До Виена од нашата држава можете да стигнете авионски преку скопскиот (оперира Аустријан ерлајнс) и охридскиот аеродром (со Виз ер), а можете и да летате до аеродромот кај Братислава кој е 30 минути оддалечен од Виена.
Од и кон аеродромот во Виена можете да го користите сервисот на Австриски железници – САТ или Реилџет. Цената на повратниот билет со САТ изнесува 21€ и при упатување кон аеродромот во повраток, можете да се чекирате и вашиот багаж да го предадете уште на железничката станица во центарот, Виена Мите.
Кон Виена од нашата држава има автобуски превоз, а секако и можноста за превоз со сопствено возило е исто така реална.
Со сопствено возило потребни се околу 9,5 часа да поминете 1000 километри пат преку Унгарија, а патните трошоци, во зависност од возилото изнесуваат околу 100 € во еден правец.
Што е Vienna Card
Vienna Card е 24-часовна, 48-часовна или 72-часовна картичка која ви овозможува бесплатно користење на јавниот превоз во Виена, а исто така можете да добиете попуст за трансферите до аеродромите. Покрај тоа, со оваа картичка можете да искористите повеќе од 200 различни попусти.
Vienna Card ви ги нуди следниве придобивки:
- Бесплатен јавен превоз или бесплатно разгледување со туристички автобуси на принцип „хоп он хоп оф“.
- Едно дете до 15 годишна возраст може да се вози бесплатно придружувано од возрасно лице кое има Vienna Card за бесплатен јавен превоз.
- Повеќе од 200 попусти во партнерски капацитети, од музеи, театри и други градски знаменитости, преку ресторани и вински кафеани до продавници.
Дали се исплати Vienna Card?
Од сите европски градски картички, Vienna Card е веројатно најлесниот избор. Ако останете во Виена неколку дена и имате намера да користите јавен превоз, тоа ќе ви се исплати доколку посетите 3 до 4 музеи. Имајте на ум дека многу музеи обично нудат попусти за студенти и млади од 18 до 26 години, така што Vienna Card можеби не е толку привлечна за оваа возрасна група.