ЕВРОПСКА КОМИСИЈА: ЗЕМЈАТА Е УМЕРЕНО ПОДГОТВЕНА ВО ОБЛАСТА НА ТРАНСПОРТОТ
На 29 мај, Европската комисија го објави Годишниот извештај за напредокот на РС Македонија при што нотираше дека нема ништо ново во нивото на подготвеност во областа на транспортот, односно постигнат е ограничен напредок од претходниот извештај, особено во реформите во железницата.
Иако други теми во Извештајот на Европската комисија за напредокот на РС Македонија се повеќе актуелни како и чистата препорака за отпочнување на преговорите, во транспортниот дел заклучено е дека нема напредок во различните области на транспортот, пред се во железницата, но и во патниот, водниот и воздушниот транспорт. Ова покажува дека не го искористивме периодот од претходниот извештај за спроведувањето на реформите и дека како држава сè уште сме далеку од највисоките европски стандарди во оваа област.
Земјата е умерено подготвена во областа на транспортот. Постигнат е ограничен напредок во изминатата година. Потребна е зголемена политичка посветеност за да се постигнат неопходните секторски реформи. Исто така, треба да се зајакнат административните и оперативните капацитети за сите видови транспорт. Земјата, особено треба:
-
да го зајакне оперативниот и административниот капацитет на инспекциските тела и да ги развие капацитетите за спроведување заради намалување на жртвите во патната и железничката инфраструктура;
-
да ги спроведе реформските мерки за поврзување на реформите во железничкиот сообраќај и за отворање на пазарот за железнички превоз барем за домашните и регионалните претпријатија, како и да воспостави национален систем за континуирано собирање податоци за патен сообраќај;
-
да донесе законодавство за интелигентни транспортни системи и комбиниран транспорт и да вложи дополнителни напори да создаде стратешка рамка за спроведување на системите и основните мрежи;
Посебно загриженоста од страна на Европската комисија се однесува во железничкиот сектор каде нема ефикасни мерки за реформи во железницата за да се намали зависноста од патниот сообраќај и сè уште не е формирано независното истражно тело.
ПАТЕН СООБРАЌАЈ
Во патниот сообраќај неколку години наназад не е целосно усогласено законодавството за социјална заштита и безбедност, како и посветеноста во подобрувањето на образованието и обуката. Потребни се дополнителни напори во подобрување на образованието и обуката, како и зголемување и зајакнување на капацитетите, особено на административните и техничките капацитети на Државниот инспекторат за транспорт. Законодавството за чиста енергија и енергетско-ефикасни возила во патниот сообраќај и за интелигентни транспортни системи сè уште е потребно да се усогласи со европското законодавство.
ЖЕЛЕЗНИЧКИ СООБРАЌАЈ
Во железничкиот сообраќај сè уште не се одвоени финансиски патничкиот и товарниот транспорт на националниот оператор МЖ Транспорт АД Скопј,а и примената на многу од одредбите на Единствената европска железничка област не е усогласена. Целосното отворање на железничкиот пазар уште еднаш е нотирано во забелешките, како и договорите за прекугранична железничка соработка со Грција и Косово кои сè уште треба да бидат целосно спроведени.
ВОЗДУШЕН СООБРАЌАЈ
Во воздушниот сообраќај, земјата одржа добро ниво на усогласеност, но сè уште не е постигнат напредок во исполнување на барањата од првата преодна фаза од Спогодбата за европски заеднички воздухопловен орган. Европската агенција за воздухопловна безбедност треба да провери дали земјата е целосно усогласена со и спроведувањето на Единственото европско небо.
КОМБИНИРАН СООБРАЌАЈ
Во однос на комбинираниот сообраќај, не е направен напредок во однос на претходните извештаи, а кои се однесуваат на донесување соодветна законска регулатива.
Иако клучните стратешки документи за транспортниот сектор и неговите сродни сектори се веќе донесени, како и новата Национална стратегија за транспорт 2018-2030, сè уште нема напредок во зајакнување на слабите оперативни и административни капацитети за сите видови транспорт.
Владата на последната 138. седница го задолжи Секретаријатот за европски прашања да подготви План за реализација на краткорочните приоритети од Извештајот на ЕК. Побара веднаш да ја достави деталната анализа и Планот за динамика на ревизијата на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ до ресорните институции и работни групи за усвојување европското право. Ресорното министерство сè уште не е излезено со свој коментар по однос на извештајот.