ЗОШТО ИНТЕГРИРАН ТРАНСПОРТЕН СИСТЕМ МУ Е ПОТРЕБЕН НА ГРАДОТ СКОПЈЕ
Современо општество втемелено на хумани вредности, кое им овозможува на своите граѓани висок квалитет на живот, бара модерни, иновативни и одржливи решенија. Ако зборуваме за транспортот, квалитетот на транспортниот систем многу се рефлектира на квалитетот на животот на сите граѓани. Зошто? Можеме да дадеме едноставен или сеопфатен одговор на ова прашање. Едноставниот одговор може да биде – транспортот е важен.
Транспортот игра клучна улога во скоро секој аспект на човековиот живот, како на локално така и на глобално ниво. Во Европската унија, како и во светот, транспортот генерира околу 5% од вкупниот бруто-домашен производ и обезбедува работни места за околу 10 милиони луѓе.
Важноста на транспортниот систем може да се разгледа и преку фактот дека секој пат кога ќе го напуштиме нашиот двор или влезот од зградата во која живееме, ние сме дел од транспортниот систем, без разлика дали пешачиме, возиме велосипед, патуваме со јавен превоз или користиме автомобил.
Современите транспортни решенија мораат пред сè да се водат според принципите на одржливост со цел да се излезе во пресрет на предизвиците со кои сме соочени.
Град Скопје – современи решенија
Граѓаните и деловната заедница во градот Скопје и неговата околина денес се изложени на голем број предизвици што ги поставува постојното општество. Економските промени, промените во системот на работа и школување, како и промените во останатиот општествен живот бараат современи решенија. Ако општеството не одговори на предизвиците на овие промени, секако негативно ќе влијае врз животот и работата на луѓето, впрочем сведоци сме секој ден на овие негативности.
Бројот на патувања со автомобили е во пораст, додека одржливите транспорти како железничкиот и автобускиот превоз стагнираат или опаѓаат. Исто така, се забележува тренд на намалување на услугите во јавниот превоз, стагнација на должината на патеки за пешачење и велосипедски патеки, како и зголемено патување со автомобили.
Сето ова води кон значително намалување на одржливоста на транспортниот систем, намалување на можноста за патување на населението, намалување на можноста за превоз на стоки, со тоа намалување на конкурентноста на претпријатијата, зголемено уништување на животната средина, поголема потрошувачка на погонска енергија и намалување на безбедноста во сообраќајот, а со тоа и поголемо влијание врз човековото здравје и зголемена загуба на човечки животи. Сето погоре е веќе потврдено со спроведени истражувања за градот Скопје.
Интегриран транспортен систем
Секако целта треба да ни биде создавање на интегрирани и интермодални системи за транспорт. Кога станува збор за превоз на патници, некои транспорти на јавниот превоз имаат свои недостатоци, но ако се комбинираат, недостатоците може да бидат прилично минимизирани, а комбинираното делување кое произведува синергиски ефекти може многукратно да ја зголеми ефикасноста на целиот систем.
Така зборуваме за интегриран транспортен систем каде што:
- Железницата ќе биде костур на градскиот и приградскиот превоз
- Автобускиот превоз дополнение на крвотокот, покрај основните линии, поврзување на населените места со железничките постројки (задоволување на минималниот стандард на 400 м, односно на800 метри од домот да постои станица на јавниот превоз;
- Електрични возила и е -автобуси во центарот на градот и
- Јавни велосипеди.
Интегрираниот транспортен систем ги користи предностите на сите средства во системот, а нивната соработка во голема мера ги елиминира недостатоците на поедини превозни средства. Овозможува создавање на интермодални терминали, односно места каде што е лесно да преседнете од едно на друго превозно средство, усогласување на возните редови помеѓу различни превозни средства и употреба на единствени превозни билети за сите видови на превоз во системот.
Покрај тоа, овој систем носи голем број економски придобивки и за корисниците и за превозниците и за учесниците вклучени во субвенционирање на јавниот превоз.
Имајќи го предвид горенаведеното, се извлекува заклучок за потребата од преземање итни чекори за промена на постојната неповолна сообраќајна состојба, а првиот чекор по овој пат е да се развие нов стратешки Мастер план на градот и околината. Целта е да се создаде стратешка основа за современи транспортни проекти што ќе го зголемат квалитетот на животот на граѓаните и ќе ја зголемат конкурентноста на економијата.
Пред креирањето на Мастер планот, потребно е да се развие четирифазен сообраќаен модел на анализа на проток на сообраќајот. Моделот е всушност јасна претстава за постојната сообраќајна состојба, т.е. побарувачка и понуда на превоз. Сосема едноставно, тоа покажува кој, кога и каде патува или кога и каде се превезува стоката. Овој модел е јасен показател за моменталната состојба и што е уште поважно, тоа е основа за симулирање на сите идни посакувани состојби, а не желбите.
Мерки кои лесно може да се евалурираат во сообраќајниот модел
ИНФРАСТРУКТУРНИ МЕРКИ
Подобрување на пешачката инфраструктура;
Проширување на пешачките патеки;
Раздвојување на пешачките зони од останатите видови на сообраќај;
Изградба на велосипедска инфраструктура;
Изградба на интермодални терминали, точки на интеграција и состанувања во системот на јавниот превоз;
Воведување на системот Park & Ride;
Изградба на нови постојки за градската и приградска железница;
Уредување на сите станици и постојки во согласност со прописите;
Зголемување на бројот на ленти резервирани за возила за јавен превоз;
Адаптација на инфраструктурата на лица со посебни потреби;
Изградба на информатичка инфраструктура за управување со системот и квалитетно информирање на корисниците и
Набавка и/или адаптација на возила за јавен превоз на лица со посебни потреби.
ОРГАНИЗАЦИСКИ МЕРКИ
Воведување и развој на коридори за ученици;
Интеграција на системите за јавен превоз
Воведување на приградски железнички систем;
Воведување на заеднички тарифен систем;
Воведување на интегриран тактен возен ред;
Воведување на услуги за јавен превоз на барање;
Воведување систем за споделување автомобили;
Повторно воведување и понатамошен развој на системот за изнајмување на јавни велосипеди;
Воведување нови канали за продажба на билети;
Зголемување на бројот на еколошки прифатливи возила во јавниот превоз и
Воведување приоритет на возилата за јавен превоз.
ОСТАНАТИ МЕРКИ
Континуирано собирање на податоци за мобилноста и функционирање на системот;
Создавање база на податоци неопходна за развој на јавниот превоз;
Утврдување на минимални критериуми за мобилноста на граѓаните;
Едукација на граѓаните за ефективната и безбедна употреба на јавниот превоз и
Организирање на промотивни кампањи за придобивките од јавниот транспорт.
Конечно, мора да се заклучи дека долг е патот за засегнатите страни да го подобрат транспортниот систем, животот и работата во градот Скопје и околината. Сигурно нема да биде лесно да се запре иселувањето на младите луѓе и стагнацијата на бројот на работни места.
Подобриот транспортен систем заснован на одржливост не може сам да ги врати овие трендови, но може многу да помогне.